Во Македонија во моментов изгледа само смртта е реална. Сѐ друго е симулирана реалност. Додека светот се вакцинира против коронавирусот, ние симулираме вакцинирање. Исто како што сега симулираме масовна вакцинација без вакцини. Или политички функции како експертски назначувања. Или можни милијарда инвестиции без инвестиции. Или кворум без мнозинство. Или европски пат без Европа. Или држава без име, идентитет и историја
Колку повеќе размислувам толку потешко ми е да ја разберам и објаснам реалноста во која живееме во моментов. Велат дека реалноста е она што го сметаме за вистинито. Но дали е тоа така? Едноставно, затоа што ние ја перципираме реалноста во Македонија како вистинска, не значи дека е така. Власта секојдневно ја мами нашата свест да мислиме дека живееме во реалност што не е тоа. Визуелната проекција, или она што го гледаме во реалноста не е компатибилно со реалноста што ја живееме. Реалноста во моментов е субјективна проекција на желбите на власта за да можеме да ја доживееме сензацијата дека сме во некој друг имагиниран свет. Аудиовизуелната проекција на едно општество за сите, инвестициите, слободата на медиумите, демократијата, правната држава, независното судство, правдата, нашиот евроатлантски пат е интегриран субјективен интерфејс креиран да создаде чувство дека е во полза за сите нас. Во суштина, тоа е добро контролирана симулација на власта дека (кобајаги) имаме држава. Како во филмовите. Се обидуваат да ни ги прикажат работите од нивната, во нашиот случај, перспектива на власта. Без разлика дали одредена филмска сцена го прави тоа или не, она што е проектирано на екранот и звучниците е интегрираното искуство на филмот, кое нема никаква цел за ликовите во филмот. Ние станавме општество на слики манипулирани од власта. Животот во Македонија веќе оддамна не е тоа што ни го проектира власта.
Во Македонија во моментов изгледа само смртта е реална. Сѐ друго е симулирана реалност. Додека светот се вакцинира против коронавирусот, ние симулираме вакцинирање. Исто како што сега симулираме масовна вакцинација без вакцини. Или политички функции како експертски назначувања. Или можни милијарда инвестиции без инвестиции. Или кворум без мнозинство. Или европски пат без Европа. Или држава без име, идентитет и историја. Имам чувство како да сме во симулирана игра на власта, која ја манипулира нашата перцепција да веруваме дека сме во некоја виртуелна реалност во која ликовите што се главни протагонисти покажуваат дебилно и сервилно однесување, слично на човекот што поминува низ раните фази на хуманоиден развој. Се обидуваат од нас да креираат симулирани мозоци што обработуваат симулиран свет. Перцепцијата дека живееме во вештачки креирана реалност, поточно симулирана држава, е вознемирувачка, а помислата дека ова ниво на реалност можеби и не е крајната реалност на оваа власт е уште позастрашувачка.
Виртуелна реалност е најновиот фантастичен софтвер на власта во кој нивниот симулиран пејзаж од светот на соништата го проектира низ контролираните медиуми како симулирана реалност на вистинскиот живот. Кој, за волја на вистината, станува сѐ потежок, поскап и потоксичен, а богами и сѐ посмртоносен.
Ако оваа држава не е ништо друго освен симулација на власта, не постои една добра проклета работа што можете да ја направите во врска со тоа, па веројатно најдобро за власта е едноставно да се однесувате како да е реална и да претпоставувате дека вашите постапки имаат значајни последици. Оваа апсолутна немоќ, оваа совршена измама на свеста, нѐ заробува да веруваме дека сѐ што можеме да сториме е да се помириме со симулираната реалност во која живееме. Тоа ве фрла во апатија и ја деперсонализира вашата личност. Виртуелната реалност што ја живееме со оваа власт нѐ остава во егзистенцијален мамурлак.
Исто така, симулираната реалност во која живееме во моментов треба да нѐ измами за да веруваме дека ова е единствениот универзум во кој можеме да живееме. И дека ова е вистинскиот живот што може да го живееме само со оваа власт. Притоа власта поаѓа од претпоставката дека карактерите (читај граѓаните) во симулацијата не се доволно свесни да сфатат дека реалноста што ја живеат е фабрикувана.
Дека не се способни да ја препознаат манипулацијата. Затоа симулацијата на реалноста треба да ја поништи нивната сопствена перцепција. Не смее да ги остави луѓето да имаат свои алтернативни факти. Мора да се замагли разликата помеѓу фактите и измислиците. Кога се дискредитираат фактите и вистината, тешко е да знаете во што да верувате. Најлесно и најподмолно е очекувањето на власта да се негира реалноста прифаќајќи ја онаа симулираната. Зашто ако се потврди реалноста, онаа вистинската, тоа ќе биде погубно за неа.
Можеби симулацијата на власта е дизајнирана да ги измами нашите сетила, а манипулацијата да ја избрише реалноста што ја познаваме. Но, како и повеќето симулации на реалноста, и оваа на власта во Македонија е промашена. Не можете да ги игнорирате законите на реалноста, логиката и здравиот разум. Не дека оваа влада не се обидува да го направи тоа. Симулираната реалност на власта во Македонија не е веќе проста имитација, ниту удвојување, туку стана пародија. Јазот во реалноста како суптилно но важно несогласување помеѓу реалноста и симулацијата што спречува симулираната реалност да овозможи директно ефективни перформанси во реалниот свет е сѐ поголем. Очигледно власта веќе нема што да симулира. Тука веќе ни реторичката и медиумска манипулација не помага. А богами ниту марихуаната.