Факинг најтмер он Вашингтон Елм стрит! Земја на соништата и можностите. Заспиваш на 6 јануари, а се будиш на 27 април. Гринч е Американец. Гринч ми го украде Божиќ. Сенаторот Палпатин ќе биде претседател на светот. Само што овој пат нема да биде император, туку Бананамен. Го сакам јас Холивуд, ама редно време е да сменат сценаристи. Wag the dog meets Groundhog day. Едно те исто, тоа па тоа. Уште терминатор да се појави за да ми соопшти дека иднината е предвидлива, затоа што сегашноста се повторува како фарса. Холивуд, ви хев а проблем! Сем предолго ја свири истата песна. Или можеби само јас запаѓам во вакво расположение затоа што веќе го имам одгледано филмот. Сосе шпица, се разбира.
Иако примам фреквенции од Ентерпрајс што ми велат, отпорот е залуден. Филмот ќе се повторува додека публиката е глупа. А тоа е така уште од времето кога мајмуните открија монолит. Троја веќе ја нема, ама тројанските коњи секогаш чекаат оседлани среде шталите на темната ѕвезда во длабоката држава. Ова не е Канзас, ова е досаден булшит! Виорот ја однесе шегата и никој не го гледа раѓањето на новата неолиберална НАЦИја.
Мене ми и е само жал што сме биле заморчиња во шоуто на Труман како генерална проба на големиот диктатор за последното хорор-шоу во кое модерното време станува нова нормалност. И така, додека чекорам по патот од Телма до Си-ен-ен поплочен со добри, лоши и грди спинови за грст долари, додека се разминувам со медиумски клонови, интелектуални гремлини и прогресивни зомбија, најпаметно ми е да запалам џоинт и да бегам во стравот и паранојата на Лас Вегас, зашто само таму се чувствувам како Форест Гамп во Бенџамин Батон фаза од глуп и поглуп кон роден на 4 јули.
Со вакви халуцинации во разјадената свест чекорам по авенијата на липите и не гледам дека кон мене доаѓаат двајца униформирани преставници на редот и мирот, односно новиот светски поредок и војната е мирот.
А-ха, не носиш маска, 50 евра казна.
На отворено сум. Плус сам. Одам на роденден кај Али.
Лажеш.
Не лажам. Дува ветер, над нас ѕвезди, околу нас дрвја и клупи, значи на отворено сме. Вистина е дека во главата слушам гласови, ама физички сум сам.
Лажеш дека одиш на роденден кај Али. На Али му беше роденден завчера, а ние се среќаваме денес.
Сакате да кажете дека денес не може да биде завчера? На Си-ен-ен само што јавија дека 6 јануари е 27 април. Ама ако не ми верувате да провериме тогаш? Да му се јавам на Артан?
Во ред. Нема потреба. А што ти е тоа во раката? Марихуана?
Ова марихуана? Ма јок! Ова е ганџата на Зоќи.
Океј, океј, пријатно!
Дијалогов не се случи. Тоа ми е професионална деформација. Да измислувам дијалози. Но овој дијалог апсолутно одговара на блескавата нова нормалност во која живееме. Во таа нова нормалност, неокласицизмот сè уште е барок. Ама некогаш беше злосторство против човештвото граѓанство луѓенца, а сега е нашиот нов дом.
Или она одвратно споредување на пожарот во „Глобал“ со спортување на планини. Пожарникарските коли биле стари и распаднати, а ваму татковци од власта и деца на моќта планинарат со прескапи возила. Каква само манипулација. Вистината е сосема поинаква. Пожарните возила се стари, но штом уште се користат, значи дека се квалитетни. Скопје има нови пожарни и пак горат куќи до темел. Од друга страна возилата со кои моќта планинари по нерви се скапи, ама тоа е нормално. Сите луксузни ствари се скапи. Планината пак е природа. И што треба сега да прават татковците? Да ја загадуваат планината со ауспуси од крнтии?
Русјаков, контрадикторен си!
Не сум контрадикторен. Си ставам пред име и презиме титула фактчекер и веднаш сум гласот на разумот и вистината.
Инаку, јас уште како млад сакав да бидам фактчекер. И да имам чирлидерка за женска. Ама станав уметник и сфатив дека фактчекерите се чирлидери на моќта.
А фактчекерството постојано ме следело низ животот. Од најмали нозе. Имам три години. Наеднаш нешто сите плачат по дома. Што се случува, прашувам. Умре Тито, ми велат. Правам фактчекинг во мислите. Тито е доживотен претседател. Така нè учеа. Ги гледам моите. Живи и здрави. Им велам, ако Тито е доживотен претседател, а вие сте живи, значи тој не е мртов. Ова е детски фактчекинг. Ама не значи дека не е точен. Или дека не може да се примени во новата нормалност.
Економијата во 2021 г. ќе доживее квантен скок. Фактчекингот вели грешна информација. Ако се земе предвид дека економски квантни скокови имавме и претходните две години, што е видливо од фактот дека сме побагите од Норвешка, значи дека станува збор за економски трискок. Затоа ќе ве молам да не се мешаат атлетските дисциплини. Оти атлетиката е кралица на спортовите. Како што повторувањето е мајка на знаењето. Затоа стопати повторуван фактчекинг на крајот станува вистина. Особено кај интелектуалната бижутерија.
Или ова последново што стигна од Португалија. Они сега се претседавачи со Европската Унија. Рекоа дека Бугарија не ја блокирала Македонија. Каква само неписменост. Се разбира дека Бугарија не ја блокираше Македонија. Бугарија е територија. Исто така сигурно не ја блокираа ни сите Бугари.
Има, бре, да кажете администрација како што е правилно. Зарем ние да ви учиме, а вие цивилизирани.
Тука завршувам. Ова ми е прва колумна во 2021 година. Сите вие си посакавте 2020 година да не се повтори. Мојот фактчекинг што го направив враќајќи се од иднината, ми вели да ви пренесам дека 2020 година нема да се повтори. Оваа ќе биде своја, оригинална и полоша. Целосното воспоставување на злото како нова нормалност во која мечтите ќе станат говор на омраза, а неолибералната хистерија слобода на говор се дел од матриксот во кој не смееме да заспиеме, зашто мора да го искусиме и посведочиме будни, дури и како маченици. На ден Божич, кога Христос се роди, можам само да ви посакам да имате мир со себе, спокој за другите и љубов за Бога. Нека Божјата сила биде со вас.