Посебно карактеристичен пример за контекстот на Тојнби е случајот со Браќата Миладиновци, Димитар и Константин, и нивниот Зборник на народни умотворби објавен под насловот „Блгарски народни песни“. Иако, рака на срце, во него има едвај осумдесетина бугарски народни песни од Бугаринот Чолаков, кои нив во зборникот Константин ги става по сугестија на мудриот космополит Штросмаер, најверојатно и за тоа тој да биде без пречки објавен во Софија. Тоа можеме да го дефинираме како интелигенција, но не и како лукавство, многу карактеристично за нашите соседи фалсификатори на нашата историја. Штросмаер, кому треба да му се изгради споменик на скопскиот плоштад, го сретнува во Виена случајно нежниот македонски поет, кој премрзнат се враќал од студената Русија, каде што тој нејзиниот студ го доживеал, иако без капут, многу повеќе психолошки отколку физички, клуч во кој и треба да се чита неговата раскошна антологиска песна „Т’га за југ“. Тој заминал во Русија со егзалтиран елан-витал, со адорација на нејзиниот словенофилски профил, носејќи го за објавување таму својот Зборник, златната книга на нашата преродба.
И тоа во времето на романтизмот, кој бил луд за фолклорната ризница на кој било народ. Но нашиот нежен лиричар од Струга удрил во ѕид во Москва, бил студено примен, неразбран и најпосле, откако ја напишал бескрајно носталгичната песна во стилот „македонски бол и тага“, спротивно на оној на англиските романтичари „светски бол и тага“ се враќа разочаран од матушка Русија во татковината. Средбата со Штросмаер, католик, е божјо провидение. Тука не случајно ми се наметнува, односно разјаснува македонската идеја со унијатството на македонските интелектуалци и преродбеници од 19 век, меѓу кои бил и Гоце Делчев. И не случајно.
Разочараноста кај нив од словенофилска Русија и рамнодушноста на православието, кое е затворено во националистички енклави, е очигледна. Впрочем, познат е историскиот факт дека и матушка Русија ја користи територијата на Македонија за свои стратегиски и геополитички цели. На нејзина територија таа ја основа Санстефанска Бугарија, а потоа со Австро-Унгарија учествува, по Берлинскиот конгрес, и во создавање на новата балканска држава Албанија. Итн. Факт е дека таа историски со прст не мрднала да ја олесни историската судбина на македонскиот народ од чии свештеници на Охридската архиепископија го прима христијанството. Дури ни големиот Лав Николаевич Толстој не ѝ дал морална поддршка на Македонија. Залудна била посетата на Јасна Полјана во таа смисла на Ризов. Така што унијатското движење кај добар дел од освестената македонска интелигенција во преродбенскиот 19 и на почетокот на 20 век е оправдано и длабински мотивирано. Впрочем тоа, ако одиме по линија на меморијата ќе стигнеме до црквата на Климент Охридски, која била под јурисдикција на Ватикан.
Тоа е тоа. Но важно за нашата теза за излачување на потиснатиот македонски архетип, есенција за поимот македонизам, во модерното време и неговото втемелување во нашата свест е тоа што тој по преродбенскиот век исплови кристално јасно АСНОМ 1944. Исплови моќно и недвосмислено. За таа кристализација, пак, карактеристична во тој период, во која исплови на површина обновеното колективно битие и на некои други народи со слична историска судбина, има заслуга, колку и да звучи тоа парадоксално, и големата светска катастрофа. Втората светска војна што сама си ја подготви арогантно нарцистичката Европа, која ни по неа не се ослободи од тој свој психолошки дефект што нè чини скапо денес нас Македонците. Тоа. Плус во таа катастрофа беше вклучен и елан-виталот на претходно елаборираната од Маркс и Енгелс Пролетерска интернационала, која го разбра и правилно, за разлика од денешна Европа и Америка, постапи со македонското идентитетско прашање.
Се разбира, пак, и од самиот почеток на 20 век се чувствуваат силните импулси на разбуденото македонско колективно битие што го следат, секако, преродбенскиот elan vital на тој план. Тие импулси се манифестираат кај посебни силни индивидуи и зрачат понатаму од нив ширејќи го постојано радиусот на своето културолошко значење. Тука е Мисирков. Потоа во третата и четвртата деценија се појавува духот на Рацин.
