Светлосниот утопизам на Тесла (6)

„Светлината за мене е Бог“ – Тесла

Футуристичката имагинација и изумите како нејзин плод изгледа дека немаат временска граница. Може некој дополнителен гениј нив само да ги допродолжува и доусовршува онаму каде што поради ограниченоста на животот и генијот од Смиљан не успеал во тоа. Оти Тесла во таа футуристичка перспектива вели: „На крајот ќе почнат да се создаваат телеавтомати што ќе можат да функционираат како да поседуваат сопствен разум, а нивниот напредок ќе создаде револуција“.
Тоа. При крај сме, драг читателу, со нашиот есеј за Тесла, кој природно е труд на еден поет, па затоа и изумите на овој гениј ги чита пред сè како шифри на неговите идеи и неговиот утопизам за мир и среќа на човештвото во чија функција се тие. И тој Теслин утопизам колку што е во некоја смисла спиритуален, божествен, исто толку е и земен. И Тесла како Хермес Трисмегист сакал да го спои небесното со земното: „Она што е горе е и долу“. Како што го правеле тоа во сликарството, поразлично од нивните колеги на западната ренесанса, и фреско и иконосликарите на Византија, во која се втопени и генијалните македонски уметници што го промовираат македонскиот уметнички стил за кој говори со пиетет Жермен Базен во својата „Историја на светската ликовна уметност“. Да. Но Теслиниот утопизам, за среќа на човештвото на кое му се посветени и неговите изуми, сепак морал да се врзе за некоја цврста точка во реалноста. И таа точка е Америка (САД), која и покрај сè него го фасцинирала. Го фасцинирала со нејзиниот неограничен ентузијазам за широко отворање на границите на новата индустриска епоха, нејзиниот неограничен витализам во кој тој, речиси спиритуално, ја гледал и новата енергија што ќе го оствари сонот на неговиот утопизам за светски мир. Теократската држава за која и поубаво од Платон сонувал и Достоевски.

И, имено, тука, драг читателу, е најголемата утопистичка заблуда на Тесла во врска со Америка, која тој ја посматрал како Бројгел своите генијални пејзажи од птичја перспектива. Небесна. Да. Оти „колосалната моќ“ на Америка за која говори Тесла не ѝ се приклони на неговата енергија на светлината, туку во својата материјалистичка лакомост и див нововостановен по Хитлер и Европа супрематизам, на темната „светска ноќ“, која, благодарение во голем дел денес и на неа, ја поклопува оваа каиновска проколнатичка планета. И во овој контекст пак ќе повторам, драг читателу, вистинска среќа е за Тесла што не ги доживеа атомските бомби на неговата фасцинантна Америка фрлени врз Хирошима и Нагасаки. Па во таа смисла, рековме: и бомбардирањето на НАТО на Србија за создавање на нејзината територија на нова држава за американските геополитички потреби. Итн. До бескрај.
Тоа и така се случи со Америка, нешто што не го предвиде и не можеше ниту да го замисли утопистичката душа на Тесла, без разлика на неговата проникливост и неверување во политички сојузи. Тука ја имаме предвид и неговата недоверба во Лигата на народите, која подоцна прерасна во Обединети нации во кои пак доминира Америка, но не за диригирање со мирот, туку со војните во светот под нејзината света лозинка „американски интереси“. Секако, американската фасцинација на Тесла се должеше покрај на фактот од американското обединување по двете граѓански војни и заведување на демократско општество, и на фактот на американскиот невиден нагон и отвореност за брз индустриски и економски развој со чекори од седум милји. Се разбира, пак, промотор на тој и таквиот развој се во најголема мера Теслините изуми што го диктираа неговиот моќен elan vital тука, а оттука и во колонијалистичка Европа, и со извесно задоцнување, сè до крајните рабови на планетата Земја.
Но како што е добро познато, покрај струјата, динамата и турбините на Тесла, во економската експлозија на новото западно општество капитализмот учествуваше и пронајдокот, кој во почетокот ја има силата на Теслината наизменична струја: слободниот пазар. Економски пронајдок, perpetuum mobile агон за динамизирање на производствениот процес и паралелно со тоа трупање цели планини од капитал.

