Овие, шести по ред, ќе бидат значајни по две работи: тие се први избори по промената на името и самостојни претседателски првпат по 2004 година. И покрај намалувањето на изборниот праг на 40 проценти четвртите претседателски избори во 2009 година се одвиваа заедно со локалните избори, а петите претседателски избори во 2014 година се одвиваа заедно со предвремените парламентарни избори. Самостојно одржување претседателски избори и нивна успешност се голем предизвик за земјата.
Се приближуваме кон шестите претседателски избори, кои ќе се одржат во април 2019 година, на кои ќе се избере петтиот претседател на Републиката. Сите претседателски избори досега се со свое значење, а овие, шести по ред, ќе бидат значајни по две работи: тие се први избори по промената на името и самостојни претседателски првпат по 2004 година.
Претседателските избори општо земено предизвикуваат најмал интерес гледано низ призма на одзив на гласачите, поради што и во 2009 година беше намален изборниот праг на 40 проценти од претходните 50 проценти. Веќе на претседателските избори во 2014 година нема ниту еден кандидат лидер на политичка партија. Тоа може да се толкува на два начина, првиот дека партиите сфатиле дека претседателските кандидати треба да бидат прифатливи и за независните гласачи и за симпатизерите на други политички партии, а вториот дека лидерите на партиите не ја гледаат претседателската функција како доволно моќна, доволно важна, за самите тие или нивните најблиски соработници да се кандидираат.
Доколку ратификацијата на НАТО-членството во парламентот во Грција помине како што е планирано овие избори се први избори по бурниот политички период на Преспанскиот договор и промена на името во Република Северна Македонија. Како такви, од агол дека претседателските надлежности се во надворешна политика и одбрана, секако во зависност и од изборните програми на кандидатите, овие избори може да бидат показател за легитимноста на власта и на Преспанскиот договор. Оттука СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе гледаат на овие избори како на можност за легитимирање, односно делегитимирање и тоа ќе влијае дали ќе има или не предвремени парламентарни избори.
Секако, комплексноста на претседателските избори ќе биде зголемена со фактот дека ова се самостојни претседателски избори првпат по 2004 година. И покрај намалувањето на изборниот праг на 40 проценти четвртите претседателски избори во 2009 година се одвиваа заедно со локалните избори, а петите претседателски избори во 2014 година се одвиваа заедно со предвремените парламентарни избори. Самостојно одржување претседателски избори и нивна успешност се голем предизвик за земјата.
Во целиот период по независноста, поради етничката поделба на гласачите во Македонија, победува претседателски кандидат, кој не добил поддршка само од симпатизерите на политичката партија што го предлага. За претседателските кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во минатото таа поддршка ја обезбедувале ДПА, ПДП и ДУИ. Таа поддршка често беше поддршка на врвовите на тие политички партии, но не и нивните симпатизери и најчесто постоеја обвинувања дека поддршката е со полнење на гласачките кутии. Тоа се промени во 2009 година, кога на тогашните претседателски избори отсуствуваше полнењето кутии, но успехот на претседателските избори беше обезбеден со намалување на прагот на одзив на гласачите на 40 отсто од претходните 50 отсто и со истовременото одвивање на локалните избори.
Успешни претседателски избори ќе имаме само со претседателски кандидати што можат да ја надминат поддршката од политичката партија што ги предлага, кои можат да обезбедат поддршка и од други партии и од независните гласачи. Покрај поддршка од други партии, ќе биде потребен не еден јак кандидат, туку два јаки кандидата, за да ги мобилизираат гласачите и на левицата и на десницата.
Оттука и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја мерат и ја премеруваат поддршката што можните кандидати ја имаат меѓу гласачите, меѓу сопствените симпатизери, кандидати што можат да обезбедат поддршка и од други политички партии. За разлика од претходните претседателски избори, кога во јавноста не беа објавени рејтинзите на можните кандидати, овој пат такви беа објавени најмалку од ТВ Телма и МЦМС, спроведени од „М-проспект“.
Сепак може да се случи и покрај сѐ да не се постигне неопходниот праг од 40 проценти и претседателските избори да бидат неуспешни. Во тој случај, претседателот на Собранието ќе биде вршител на должноста до организирањето нови претседателски избори. Заканите од СДСМ, дека во случај на неуспех (бојкот) на претседателските избори, претседателот можеби ќе се избира во Собранието, иако тоа е дамнешно барање на ДУИ, треба да се сфатат пред сѐ како предизборно тактизирање. За промена на изборниот модел е потребна измена на Уставот, за која тешко ќе се обезбеди поддршка бидејќи ќе се нарушат уставниот баланс и проверките меѓу Владата и претседателот.
И постојниот директен мнозински изборен модел, според повеќе теоретичари, на пример како Хоровиц, како нашиот претседателски модел и како моделот за избор на градоначалник, се поволни за помирување, бидејќи постигнувањето изборно мнозинство поттикнува надминување на партиските и етничките рамки. Од таа гледна точка е поволно претседателскиот кандидат да ги надмине партиската и етничката рамка. Но тоа може да е поволно само ако има избори, ако има политички натпревар меѓу најмалку два кандидата. Затоа за Македонија не е добро да има еден консензуален кандидат, бидејќи тоа ќе биде суспензија на изборот.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк@sklek #Избори2019