Се јавувам од една непозната земја

Насловот на моите писма до весникот „Нова Македонија“ ѝ припаѓа на категоријата традиционален, иако неговиот почеток не е поврзан со „Нова Македонија“. Оваа година е јубилејна – 20 години од неговата појава во средствата за јавно информирање.

Конструкцијата на дописите ја опишувам стилизирано:
– Испратен е известител кон одредена дестинација во одбрана земја, а неговата задача е да испорачува информации што би создале попрецизна слика за таа земја.
– Информаторот пристигнува на определената дестинација. Според првите искуства, не е сигурен дека е на вистинското место, но зад отстапката „се јавувам од една непозната земја“, сепак известува за она што го доживува. За да се надоврзам на известувањата што досега биле испратени до центарот, следните ќе бидат означувани како 20 x 1… (наслов) и така натаму.

Известување бр 20 х 1… Туризам и футуризам
Секојдневието на оваа непозната земја е нагласено како демократско. Во секојдневието прилега дека за секого тоа е јасно.

Во реалноста терминот демократија прилега на замаглено практикување власт. Реално постојат позиција и опозиција. Позицијата упорно е на власт, а опозицијата исто така упорно не е на власт. И едните и другите имаат исто име и се нарекуваат партии. За да се разликуваат, власта се именува футуризам, опозицијата туризам. Логично. Власта е со поголема моќ и затоа има две букви повеќе: ФУ. Покрај тоа, етимолошки футуризам означува во рамките на локалниот кодифициран јазик, но и пошироко, насоченост кон иднината. Исто така, логично, власта на оваа непозната земја е стабилна во своите програми за кон иднината и има традиционален хомоним со традиција од околу 100 години. Слоганот гласи: Напред кон посветла иднина!

Ова беше едноставно да се пренесе.
Особено бидејќи оваа партија е секогаш на власт.
Проблем е опозицијата.
Етимолошки е многу тешко да го објасните поимот туризам во контекст на политика, политичка партија и програма за освојување на власта. Веројатно затоа оваа партија никогаш не била на власт!

Туризам, според етимолошкиот речник на оваа непозната земја, а и пошироко, е релаксација, убави доживувања, гостопримство, средба со убавини од минатото создадени од бога и љубовта на човекот, почит кон минатото, почит кон природата, подарување насмевка во еден градителски, постојано растечки свет. Како што може јасно да се разбере, оваа партија не ветува посветла иднина, туку радосна, вистинска сегашност и високи вредност,и кои ги испорачуваат природните, одгледани реткости и пораките што се одгледани како архитектура и уметност од минатото. Поради огледалното претставување, должен сум да подвлечам дека оваа партија е во опозиција со стабилна програма не само околу 100 години како футуризмот туку и многу подолго, за што не сум сѐ уште подготвен да испорачам временска оддалеченост во однос на овој извештај, но работам на проблемот!

Како што сигурно забележувате, има овде нешто нелогично, би се осмелил апсурдно.
Футуризмот на власт до денес не стигнал до посветла иднина, но упорно останува на власт!
Туризмот во опозиција има постојани резултати во нагорна линија и исто така упорно останува опозиција!

Мислам,
Ова треба да се проучува внимателно. Во повеќе наврати.
Крај на пораката 20 х 1.
P S: … ова е надвор од моите овластувања, но:
Апсурдот е (верувам) во коренот на зборовите посветла иднина. Досега ниеден нормален човек не ја доживеал иднината (човекот не е создаден за тоа), уште помалку нејзината светлина колку и да сака да гледа кон небесата, дење или ноќе!
Секоја светлина што ја чувствува човек, генерација, народ, општество, сето човештво доаѓа задолжително од минатото, традицијата и сеќавањето.

Не знам како и не знам зошто сум запаметил една порака меѓу многуте исцртани, издлабени, бележани камења на оваа непозната земја. Ја пренесувам во целост: Сети ја сетнината.