Зошто оваа земја е во ваква состојба? Заради вас. Вие им го дозволивте ова. Се тргавте настрана. Вртевте глава. Не сакавте да имате ништо со тоа. Оставивте со неа да управуваат најлошите. Истите оние, нивните деца, внуци и трабанти на тие што ја уништија и онаа Македонија некогаш наречена Социјалистичка Република. Оваа земја е уништувана систематски. Оваа земја е авганистанизирана уште пред Авганистан. И таа авганистанизација ја започнаа, како и во Авганистан, истите оние Америка и Германија. Имаа тука логистичка врска и Британија и Франција, но главните авганистанизатори беа и сѐ уште се Американците и Германците. Но тоа уништување ќе беше невозможно ако немало кој да го направи однатре. Ако немало домашни извршители на тоа „проектче“. Логично и природно, Америка и Германија за свои соработници и извршители веднаш ги препознаа, собраа, обучија и подготвија за работа бившите комунисти, нивните деца, внуци и трабанти. Сосема е јасно и зошто. Затоа што тие се најподатливи за служење. Оние што и во поранешниот систем служеле и биле подготвени на сѐ и против секого, подготвени се и сега. Требаше само да им се даде она што не го заслужиле со свој труд, знаење, образование, квалификации и способности. Исто како и во социјализмот. Требаше да им се даде да управуваат прво со тајната полиција, потоа со образованието, па со администрацијата и на крајот со правосудството и длабоката држава. Од Црвенковски, преку Груевски, па до Заев! Сѐ тие, пак тие, нивните инсталации, служби и мегафони! „Живи луѓе ќе јадеме… од чистачка до министер“! Се сеќавате на тие тогаш тривијални повици на канибализам?! Тие ја побараа и добија сета онаа комунистичка инсталација што нивните дедовци и татковци ја поставиле во 1949 година, кога од сталинисти и Совети конвертирале во титоисти и Југословени, а во 1989 година во либерали и Американци. Тоа е. И така и се случи. Америка и Германија започнаа да ги инсталираат како демократи, а институциите како демократски, и управувани од истите групи, семејства и поединци против кои Америка се бореше од крајот на Втората светска војна, затоа што беа двигатели на системот на тоталитаризмот и монопартизмот во Македонија. Таканаречениот Запад систематски ја уништува оваа земја, привидно финансирајќи проекти и луѓе што треба да го реформираат општеството преку создавање функционална демократија низ институционална функционалност преку системот на владеење на правото и правната држава, како предуслов за сѐ друго. Америка и Германија интензивно во последните дваесет и пет години ги подриваат државата, демократијата и владеењето на правото преку создавање систем во кој институциите што тие ги создаваат и плаќаат се управувани од потпросечни, необразовани, неквалификувани и луѓе без грам интегритет и граѓански морал и етика.
И преку суспензија на владеењето на конституцијата и законот, кога тие сметаа дека им е потребно за остварување краткотрајни политички интереси и инсталации на други луѓе и нови групации. Тие ги инсталираа и Зоран Заев, Стево Пендаровски и Катица Јанева. Овој првиот, се сеќавам, уште додека беше градоначалник на Струмица, се фалеше дека го викнале во Америка за да го подготвуваат за премиер! Да бидам најискрен, бев дел од оние луѓе што саркастично се смееја на тие приказни, ама пет-шест години подоцна ми преседна смеењето, кога сфатив дека не постои глупавост што Западот нема да ја примени за да си ги оствари своите интереси. Таа селективност, лажливост, привидност и карикатуралност во примената на владеењето на правото е проблемот број еден поради кој младите ја напуштаат Македонија. Но Америка и Германија не сметаат на оние што заминуваат. Во овој систем на авганистанизација на Македонија важни се само оние што можат да се купат со работно место во администрацијата, со позиција и функција во локалната самоуправа или државата, со псевдобизниси и корупција во сите сфери, сѐ до инсталација на наркомафијата како државен проект и стратегија управувана од премиерот и неговото семејство. Ние знаеме за примена на такви проекти во сега актуелниот Авганистан, но и во Кореја, Виетнам, Камбоџа, Никарагва, Панама, Чиле, Венецуела, Колумбија, Либан и други пропаднати држави низ светот на кои Америка им ветила дека ќе им донесе вечна среќа и земјен рај. Драги мои, ние сме во оној „чаптер“ од проектот наречен уништување на Македонија и на Македонците преку прекинување на точките на идентификација на Македонците со Македонија. Ако успеат во тоа, тогаш навистина е готово. Оставете ги сите приказни за тоа како низ процесот на зачленување преку преговори со Европската Унија ќе се постигнат институционална демократија и владеење на правото. Тоа е лага. Ако имаше таков систем, таков сапун со кој ние ќе си ги измиеме рацете од старите гревови и ќе влеземе во новиот рај наречен Европска Унија како нови луѓе, зарем ќе постоеше проблем за прашања што воопшто не се дел од процесот на пристапување кон таа зедница?! Ништо не е толку тешко да се разбере колку што се тешки и неразбирливи едноставните и прости работи, кои најчесто ни се пред нос што се вели, а ние не сакаме, не знаеме или не можеме да ги видиме. Еве ги тие две нешта што се суштествениот дел од проектот наречен уништување на Македонија и на Македонците, а ние не ги гледаме. Прво: отфрлање на идентификацијата на Македонците со Македонија. Ма, ајде, ве молам, какви реформи, какви промени, каков напредок може да очекувате од луѓе што не сакаат да ѝ го кажат името на земјата во која живеат?! Нема како да постигнете што било, каков било резултат во работата со некого или со нешто што не го сакате, со нешто или со некого со кое немате основна идентификација. Невозможно е да мечтаете и да се стремите кон заедничка иднина со некого што не го поднесувате. Нема како да живеете и да создавате сегашност и иднина со некого кому не сакате да му го изговорите ниту името. Никој не создавал вредности во земја што не сака да го прифати така како што тој сака да се идентификува со неа. Тој таа земја не ја прифаќа и не ја признава за своја. Така си е тоа, го пишувал јас или не. Ова се работи што се суштината на нештата. Може вие да го игнорирате ова колку сакате, но нема да побегнете од фактот дека тоа е главниот проблем.