И, природно, Тесла, кој со сета страст на космополит и хуманист ја посакуваше духовната и душевна (мирот), но и материјална среќа и благосостојба на човештвото, не можеше а да не биде воодушевен од тој економски изум на новото капиталистичко општество за кое, покрај другото, мислејќи многу пошироко од неговиот профитерски ум тој деноноќно и аскетски, во исихастичка тишина на своето божествено битие, работеше. Работеше и веруваше дека новото капиталистичко општество ќе ги употреби неговите изуми за општа среќа на сите, а не само за газдите што го зграпчија него со своите профитабилни волчји заби. Веруваше затоа што, ингениозен до откровенска магичност на својот научен рационализам, тој не можеше да не биде утопист што верува дека научниот и економскиот прогрес во единство, како кинеските Јин и Јанг, треба да ја образуваат амалгамската целина на човековата среќа. И неговиот утопизам, како и оној на Достоевски и на нашиот Рацин, кој го сонуваше „силно светнатиот ден“ на човештвото, не е ништо друго туку само едно „слепило“ со сепак божествено потекло, кое и кога владее општа темница не се откажува од своите светлосни импулси и визии. Имено, тие, парадоксално, и биле завесата што ги покривала духовните и душевни зеници на Тесла како непоправлив утопист и илузионист за да може да ја види сопствената заблуда: дека почетната идеја на слободниот пазар, кого тој безмалку го гледал како визија во рамките на својата идеја за безжичната технологија на бескрајно далечинско дејствување и пренос на енергијата, за многу кратко време ќе се изроди во крволочен економски ѕвер што ќе им носи на едни материјална благосостојба и среќа, а на други несреќа и понижение; на кои, како што вели Рацин „за туѓи бели дворови“ си копаат за себе „црни гробови“. Рацин, кој исто така беше утопист за човековата среќа како и Достоевски и Тесла, но и малку, или многу повеќе и аналитичен за општата експлоататорска слика на човештвото. Небаре асистент на ингениозниот Маркс, кој ќе ја раскринка сета морална хипокризија на либералкапитализмот од кој, и покрај сите негови маски на „хуманизам“ и „демократија“, ни денес не може да здивне човештвото.
Но, секако, драг читателу, не смееме, и аморално е да му припишуваме грев на Тесла на неговото „слепило“ на тој план, оти ни тој ни Достоевски, па ни Рацин не се докрај трезвени социолошки умови како Маркс и Енгелс, туку се докрај утописти.

