Најнапред едно јазично објаснување. Зборот скут е дел од бедрата и мевот на седнат човек. Во врска со него има два популарни изрази. Едниот е „се фрла во скутот“ (на некого) што значи се додворува некому, се приклонува кон нечии желби. Другиот израз е „го седна во скут“ што значи му заповеда, прави да се однесува по неговата волја. По ова објаснување следува текстот. Уште пред да бидат распишани изборите за претседател на државата на политичкото небо лебди идејата за истакнување консензуален (заеднички) кандидат договорен меѓу СДСМ и ДУИ за таа формалноправно и уставно, највисока функција. Светот на политиката познава и понекогаш практикува такви договори меѓу партии, особено во стабилни и демократски држави во кои претседателот има повеќе протоколарно-церемонијална одошто извршна функција.
Република Северна Македонија е далеку од позиција на стабилност и демократичност, а и уставната позиција на претседателот сѐ уште е мешавина меѓу протоколарната, законодавната и извршната власт, гледано низ задачите, овластувањата и одговорностите што ги има. Навистина десетгодишното искуството од двата мандата со Ѓорге Иванов, кој се наведува како една од причините за консензуалноста, покажува дека таа мешавина предизвикува низа нејаснотии, недоразбирања и контрадикторности штетни по општиот политички и економски развој. Но ништо не гарантира дека консензуалниот претседател, кој и да биде, нема да биде ист, дури и полош од Иванов, особено кога ќе види дека има власт и привилегии, кога ќе се дружи со други државници, и кога ќе биде сигурен дека ниту некој може да го смени, ниту да му изгласа импичмент.
Самата идеја за консензуален претседател во сегашната зовриена политичка ситуација е фрлање уште една канта масло во разгорениот оган, нестивнат по смената на името и по донесувањето на законот за албанскиот јазик како втор службен, за негова употреба на сите нивоа во државата. Дотолку повеќе што таа не е автентична идеја на Социјалдемократскиот сојуз туку е предлог на ДУИ, нејзиниот мошне иницијативен, неприкосновен и недопирлив, коалициски партнер.
Зошто е лоша таа идеја, тој предлог, кој зема сѐ поголем медиумски замав? Лоша е затоа што таквиот избор не може да се смета како израз на вистинската волја на граѓаните, консензуалниот кандидат не е кандидат на граѓаните. Напротив, тоа ќе значи уште едно нивно понижување, уште една порака упатена од партиите на нивна адреса дека гласот на граѓанинот не игра никаква улога при каков било изборен процес, дека сѐ е однапред договорено со што излегувањето на гласање губи секаква смисла. Ќе го зацврсти мислењето дека сѐ во оваа држава е во рацете на тројца-четворица луѓе, челници на партии, кои ги имаат заробено сите демократски институции и за свои цели и потреби ги злоупотребуваат сите уставотворни инструменти во (на) државата.
Можеби ќе звучи пренагласено и контраполитичко во актуелниот политички комплекс, но лоша е затоа што произлегува од ДУИ, а не од СДСМ. Да не се правиме наивни или да мижиме пред реалноста: по договорите со Грција и по стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците многумина од Македонците, кои не се членови на ВМРО или на ниту една партија, чувствуваат дека го губат тлото под нозете во сопствената земја. Дали се во право да го мислат тоа што го мислат или се жртви на нечија пропаганда, не може да се побегне од фактот дека не е мал бројот на оние Македонци што сметаат дека државата тече низ нечии ногавици. И не е мал бројот на оние што за таквата атмосфера го обвинуваат раководството на СДСМ, партија што „премногу им попушта на Албанците“, кои сметаат дека најголемата партија е седната во скутот на ДУИ, дека е нивни заложник.
Прифаќањето на сaамиот предлог или на кандидатот фаворит на ДУИ (кој и да е тој) многумина од граѓаните, не само вмровците, ќе го сметаат како уште еден чекор во практичното спроведување на таканаречената, наводно непостојна, тиранска платформа чии изложени идеи се преточија во стварност. Можеби неосновано, но почнува да завладува страв од можно воспоставување мајоризација од Албанците врз Македонците, ќе добијат сила наводите дека малцинството во државата е посилно од мнозинството, малцинскиот народ посилен од мнозинскиот. Неоспорно е дека СДСМ, во рамките на својата стратегија за живот еднаков за сите, подава посигурна рака за меѓунационален соживот, но прифаќајќи го заедничкиот кандидат предложен или натурен од ДУИ покажува партиска немоќ, губење на автентичната, самостојна политика и немање кадровски капацитет. Просто прашање: може ли најголемата, најмоќната владејачка партија да нема свој кандидат за претседател на државата. Макар за консензуален, но од свој извор?
