Среде сета врева и грдотија на претседателската кампања, а непосредно пред посетата на папата, добив навидум едноставна порака од една млада мајка. Беше стигната во вистинско време, во мигот кога страстите, очекувањата, надежите и пизмата го достигнуваат својот (неславен) врв некој сакаше да погледнеме долу, да се приземјиме и низ инаков ракурс да посведочиме каде и како живееме. Со дозвола на мајката Ана, ја пренесувам интегрално нејзината порака и идеја напишана на Фејсбук: „Денес заедно со Вардан почнуваме еден наш проект. Велам ’наш’ затоа што тој денес ми ја ’плесна’ вистината в лице. Излеговме да се повозиме со велосипедите, требаше да биде кратка дестинација, околу сто метри до кејот на Вардар. Додека возиме тој вообичаено си мрмори нешто, а јас нешто слушам, нешто не. Но следново ми ги пробуши ушите: ’Види, мамо, како возам, ниедна дупка не погодив!’ Навистина, си помислив, станал вешт, се прилагодил на сите неправилности. Ги прифатил, ги сместил во неговото главче, како нормално и воопшто не му пречат. Дури и си направил игра од нив. Ех, пријатели мои, точно од тоа ми стана мака. Ненормалното, искршеното, недовршеното, ѓубрето, станаа нешто нормално за новите генерации. И не сакам да се помирам со тоа! Сметам дека ќе направам злодело и како мајка и како психолог и како професор ако продолжам да ги затворам очите пред нередот којшто ни станува нормален. Така се роди идејата да направиме мал проект со фотографии за да ви пренесеме како изгледа светот во едни детски очи. Еден месец ќе објавувам фотографии од местата каде што секојдневно циркулира моето семејство. Се надевам дека ќе допрат до повеќе граѓани. Ако ништо друго, барем малку да ви предочам дека тоа што веќе не го перципираме, не ни пречи или едноставно не му обрнуваме внимание, сепак не е нормално и не мора да биде така. Еве ги и првите фотографии.
Направени се само во стотина метри. За жал, не се само овие, но сметам дека се доволно засега. Тоа што ми остава впечаток во нив е тоа што ова се оставени нешта од недовршени работи. Мајсторите што поправале нешто околу, растуриле сѐ друго. Почнато и недовршено. Скршено, недоработено или ’нашминкано’. (Мамо, нели мајсторите поправаат работи, а не кршат? Но очигледно не и кај нас, синко!) И за крај, не го прилепувајте ова со нешто или некој од политиката. Ова кај нас станува традиција, без разлика кој е на власт. Доколку ви се допаѓа идејата, ве молам споделувајте ја за да стигне до повеќе луѓе.“
Идејата на Ана и Вардан е во рана фаза, но неколкумина ја прифатија и почнаа да објавуваат фотографии од секојдневието низ призма на она со што се среќаваат нивните деца. И покрај молбата на мајката оваа идеја да не се политизира, т.е. злоупотребува во политички цели, сепак од политиката не може да се побегне. Бидејќи, токму (високата) политика неретко нѐ заслепува и нѐ тера да правиме погрешни приоритети или во недоглед да ги одложуваме „малите“ нешта. Токму политичарите се оние што жонглираат со проблемите, а медиумите го следат нивниот ритам и така одлучуваат што е важно, а што неважно. Од друга страна, она што е навидум одраз на обична (граѓанска или мајсторска) немарност и негрижа, во себе крие системски деформации: бидејќи индивидуите не се формираат независно од општествениот контекст и системските рамки и перформанси! Ние, возрасните, можеме за себе да мислиме и да си ласкаме дека сме независни, над сето тоа, дека мислиме како слободни личности, а не сме ни свесни дека општеството нѐ моделирало уште многу одамна, а дека сета „слобода“ што ја имаме е да се тетеравиме и удираме од едниот до другиот ѕид, од едната до другата крајност – или да заглавиме во средината (за да се поштедиме од ударите и разочарувањата). Всушност, воопшто не е ни случајно што децата (додека не потпаднале под сиот видлив и невидлив притисок на околината, училиштето, медиумите, општеството) ги имаат зачувано онаа невиност и наивност со кои ја доживуваат стварноста, па ни ја „плескаат“ в лице. Тоа е моментот во кој некој Вардан или некоја Ведрана се соочуваат со тенката линија на гледање со сопствени очи на искршената и несовршена стварност и учењето како да ги заобиколуваат дупките на патот, скршените лулашки и слично.