Оти нивниот принцип на егзистенција е верата, многу повеќе од рациото (дури и кај научниот гениј на Тесла) со која како што вели Исус, ако е голема макар и колку едно едвај видливо синапово зрно може да фрли планини в море. Така како што го сторија тоа во својата вера Тесла, Достоевски и Рацин, но и Киркегард и Лајбниц, кој, имено, поради тој утопизам, за разлика од екстремно песимистичкиот Шопенхауер, веруваше дека овој свет, подарен од Создателот за нас, е најубавиот од сите возможни светови во вселената.
Да. Па и Тесла со својата научна и хуманистичка визија ги фрлаше планините в море, оти секое негово откритие е планина, и оти тој работеше по диктатот на божествената светлина дури и пред Мојсеј, тој што се изгоре од неа на Синај. А Тесла, рака на срце, (како и Достоевски и Рацин) беше дури и повеќе изгорен од Мојсеј од таа светлина, која, каков парадокс, имено, нему му беше подарена во облик на струја за човештвото, а не на еврејскиот пророк. Па, така, изгледа тој ја откри, а не Мојсеј, Ветената земја за човештвото. Потрезвен од овие тројца утописти за човековата среќа беше Маркс, кој потпрен на методот на еволуционизмот, речиси догматски цементиран од Дарвин, размислуваше со еден вид анархистички утопизам во крајниот резултат на својата визија за одумирање на државата, која, според него, во основа е „апарат за угнетување“. Но она што е важно за него е тоа што тој го разглоби, деконструира функционирањето на капиталот и на капиталистичкото општество што го движи на економски план „моторот“ на слободниот пазар, а кој притоа се користи и како мимикриска маска за лицемерната западна демократија, она на што не му обраќаше внимание Достоевски до гуша заглавен во православието и митот за Русија како спасителка на светот, а Тесла целиот обземен од американската фасцинација и индустрискиот бум во неа најмногу благодарение на неговите изуми. Неговата струја, динама и секакви други мотори и машини речиси молскавично како откровение го креваа до небо, за почеток, тој развој што тој го замислуваше како општа среќа за човекот и човештвото. И до крајот на својот живот, иако веќе на големо е во ек експлоатацијата на работниците од страна на капиталистите и нивниот воспоставен систем што ги меле меѓу камењата на капиталот, Тесла остана сепак илузионист и утопист дека неговиот гениј што го подигна на ента степен тој систем на крајот на краиштата работи за среќа на општото човештво. Исто како што, поинаку, мислеше и нашиот утопист Рацин дека пролетерската револуција засекогаш ќе го отстрани тој малиген дефект на канибалистичкиот нагон за профит и угнетување на црнотрудовиот народ од страна на модерното капиталистичко општество што има дури изградено и лукаво, под божемна демократска маска софистицирани методи за експлоатација.

При крај сме, драг читателу, на нашиот есеј за и од нашата фасцинација од Тесла, а ти пак ми забележуваш дека многу малку или скоро ич не стана збор за техничкиот и строго научен, логистички портрет на неговите изуми. Да, но јас нели уште на почетокот ти се извинив за тоа, сугерирајќи дека, и како поет, нив ќе ги користам аналошки, од аспект на слики и идеи на визиите на генијот од Смиљан. Дури во таа смисла си дозволив, како што забележуваш, нив да ги користам и како шифри или метафори што за некого со строг логицистички ум би било протолкувано едноставно како дрскост. Да. И сега кога го велам ова ми доаѓа на ум мислата на ингениозниот Борхес дека, имено, и историјата на човештвото може да се објасни само со неколку комплементарни метафори. Така. Па, по сè изгледа дека во овој наш есеј, драг читателу, и јас се послужив со таа идеја за да ја објаснам, ако не целата човечка историја, барем еден нејзин дел со метафората со име и презиме Никола Тесла. Мислам дека ќе се сложиш со мене.
Вистина е, пак, дека Тесла е, не знам точно во која мера, потценет во модерната наука, без разлика на неговиот мит е поставен на таков постамент што не може никој да го урне. Дури ни атомските бомби на неговата, да се осмелам ли да речам, најголема заблуда Америка (САД), таа што направи пекол од Хирошима и Нагасаки, за жал, и како еден вид претслика на идната трагедија на човештвото, кое со проектите на ЦИА и на Пентагон денес повторно ќе биде фрлено во епохата на палеолитот. Имам впечаток дека Тесла, драг читателу, денес сè повеќе и повеќе од научните авторитети се посматра како исклучиво научен прагматичар, немајќи свест за неговите научни визии, кои како секогаш ја имале во епицентар нивната прагматична примена за среќа на човештвото, сепак, некои од нив, имале космички радиус на својот имагинарен дострел. Оти, веќе кажавме, ретко кој друг научник во историјата на науката располагал со таква моќна имагинација како Тесла. Да. Но откако се згои до невидено ниво капитализмот, имено, и најмногу благодарение на неговите изуми, тој, кој сега го диктира и јавното мнение, здебелен од капиталот, ја форсира теориската наука.

(продолжува)