Минатото е лага, сегашноста изобилие од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, и сѐ во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс, што, со силата на интензивна медиумска сугестија, нѐ плени и нѐ подредува според логиката на театарот на апсурдот, која немо и без поговор ја следиме како дневни активни протагонисти
Новинарите во иднина ќе мора пред адхок-трибунали да одговараат еднакво како и политичарите и армиите за злосторства против човештвото, оти, наместо да информираат објективно, ја заменија професијата со пропаганда, изјави и предвиде Ноам Чомски во визионерскиот говор на светската новинарска конференција одржана во Сеул (Јужна Кореја), во 2011 година.
Во својата беседа, елоквентниот научник, филозоф и публицист ги нарече новинарите маринци – морнаричка пешадија, логистика и претходница на завојувачките армади.
„Колку што гледам, таму сме. Ја презедовме функцијата на институциите. Во името на својата апсолутна слобода и слободен избор, обвинуваме, судиме и осудуваме по кратка постапка. Слободно ем демократски. По евроатлантски стандарди. А после? Е, после ќе плачеме дека не сме знаеле, дека нѐ злоупотребиле, нѐ лажеле. Аналогно, сме биле жртви“. Така говореше Ноам Чомски.
Според маркетиншките анализи на силните корпорации, луѓето многу повеќе трошат во време на војни, катастрофи, скандали, несреќи. Глобалните медиуми се вклучуваат во стратегиите на корпоративниот капитал и неговата транснационална експанзија, која реалниот свет го третира како пазар и го допира виртуелно, создавајќи притоа безбедна дистанца од која безмилосно го експлоатира и владее.
Сите умирања, безредија, конфликти, се само дел од голема видеосимулација што самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат со поддршка и стратегии на глобалните, регионални, локални медиуми.
Од ваквите гревови и не е настрана ниту македонскиот новинар, чиј светоглед е трајно дефицитарен и е дел од општиот галиматијас.
Во Македонија одамна нема амбиент за слободни и одговорни медиуми. Се одвиваат ригидни процеси во целото општество, кои и тоа како се поврзани со работата во медиумската сфера и општото ниво на демократијата. Во состојба на изострена медиумска војна, хиперпродукција на медиуми и новинари, поради големината на влогот и интересите, соодветни на големината на земјата, во дејноста никогаш не е докрај разјаснето што, кога и како може да се пласира како информација, при што е забележливо често отсуство на мера за етичност. Во услови на докрај неизградена регулатива правно издржани мерила и норми, дузина самопрогласени аналитичари, експерти, авторитети во име на вистината и истражувачкото објективно новинарство се впрегнати во создавањето конфузија и ниска магла. Тоа се поединци и групи журналисти и медиумски „авторитети“ впрегнати од политиките во медиумски пресметки, хистерични конвертити, набрзина остручени по кумровечки терк. Оние „највредните, најагилните и најобективните“ се произведувани во амбасадори, конзули, државни портпароли, шефови на партиски штабови, парламентарци, а неколкумина и богато наградени со акции од транзицискиот плен.
Тоа е извесната категорија мегамедиумски херои, набрзина „остручени“ хистерични конвертити, кои вешто и со способноста сѐ и сешто да анализираат, негираат и да изрелативизираат вешто се имплементираат во секоја сфера на нашата реалност. Тие со своите експертски вербални бравури успешно под плаштот на силни залагања за слободата на говорот, изразувањето, во име на „како божем“ демократското право и повикот во потрага по вистината го балансираат и одржуваат својот рејтинг и го штитат сопствениот интерес.
Многу курентна е политичката пропаганда, со пласирање ставови и контраставови приспособени на политичката инклинација на медиумот. Веќе сѐ е или политика, или длабоко поврзана со неа. И, секако, валоризацијата на тој медиумски напор се реализира преку матните системи на коруптивна поддршка. Во не толку далечното минато, видни новинари и раководен кадар во јавниот сервис и во Гутенберговата сфера беа произведувани во амбасадори, конзули, дипломатски службеници. Тоа беше награда за лојалноста и преданоста. Таквиот тренд продолжи и во време на независноста и транзицијата, и се прошири и во домицилното политичко дејствување и живеење. Видни новинарски пера и личности по успешните изборни циклуси беа прекомандувани во државните институции, како портпароли, шефови на партиски пропаганди, советници кај претседателот на државата.
Оние што се колнат дека работат од алтруизам и чиста борба за вистина и демократија најверојатно ја смета јавноста за недоветна и наивна. Односно, кој и да е, тој што финансира некаков медиум, има и одреден интерес. Според процените на аналитичарите, за да се формира медиум, за почеток се потребни милион евра. А тој што вложува, има некаква цел и интерес и се разбира и влијание врз дејноста.
Минатото е лага, сегашноста изобилие од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, и се во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс, што, со силата на интензивна медиумска сугестија, нѐ плени и нѐ подредува според логиката на театарот на апсурдот, која немо и без поговор ја следиме како дневни активни протагонисти.
Објективни и слободни медиуми, хм! Еве, уште еднаш да повториме и подвлечеме. Такви денес нема и не постојат, освен некои форми и траги, привид, низ кои, објективно, се потураат, пренесуваат, содржини, известувања, скриени агенди, спинови и значења.
Можеби за такви можат да се сметаат некои визури и кадри од месечината и вселената, кои Земјината топка ја третираат и посматраат глобално во широк тотал? Или е и тоа некаква атракција монтажа дека тие објективно пренесуваат погледи известувања и значења. Медиумите денес веќе ништо не пренесуваат, туку се цел на самите себе или се пленици на матните регионални и глобални политички платформи што секојдневно ги анектираат и /зло/употребуваат за сопствени цели и интереси.
Но и покрај сѐ, убеден сум дека постојат и други новинари, образовани и воспитани, чесни, кои навистина не сакаат да пишуваат и објавуваат секакви нешта и кои знаат дека е тоа погрешно. Тие го прават тоа само поради одредени околности и нездрави услови во дејноста со која се занимаваат. Нивниот повик, на кој се принудени јавно да испорачуваат содржини што јавноста ги сака и да се натпреваруваат со другите новинари да го задоволат вулгарниот апетит на толпата. Оваа позиција е понижувачка за секој образован човек и јас не се сомневам дека повеќето од нив ја доживуваат мошне болна.