Пред неколку дена во една ТВ-дебата, колегата Тодор Чепреганов ја опиша работата на двете „историски комисии“ (со Бугарија и со Грција) како оставинска постапка над телото на покојната (Македонија, македонска историја и народ). Уште телото не ѝ се оладило, а мршојадците веќе се стрват што да грабнат. Искрено, се трудам да го игнорирам максимално овој фестивал на лицемерство и симболична ексхумација на историските личности – не сакам да бидам дел на нивниот циркус во кој наводно се „борат“ за достоинството на одамна починатите. Ним им треба публика, бидејќи за неа го прават сево ова – идејата е да им дадеме легитимитет на една морбидна и недолична операција за која велат дека е помирување!? За мене Гоце ќе остане Гоце, а се надевам дека преданијата за човекот што сметаше дека светот треба да биде поле за културен натпревар на народите ќе ја преживеат и оваа политичка несреќа, која се надвиснала над нас. Во право е Ќулафкова кога вели дека ваква асимилаторска политика и пропаганден погром македонскиот народ не доживеал ниту од туѓинци.
Српската изреката е точна „полош е потурчениот од Турчинот!“ Во денешни услови, полоши се проевропејциве од Европејците. За „сексапилната“ Европа тие и родена мајка ќе продадат, а не, пак, Гоце или Даме. Влегуваме во фаза кога она што ќе биде договорена и политички аминувана историја ќе треба систематски да се игнорира како нешто туѓо и отуѓено. Семејната историја ќе живее како паралелна, како вид отпор над историјата скроена од моќните и заради моќ и профит. Којзнае? Можеби еден ден ќе се роди некој наш Хауард Зин и ќе напише нешто слично на брилијантната „Народна историја на САД“ – книга што е забранета во училишниот систем на САД затоа што ги деконструира митовите за „нацијата на исклучителните“ и историјата ја раскажува низ призма на сиромашните, жртвите, слабите, прогонетите… Несфатливо ми е наивното уверување на членовите на комисиите дека иако работат во ненормален контекст врамен од дипломати и политичари, тие ќе останат научници и слободномислечки истражувачи. Кетманство од прв ред! Орвел одамна напиша дека самиот концепт на објективна вистина исчезнува во светот, а лагите стануваат историја. Шлезингер, зборувајќи за американската историја, напиша дека треба да се запомни дека историјата за една нација е она што меморијата е за поединецот. Како што индивидуата лишена од сеќавањата станува дезориентирана и изгубена, така и нацијата на која ѝ се одрекува концепција за минатото ќе биде онеспособена да се справи со сегашноста и иднината. Херберт Хирш вели дека „контролата врз меморијата е еден вид политичка моќ. Оние што се во позиција да манипулираат со неа, со вредните симболи на едно општество или група се носители на политичка моќ“. Во нашиов случај, моќта е како многуглаво митско суштество. Толку на оваа тема.
Не сум религиозна, тешко ми е да ги следам погребните обреди, а уште повеќе зазирам од парастоси, панихиди, задушници… Секогаш во такви ситуации ме следи некое чудно чувство дека насобраните (кои не се дел на блиското семејство и саканите) покажуваат повеќе жал и емоции за покојниот отколку во времето кога бил жив. Бидејќи, тешко е да се сака човек – тој никогаш не е совршен како покојниот за кого се одбираат најдобрите зборови и спомени. Мојата филозофија е „покажи му на човек колку го сакаш додека е жив“. Кога ќе замине останува само негување на спомените, што е понекогаш тешка работа. Времето во кое живееме и во кое кажувањето на вистината е револуционерен и храбар чин наметнува нови предизвици: не како да паметиме личности, туку цели нации, држави, па и цивилизации! Тие се трошат една по една, пред нашите очи – заедно со природната средина. Една изрека за водење вреден и исполнет живот гласи приближно вака: наместо кумулирање материјални добра, трошете го она што го имате на посета на места што не сте ги виделе во животот, без оглед колку ви се блиску или далеку. Патувањата не се само средби со природни убавини, туку и со луѓе (слични или различни), со култури, обичаи, кујни, историски паметници… Познатиот шеф (готвач) и документарист Ентони Борден велеше: „Храната е сето она што сме ние. Таа е продолжение на националното чувство, етничкото чувство, вашата лична историја, религија, на вашето племе, на вашата баба.“ И покрај трагичната смрт, ќе остане запомнет како еден од ретките што правеше сѐ за да го направи светот поинклузивно место, во кое луѓето се среќаваат, се сакаат, се потат заедно, јадат и пијат заедно, и најважно од сѐ – се поврзуваат. Неговата работа не беа рецептите на Кичн ТВ, туку прегрнувањето и славењето на човештвото во секоја култура, регион, од Виетнам до Сингапур, и од Париз до Техеран. И обвинувањата за заспаната совест на светот кон луѓето во Газа…
За разлика од луѓето како него, речиси секој нов циклус на претседателски избори во САД носи ризик од нова војна. Сега, се чини, на ред е Иран! Вљубениците во безгрешниот „Запад“ (што и да значи тоа) одамна станаа индиферентни кон новите војни; всушност, гледајќи го нашиот воен врв со шлемови на глава помислувам колку се желни да се докажат во нова воена авантура. Не е важно каде, додека сме со „сојузниците“. За разлика од времето кога растев и кога мирот беше највисока вредност, а бариери на поделба меѓу исток и запад не постоеја во нашата детска свест, денес децата од најмали нозе ги учиме на тоа дека секој живот не вреди исто, дека има супериорни култури и други, кои се неважни и потрошни. Како стареам и ги ситнам последните години од животот, така расте желбата да ги посетам земјите обвиени со мистика и магија, а за кои пропагандата вели дека се назадни, валкани, опасни и непожелни. Верувале или не, ама јас никогаш не сум била во Русија, сонувам за Камбоџа, Кенија и Занзибар. Правам сериозни планови за посета на Иран.