Неговите „Бели Мугри“, по Зборникот на Миладиновци и ракатката оригинални лирски песни со антологиската „Т’га за југ“ на Константин Миладинов, со една од најубавите кристализации на македонското колективно битие во светлината на своето исконско автентично постоење, препознаено пред сè во архетипот на народната песна и нејзината мелодиска и семантичка структура. Мисирков, Рацин и потоа генијалниот ум и родољуб Блаже Конески тоа е, имено, според мене драг читателу, ’рбетот, златната света тријада, антената низ која струи архетипската содржина на македонизмот и македонскиот идентитет. Се разбира, пак, нејзе природно ќе ѝ го придодадеме и Димитрија Чуповски основач на Македонското литературно другарство во Петроград, темелот на денешната МАНУ, која сепак, за жал, скршнува од неговиот свет завет на македонизмот со многу свои фарисејски недостоинствени постапки. Чуповски ја печати и етнографската карта на целокупна Македонија, го издава весникот „Македонский голос“ („Македонски глас“); на руски и се застапува за Македонија пред големите европски сили и пред Портата во Цариград на Отоманската Империја.
Џиновска фигура на македонската преродба. И тој како и Мисирков учествуваше во подготовката на АСНОМ, македонската идентитетска зграда, која пред тоа со столетија беше урнатина што се затрупува, која и таква камен по камен ја разграбуваа соседите потпомогнати од разноразните европски сеништа, смртни непријатели на македонизмот чија омраза кон него дури денес ја гледаме со сета нејзина разорна моќ.
И таа наша асномска идентитетска зграда во рамките на Југославија, и покрај тоа што беше држена на око функционираше. Имавме израз на сопствен јазик, дух и култура. Пеевме свои песни и игравме сопствени ора. Еден семантички вез од знаци и симболи на автентичниот идентитет. Тоа беше факт. Кој како сака нека зборува, и тие што го мразат и комунизмот, кој сепак кај нас не беше сталинистички. Можеби јас сум по малку, а може нешто и повеќе југоносталгичар, драг читателу, но за тоа во некоја друга пригода.
Проблемот, пак, нашиот ôд по маките и, што е парадоксално, оспорувањето на нашиот идентитет почна, имено, по таканареченото осамостојување 1990 со распадот на Југославија. Сите нешта што ни се случуваат од тогаш до денес говорат во прилог на дезинтеграцијата на нашето национално битие. Најпрвин тоа беше Бадинтеровиот закон со кој се суспендира демократијата на мнозинството, кое природно треба да владее, како што е тоа секаде во демократскиот свет, вклучувајќи ја и родната земја на Робер Бадинтер – Франција. Потоа дојде фашизоидната европска Лисабонска декларација со која ни се забранува користење на сопственото име доколку сакаме да се интегрираме во ЕУ, единствен таков случај во светот, иако и пред тоа западните либералдемократи, како што е добро познато, имаат извршено посурови или поблаги идентитетски геноциди низ светот: Индијанците во Северна и Јужна Америка, Црнците во Африка, Абориџините во Австралија и Нов Зеланд итн. Тоа беше европска порака упатена кон малечката Македонија, дека не важи и не е можно да се оствари Гоцевата визија за „културен натпревар меѓу народите“ на кој рамноправно ќе учествуваат и Македонците. Знаците на таа фашистичка (терминот е адекватен) порака беа силни: под притисок, за што како алатка беше употребена Грција, ги сменивме знамето и Уставот. Така почна нашето кршење, чекор по чекор, прешлен по прешлен на идентитетскиот ’рбет.
Сепак и во тоа и таквите уцени и закани исплови на површина, влечена по патеката на генезата на Името, целокупната моќна културно-цивилизациска меморија на македонското колективно битие. Тука, пак, неодбегливо се допираме, драг читателу, до многу сугестивната теорија на славниот швајцарски психијатар К. Г. Јунг за колективно несвесното и меморискиот архетип на еден колектив што излегува во погодна (макар и сурова) историска ситуација со целиот свој интензитет и полн сјај на површина. Тој вели: „Со помош на општите социјални, политички и религиозни услови се возбудува колективното несвесно и на тој начин оживуваат неговите содржини. Тогаш обично една индивидуа, или повеќе од нив со посебно силна интуиција ги забележуваат овие промени во колективно несвесното и ги преведуваат во јасно сознајни идеи. Тие идеи се шират бргу бидејќи и кај другите луѓе дошло до паралелни промени во несвесното. Владее општа спремност да се прифатат новите идеи, иако од друга страна против нив има жесток отпор.“ (К. Г. Јунг: Избрани дела, Матица српска, Белград 1977).
