Поддршката на класичната, забавната и на народната музика треба да продолжи, исто како и обврската музичките институции и медиуми сѐ повеќе во програмата да селектираат и да вклучуваат дела на македонски композитори, пејачи, ансамбли
„Ако умрам ил загинам…“ испеа легендарниот народен пејач Јонче Христовски… и во неа на крајот порача… „вие на гроб да ми дојте, песна да запеете… оро да заиграте.“
На колегиумот на Културно-уметничката програма на МТВ во далечната 1994 година, во својство на уредник на Забавната програма, предложив да се редуцираат емитувања на програми во кои доминираа југословенските рок и поп-нумери и содржини и да пристапиме кон изработка на видеоспотови на македонски изведувачи, сѐ со цел подигнување и поддршка на домашната музичка продукција. На колегиумот присуствуваа уредници на редакциите, Катица Трајковска, Љупчо Тозија, Љубе Цветановски, Петар Костовски, Соња Д. Гиздавиќ, а во КУП на МТВ уредници беа и имиња како Петре Андреевски, Димитар Масевски, Љупчо Константинов, Миле Брзанов. Од некои колеги идејата беше окарактеризирана како неумесна, несоодветна, избрзана, а од некои од поширокиот колегиум на МТВ оцените беа построги и тоа беше протолкувано како своевидно ембарго, при што тогаш го заработив и еретичкиот епитет, благонадежен родољуб.
Но идејата беше сосема нешто друго. Тоа беше еден од првите обиди во новонастанатата ситуација институционално да помогнеме, да го заштитиме и подигнеме нивото на сопствената музичка и преостаната медиумска продукција, а на нашите тогашни локални ѕвезди да им бидеме поткрепа во гледалиштето и пошироко. Освен групата „Леб и сол“, ние во југословенски рамки и немавме некои истакнати интерпретатори и имиња, па, така, и покрај осамостојувањето, во медиумите продолжија да доминираат југословенските големи ѕвезди.
Во рамките на зацртаната стратегија, за создавање и афирмирање на сопствената естрада тогаш се случи и конкретна соработка со вмрежување на нашите програми со жанровски истородни програми во Словенија. Беше договорен и реализиран видеомост со словенечката телевизија. Тогаш популарните Дарио и „Миг 21“ учествуваа во популарното шоу „Погледни и погоди“ каде што настапија рамо до рамо со „Бекстрит бојс“, Си џеј Луис, „Бони ем“, а тогаш анонимната Ребека во емисија со светски познатите „Кели фемили“, диџеј Бобо. Возвратно, од Македонија подготвивме и емитувавме заедничка програма од МОБ во Скопје, во која учествуваа интернационални ѕвезди, како „Трогс“ од Лондон, Костас Кардалис, интернационална ѕвезда од Грција и др. Интересно е да се напомене дека поради реновирање на скопскиот аеродром, од Амстердам не допатуваа светски извесните „Спајс грлс“, а учеството го откажа и Демис Русос. Според образложението на неговиот менаџер, патот од Охрид до Скопје бил проблем за габаритниот грчки пејач. Подоцна дознавме дека во откажувањето имало и политичка заднина. Имено, мегаѕвездата Демис Русос бил дел од високите политички сфери во грчката партија ПАСОК. Потоа продуциравме уште десетина емисии во соработка со ТМР од Марибор и Радио-телевизија Словенија, во која заеднички беа претставени македонски, словенечки и светски ѕвезди, кои беа модерирани и претставени од нашата позната телевизиска ѕвезда Ирена Спировска. „Гараж“, „Шоуто мора да продолжи“, „Ах каква ноќ“ „12 Величествени“, беа само дел од емисиите од забавен, поп и рок-жанр. Видеоспотови, ТВ-постери, мали концерти, фестивалите како „Цветници“, „Макфест“, „Златно славејче“… со десетина плејбек-композиции и со ентузијазмот на прилепчаните Пеце и Златко со поддршка на Македонската радио-телевизија го создадовме и организиравме „Мелфест“, кој изнедри редица таленти, меѓу кои и легендарниот Тоше Проески.
Сево ова е записнички нотирано и видеодокументирано и може да се провери во архивите на МРТВ. Така беше тоа во деведесеттите, во почетокот на независноста во која малкумина веруваа и искрено и посветено дејствуваа. Сѐ продолжи да тече и истекува како вид силен продукциски тек, продолжение на една неверојатна силна духовна и професионална продукциска кондиција. Потоа следува распуштање, најпрвин на хоровите, потоа народните и забавните оркестри на Македонската радио-телевизија, фестивалот „Цветници“ и преостанатите слични манифестации, а сѐ во името за трансформирање (растурање на т.н. продукциска компонента) на јавниот сервис и негово сведување на нивото на дузина новоотворени „телевизии“, кои со несоодветни технички и продукциски компоненти и главно странски програмски содржини успеаја да се наметнат и во име на плурализацијата, божем демократијата, независноста, ја дозакопаа духовната вертикала – македонската естрада. Благодарение на ентузијазмот на господинот Стојан Троицки, некако од ова медиумско турбофолк-цунами, се успеа да се одржи фестивалот „Макфест“, а неуморниот и искусен Григор Копров успеа да создаде и повеќе од две децении да го одржува „Охрид-фест“.
И се случи токму она, што подоцна излезе на виделина. Дивиот либерализам во македонскиот етер, поддржан и финансиран со големи пари однадвор, имал всушност конкретна стратегија и цел – меѓу другото и разбивање на дел од внатрешното битие на македонскиот медиумски интегритет и суверенитет и негово ставање на ветрометина. Многубројните мали музички продуценти не успеваат да се носат и да се наметнат во напливот од многубројните и силни соседни продукции и ѕвезди. Според анализите, само во соседна Србија годишно се продуцираат 800-900 музички нумери. А кај нас 60-70. И еве сме уште еднаш на почеток.
Законот за поддршка на домашната музичка продукција донесен во август 2013 година, со кој се поддржува создавање домашна музика, преку надлежноста на Македонска радио-телевизија беше силен и длабоко оправдан чекор. Тоа беше и останува како едно од можните решенија, институционален бедем преку кој се мотивираат авторите, се поттикнува, штити, доизградува најинтензивниот човечки (и наш македонски) свет – музиката, сериозната, народната, забавната, сето заедно.
Стимулирањето на македонската класична музика стратегиски се поддржуваше и се развива и во текот на годините резултира со создадени над 130 дела на македонски композитори финансирани во СОКОМ.
Зголемената соработката меѓу Сојузот на композиторите на Македонија и двете национални музички институции, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, а востановувањето на манифестацијата „Виртуози“ беше уште една стимулацијата за поддршка на класичната музика. Скопскиот фестивал на забавни мелодии да се врати во полн сјај. Во рамките на стратегијата е поддршка и на благородните заложби на Андријана Јаневска за истражувањата за зачувување на македонските песни во Албанија и во Гора и континуитетот на „Скопскиот џез-фестивал“.
Поддршката на класичната, забавната и на народната музика треба да продолжи, исто како и обврската музичките институции и медиуми сѐ повеќе во програмата да селектираат и да вклучуваат дела на македонски композитори, пејачи, ансамбли. Тоа бил и останува важен чекор за доизградување и одржување на континуитетот на најинтензивниот човечки свет – музичкото творештво. Инаку, ако умрат песните, букварите, книгите, тогаш и навистина ќе нѐ снема.