Веројатно треба да побрзам, бидејќи наскоро Персеполис може да го снајде судбината на Палмира. Пораснав со приказните и поезијата (не цртаните филмови) од „Илјада и една ноќ“, тој океан од бајки во кој треба да се плива целиот живот, со „Гилгамеш“, со патописите на Нада Маринковиќ… Иако реално не сум имала (финансиски) можности да ги посетам сите тие прекрасни места, сум растела со љубов кон тие предели, култури и луѓе. Мојот пријател и истражувач на мирот Јан Оберг беше во Ирак една година пред интервенцијата. Со камерата овековечи ликови на старци, жени, обични луѓе и деца. Ликот на едно прекрасно момченце сѐ уште стои во неговиот дом во Лунд. Немо се прашуваме: „Живо ли е? Што стана со него?“ Од неодамна се зачленив во ФБ-групата „Се гледаме во Иран“, каде што туристи од целиот свет, незадоени со омраза и предрасуди, ги споделуваат искуствата, фотографиите, впечатоците. Тоа не е професионална туристичка машинерија, далеку од тоа! Но е можеби најефикасниот начин за разбивање на сите негативни стереотипи кон оваа прекрасна земја и нејзиниот топол народ. Не треба да сте историчар или антрополог, доволно е да го отворите умот и да го видите тој дел на светот низ очите на обичните луѓе. Велат нема побезбедна и погостољубива (и поевтина) земја од Иран. Нејзините културни споменици се толку стари и вредни, колку што е стара и вредна историјата на човештвото. Всушност, тој дел од светот е вистинска колепка на цивилизацијата, заедно со Ирак и Сирија. Во оваа земја се вклопиле илјадници години творештво, поезија, филозофија, математика, убавина, мириси и бои – и останале негибнати. Холивудската машинерија ги претставува како чудовишта (филмот „300“ на пример) или како терористи и тирани. Не дека системот во Техеран е за фалење, но најмалку право да го критикуваат имаат оние што гласале за воени злосторници и манијаци, кои се зависници од војни и на кои тие им се потребни за да станат претседатели.
Слушајќи го сѐ погласниот звук на тапаните на војната од Вашингтон (Брисел се „бори“ околу поделбата на колачот на една полумртва, ама „сексапилна“ девојка), не можам да се оттргнам од помислата дека Гоце никако не би ги разбрал ни оние што му „копаат“ по ДНК-та, ниту тие што му ја разнебитуваат мислата. Убедена сум дека Гоце не би поддржал екипа со шлемови, лажни нобеловци за мир (од ЕУ, Обама, па до Заев, ако сакате), туку би се борел за сите подложени на терор и чизма врз лицето. Културниот геноцид на цели народи, големи или мали, бришењето од лицето на земјата на историските артефакти и реконструкцијата на „меморијата“ по волја на моќните – тоа е она против што би требало да застанат сите што се идентификуваат со Гоце. Се надевам дека ќе имам време да го видам Иран, тој неисцрпен бунар на културни вредности со кои Западот (особено модерниов) не може да се носи. А Иранците веќе ја живеат војната, и без испукан куршум, поради санкциите и сите други неправди што им се нанесуваат. А овде мислиме дека ние сме единствените страдалници! Страдаме само затоа што успеале да нѐ поделат на „добри“ (прозападни) и „лоши“ (антизападни) припадници на народи, дури и кога сме на крстосницата на цивилизациите и културите.