Големата албанска офанзива за подигнување на правата за четири-пет степени над Охридскиот договор, отвореното „орловско“ манифестирање победнички триумфализам, агресивното ставање до знаење дека сѐ е завршено во нивна полза наметнува заклучок дека се случува албанска победа, а македонски пораз. Би било наивно да се мисли дека нивната класична националистичка манифестација е случајна или дека е само инцидентна појава искажана од неопитни, надобудни, невоспитани, политички некултивирани поединци, политичари и пратеници. Нивното очевидно неводење сметка за емоциите и реакциите на Македонците, нивната груба ароганција покажува дека тие типови го сфаќаат соживотот поинаку. На тој начин, со примена на таквите постапки и методи, нивната национална ренесанса поприма поинакви димензии. Социјалдемократскиот сојуз статутарно и програмски се претставува, односно е социјалдемократска партија чиј политички идеал е изградба на Република Македонија како општество на слобода, еднаквост, солидарност и демократија, партија што има свои политички начела и цели. Меѓу тие цели спаѓаат: целосно почитување на човекот и неговото достоинство, развивање на демократијата и обезбедување еднаквост на граѓаните. Таа се залага и дејствува во насока на натамошна изградба на Република Македонија како суверена, демократска и правна држава, која почива на темелните вредности на нејзиниот уставен систем, обезбедува плуралност и слобода на медиумите. Меѓу целите се опфатени и негувањето на културните вредности и историските придобивки на Македонија и на сите заедници што живеат во нејзините граници, како и унапредувањето и афирмацијата на меѓуетничкиот соживот и меѓурелигиска толеранција и дијалог. Сите наведени и редица други задачи и цели сега се подведени под слоганот „Живот за сите“, мото што прилега за една мултиетничка, мултикултурна земја и мултиконфесионална држава каква што е Северна Република Македонија.
Социјалдемократскиот сојуз никогаш не бил склон кон изразување отворен македонски национализам. Таа улога уште од почетокот на плурализмот, уште од формирањето на политичките партии им ја препушти на ВМРО-ДПМНЕ, кој носен на национални крилја бележеше импресивни изборни резултати во неколку наврати. За разлика од силните, понекогаш штетни дози патриотизам измешан со национализам и дискриминација на другите етнички заедници, што го покажуваше ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите се определија за пограѓанска опција. Но ако со право се оддалечија од националистичка политика, прашање е дали се во право кога не покажуваат склоност, барем кон умерен национален македонизам и негова заштита.
Не може една партија, која 95 отсто е со членство од македонска националност, да биде само проевропска, прозападна, космополитска партија, а да не биде и промакедонска, на каков било начин. Можеби кажаното звучи цинично, анахроно, антимодерно, несоодветно за актуелниот политички момент, но дневната политика не може да има предност пред долгорочните интереси. Во време кога речиси во сите држави во Европа (пред сѐ оние од ЕУ) јакнат процесите за зачувување на своите национални идентитети, кога го креваат знамето на патриотизмот и потребата од заштита од надворешни туѓи национални влијанија, Северна Македонија, сега како новопризнаена држава, не може сама да си го ништи националното, македонско, историско ткиво, на сопствена штета.
Денес заслужува одговор прашањето зошто секоја битка за правата на Албанците во Македонија го носи атрибутот на битка за демократија и еднакви права, а секоја одбрана на македонизмот, на идентитетот, на самобитноста, па дури и на името, од високи и одговорни пред народот политичари и медиумски поддржувачи поприма третман на македонски национализам. Чиј интерес е тоа?
Кога станува збор за претседателски кандидат, консензуален или самостојно оригинален, сѐ пораширено е мислењето дека кандидат ќе биде некој „американски човек“. Тоа нема да биде необично или неочекувано, особено по напорите што ги вложија Соединетите Американски Држави во уривањето на владата на Никола Груевски и за потпишување на спогодбата за името со Грција. Нормално е Американците да се заинтересирани за континуитет на своето влијание во Македонија, а преку неа и за стратегиските интереси на регионалната политичка сцена. Во тој случај државата ќе има трипартитна консензуалност – американска, албанска и македонска.