Децата се како сунѓери – впиваат сѐ што ќе слушнат и видат, а од родителите и наставниците учат да разликуваат добро од зло! Но тие не само што слушаат поуки туку и ги гледаат делата на возрасните. Не можете да ги излажете така лесно ако едно зборувате, а друго правите! Но можете лесно да ги заведете дека и не е толку страшно ако не постои хармонија помеѓу она што се зборува и она што се чини: токму така децата почнуваат да растат, да влегуваат и да го разбираат светот на возрасните. Ќе се сетите на некои стари шеги, кои ова го илустрираат добро: ѕвони сосетката на вратата, и малото синче доаѓа да му каже на татко си дека повторно дошла онаа „крава“ да бара нешто. Кога ќе го искарате детето дека е непристојно да се кажува вистината или она што се зборува во тесен круг, тоа почнува да ја учи „полезната функција“ на лагата. Или, како што вели Бернард Шо, секое пристојно општество почива на лаги затоа што е пристојно. Лицемерството е она што ја одржува пристојноста. Потоа доаѓа користољубивоста, а на крајот и индиферентноста.
Можеме навистина да зборуваме за она што ние, како родители, можеме да го сториме за нашите деца, особено за облагородување на средината во која живеат, но во суштината се секогаш политиката и лицемерството. Неодамна слушнав за една од многубројните акции на родителите и наставниците од познато училиште. Дворот запустен, среде централната скопска општина. Општината наводно нема средства, па родителите доброволно собираат прилози за да го раззеленат дворот и во работната акција да ги вклучат децата. Од градоначалникот бараат само багер, да помогне во раскопување на тврдата земја. Во прв миг одбива, и луѓево мака мачат да посадат дрвца и цвеќиња. Но по некое време се појавуваат: багерот, градоначалникот – и камерите! Разлутените родители му кажуваат каде може да оди да се слика. Тој сепак се фали на Фејсбук. Акцијата, се разбира, дава половични резултати, онакви какви што има со години. Дека училишниот двор наскоро ќе биде повторно запустен е речиси извесно. Човек се прашува: па зарем е толку тешко да преземете акција за разубавување на училниците, дворовите, градинките? Не се потребни тука многу пари!
Но ќе погледнете наоколу и ќе видите не само запуштени паркови, булевари, излетнички места закопани во смет, градежна мафија што се шири како канцер токму во зелениот појас туку ќе видите и запустени дворови по населбите! И тогаш станува тешко да утврдите дали е до јајцето или до кокошката, дали нештата може да се средат одозгора или одоздола, со помош на власта или со личен ангажман? Одговорот не е едноставен, бидејќи е дијалектички: едното не го исклучува другото, сѐ е толку поврзано во причинско-последична врска. Човек што е во депресија, западнат во порок, болест или тешка сиромаштија не се сака себе си; дига раце – од себе! Тоа се гледа не само по запуштениот изглед, неизбричено лице и неисчешлана коса туку и во изгубениот поглед и насмевка. Слично е и со населбите, дворовите, општествата… Во Скопје е во тек една масовна операција на изградба на Потемкиново село, т.е. на разубавување на градот – поради папата! Во „мое“ време тоа се правеше кога во посета доаѓаше Тито. Накратко, Македонија не се сака самата себе.
Можеме да молиме искрените зборови на нашите деца да не се политизираат, ама како што вели Брехт: ние можеме и да не се занимаваме со политика (локалната, во случајов), ама таа секогаш се занимава со нас и ги предодредува нашите животи. Иницијативата на Ана и на Вардан е само почетокот: будење од тотална апатија и оттргнување од навиката ненормалното да го сметаме за нормално! Тоа е бунт против скршената стварност, која ни ја продаваат како нужност или судбина, а во полош случај нѐ обвинуваат дека не гледаме колку тие се трудат и работат за наше добро. Ќе прашаат: па, зарем малку е? Два договора се склучени, а ако треба и по третпат ќе славиме почеток на преговори во стилот на чекање на Годо. Но од дијагнозата натаму, одговорноста е на родителите за состојбата во општеството во кое живеат нивните деца – додека не пораснат и решат да заминат! Две момчиња на скопскиот маратон напишаа: „Не трчам, бегам од С. Македонија!“ Верувам дека секој од нас може да си направи своја оаза – на балконот, во дворчето, пред зградата во која живееме – ама проблемот со пустината останува! Тоа е пустина во која царуваат градоначалници и градоначалнички што низ дупките на патот, сепак, одлучуваат дека е поудобно ако се возат во луксузни возила. Ако не верувате, доволно е да прочитате нешто за градоначалниците на Струга и на Старо Нагоричане. Веројатно и тие се радуваат како малиот Вардан: „Видете, народе, како возам, ниту една дупка не погодив!“ Ниту шахта!