И решавањето на тој проблем ќе ги детерминира и контаминира сите други прашања и проблеми. Што ќе се постигне со ова? Јасно е: отфрлање на земјата како своја и барање нова земја за идентификација без пречки на патот на идентификацијата. Одрекување од неа и напуштање на земјата, прво духовно, а потоа и физички. И второ: развлекување на проблемот со негово нерешавање колку што е можно подолго, за создавање внатрешни конфликти, борби, меѓусебни несогласувања, истоштувања, социјален и економски крах, духовен и етички распад, уништување на сите вредности и на крајот доведување на народот пред свршен чин од неможноста од друго решение освен она што го нудат тие. Рецептот со Грција сега сака да го примени и Бугарија. Зошто, пак, да не? Логично е. Ако успеало еднаш, зошто да не успее уште еднаш. Што може да изгуби Бугарија ако го одолжува ова во наредните триесет години? Ништо. На кој начин ЕУ може да ја присили Бугарија на што било? Бугарија на ова чека од крајот на Втората светска војна. Зошто да не чека уште? Го слушате Зоран Заев секој ден? „Нема друга алтернатива. Нема друго решение. Нема друг начин.“ Немало друг пат освен тој што го нудат тие. Заев и заевци се само играчки во рацете на Америка и Германија. Тоа им е јасно и на нив самите. Но и тие бараат време за себеприспособување и себепокривање како неинволвирани. Да не навлегуваме сега во тоа дали има политичар, политика или држава на овој свет што своите граѓани ги става пред свршен чин да избираат безмалку помеѓу живот или смрт? Дали ќе им дадете време на тие, тоа зависи само од вас. Тоа е прашање само за Македонците. И тоа прашање се решава просто: на избори! Не е ни прв ни последен пат во историјата. Истото тоа било и со денешните големи нации од германските и скандинавските земји, преку Медитеранот со латинските и келтските народи во Европа и Британија, кои точно во годините на менувањето на идентификацијата со претходните империи, царства и држави, на преминот од осумнаесеттиот во деветнаесеттиот век, во толпи бегалци со бродови се распрснаа по Америка, Канада и Австралија, формирајќи ги таму тогашните бели земји на бели народи, подоцна во Европа формирани како нови нации во денешните Британија, Германија, Шпанија, Италија, Холандија и Шведска, Данска и Норвешка.
Го поминале тие тоа, драги мои, затоа и не се потресуваат многу околу нас. Сѐ што ни се случува нам денес, им се случило ним пред двесте години. Нема да зборувам за балканските држави, каде што тие процеси на создавање нации сѐ уште се интензивни и сѐ уште траат. Процесот на формирање на хрватската, српската, албанската, бугарската и грчката нација сѐ уште трае и сѐ уште е со голем интензитет. Затоа е и оваа состојба со Македонија. Голем дел од идентитетот на сите тие нации е поврзан со Македонија и со Македонците и тие бараат да го одвојат и определат точно својот идентитет со гореспоменатата земја и гореспоменатиот народ. Тој процес на меѓусебно раздвојување ќе биде болен и мачен. Како што бил кога почнал, на крајот од деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Кога ќе заврши, тоа ли е прашањето? За необразовани Македонци, за плиткиот и примитивен ум на црвената буржоазија, нивните деца и трабанти, макар и самонаречени интелектуалци, тоа е прашање што има некаков почеток и некаков крај! За образованите и воспитани Македонци тоа е прашање без почеток и без крај! Кога ќе го разбереме тоа, ќе го прифатиме и ќе живееме со тој факт, со таа суштина секој ден, дека борбата за преживување, опстојување и самоодржување е постојана и нема крај, е тогаш нацијата ќе биде утврдена, непоколеблива и неуништлива. Сѐ додека мислиме дека живеењето во заедница наречена народ е нешто постојано и непроменливо, сѐ дотогаш ќе сме тоа што сме. Непостојани и променливи. Сѐ додека дозволувате неписмени комуњари и северџани да ве лажат дека има датум за почеток и крај на животот на живиот организам наречен држава, сѐ дотогаш ќе вегетирате во заблуда дека со некој друг, некаде на друго место, ќе живеете посреќен и вечен живот во рајот што е надвор од вас, од вашите срца и души, од вашите семејства, од вашите пријателства и од вашата земја. Македонија не е рај, но замислете дека би можело да биде. Најпосле, сѐ започнува со мечта за среќа некаде и на некое место. Се надевам дека најпосле ќе разбереме дека Македонија повторно треба да стане мечта. И да тргнеме одново. Од почеток. Од мечтата. Мечтајте, бесплатно е, полезно и здраво. Најпосле, на овој свет само мечтите се остваруваат. Сѐ друго на овој свет се создава и прави. Со луѓе. Луѓе растураат, ама луѓе и прават, драги мои. Како и секогаш, личен е изборот со кои луѓе ќе бидете дел од заедницата наречена народ. Со тие што прават или со тие што растураат?
Авторот е режисер и универзитетски професор