Јунг, како што се гледа, тука посочува на индивидуата (или на повеќе нив), која има јака интуиција за да го поттикне кај себе и кај другите, кај народот излачувањето на архетипот од колективно несвесното. Таткото на аналитичката психологија во контекстот на таа своја фасцинантна теорија ги зема како илустрација во својата анализа Хитлер како репрезент на германскиот фашизам и Ленин како репрезент на рускиот болшевизам. Кај првиот од колективно несвесното, како талог на колективната душа, избива силно на површина архетипот на ариевскиот нарцизам сублимиран во Ничеовиот натчовек и волја за моќ, која ја има и кај Шопенхауер, а кај другиот архетипот на револуционерниот elan – vital на преобразбата кристализирана во поимот Правда за која копнеел рускиот мужик.
Е, сега, како стојат работите во светлото на една ваква архетипска теорија, мошне сугестивна, во Македонија и кај Македонците драг читателу? Посебно сега кога со оваа влада се преименуваме. Но во целиот контекст, разбирливо, не може да се одбегне ни претходната влада на сегашната опозиција, која колку-толку даваше отпор на преименувањето, но имаше и сериозни промашувања во идентитетската стратегија. Сепак станува збор за две дијаметрално различни позиции: едната за неменување, другата за менување на името заради, по таа цена, вклопување во европските цивилизациски текови, кои уште на почетокот ни се ускратени со Лисабонската декларација (1993); Тука е силниот притисок во тој правец на Брисел и на Вашингтон, кои ги користат симултано. Покрај Грците, и Албанците како за остварување на тој геноциден план.
Првото прашање сега е, што исплови во таквата ситуација на површина од талогот на несвесното на македонската колективна психа. Без сомнение најпрвин тоа беше добро познатиот психолошки архетип на македонската колективна шизофренија. Таа најнапред е затемелена на дилемата дали сме Словени или Антички Македонци? Дали сме варвари дојдени од магливите мочуришта зад Карпатите, или сме наследници на една древна античка култура и цивилизација што се вика Античка Македонија? Нормално, таа, таквата шизофренија на македонското колективно битие, за име на вистината, беше отсутна и речиси со декрет забранета како болест во Југославија. Но сега, кога почна да се врши врз Македонците притисок да се обезименат, таа изби на површина како реакција на притисокот со целиот свој интензитет. Кај еден дел од Македонците изби на површина древномакедонскиот културно-цивилизациски архетип. Се обнови во интензивен сјај меморијата на Античкото македонско царство на Филип и на Александар Македонски со целокупната негова историска и културолошка слава.
Но кога зборуваме за тоа неизбежно ни се наметнува во свеста веројатно најсјајното име на македонската преродба, галичанецот Ѓорѓија Пулевски. Како во ниедна личност на долгите столетија на потушениот македонизам пред, па и по него во преродбата, не се изразил толку силно, автономно и не испловил кристално јасно со сиот прасјај македонскиот архетип. Моќната антена Пулевски ја впила и изнела на површина целокупната македонска културно-цивилизациска слика. Низ него, како антена, прострујува моќно сета историска, цивилизациска и културолошка струја на неговото племе затрупано неправедно, но и намерно под калта на западната европска цивилизација, која, еве, откако прогледавме со широко отворени идентитетски зеници ја трупаат врз нас. Фрлен во груба егзистенција, ѕидар, печалбар и револуционер, но ингениозен ум, самоук Пулевски е најубавиот пример на македонската самосвест и нагон за постоење во својот идентитет, на изворот на својата генеза. Посебно денес, кога од лево и од десно нè притискаат да се укинеме како идентитет: од соседите, но и од домашните квислинзи, петтата колона, со дополнителен силен мегатонски притисок од светските сатрапи на Брисел и Вашингтон од кои оваа планета не може да крене глава.
(продолжува)