Духот на поделбата (сè уште) кружи над територијата на бивша Југославија. Како да едвај дочекаа да се отвори уште едно „мезе“ за судбината на териториите и населението, разни кругови лиферуваат непотврдени т.н. нонпејпери (во моментов додека ги пишувам овие редови ги има три, но националистичките и геостратегиските имагинации не запираат тука).
Меѓусебни обвинувања, подметнувања на кукавичини јајца, клевети и божемна загриженост за регионот и неговата иднина – тоа е накратко она што се случува. Прашањето е: кому му треба ова, за која цел и зошто сега?
Да почнам од последното: зошто сега? А зошто не? Прашањето на прекројувањето на она што некогаш беше Југославија никогаш и не престана да биде тема: од 70-тите години кога во тајните планови на ЦИА постојат планови за поделба на федерацијата, до приказните за „Караѓорѓевата шницла“, која наводно ја подготвувале Туѓман и Милошевиќ во четири очи во 1991 година, до онаа (не)славна салфета (или поточно, мени за гала-вечера) од Лондон (во мај 1995 година) што Педи Ешдаун подоцна (т.е. 14 месеци по завршувањето на воениот судир во Босна) ја покажуваше како „историски документ“ дури и пред Хашкиот трибунал како крунски доказ врз основа на кој е донесена пресудата дека судирот од 1993/1994 година имал меѓународен, а не внатрешен карактер.
На овие обвинувања, за француски медиум Туѓман ќе каже дека тој не предлагал поделба, туку откако Ешдаун му ја нацртал скицата на БиХ и побарал негова прогноза за идните десет години, тој само се надоврзал на плановите што произлегле од НАТО во 1993 година, а на кои била повлечена линијата на поделба на интересни сфери меѓу Западот и Истокот, а која одела токму низ средината на Босна.
На една голема конференција во САД, во 1999 година, учествував на панел на кој учесник на Дејтонските преговори зборуваше за тоа како биле исцртани внатрешните граници на денешна БиХ, што буквално ми предизвика мачнина: такво ладнокрвно елаборирање на „пауерпоинт-презентација“ на судбини на луѓе ми беше неподносливо знаејќи го крајниот крвав баланс на тие игри, во кои покрај внатрешните, имаше и надворешни актери. Но многу пополитички коректно е да се зборува за крвожедните внатрешни актери, а т.н. меѓународна заедница да се претставува како миротворец.
Ја следам сета вознемиреност низ регионот, ама и во Македонија (каде што шарените либерали прозиваат сите други да се изјаснат за „Словенечката платформа“ онака како што врескале за „Тиранската“, алудирајќи секако дека првата е неоспорна и реална, а втората е само во главите на вмровците и националистите). Секој го гледа и толкува она што сака да го види во тие три нонпејпери, т.е. неофицијални документи што шпекулираат околу можните прекројувања на овој западнобалкански провизориум, односно низа на неуспешни и слаби држави настанати по распадот на СФРЈ.
Јанша демантира дека текстот што циркулира е негово дело, но кој ќе му верува на „балканскиот Трамп“ (особено сега кога Трамп пропадна)? Јанша си го има товарот и на распадот на СФРЈ, заедно со Словенија, која премолчено, сите ја сметаме за онаа што под паролата „Еуропа здај“ (Европа сега) тргна во сецесија, си ја спаси кожичката и не се ни сврти да го види ломот што го остави зад себе – војната во Хрватска стана неизбежна по излегувањето на Словенија, а потоа нужно следуваа БиХ, па Косово, Македонија…
Затоа, во овие божемни анализи има многу субјективност, акумулирани емоции и фрустрации, и сето тоа ги вади на површина незалекуваните рани од југословенскиот инферно. Наместо да размислуваме кој го пушти пробниот балон (односно, балони), подобро е прашањето да се стави во контекст. Зошто би се скандализирале од овие три нонпејпери, кога на секои две-три години нè тестираат од разни страни: американски сенатори и конгресмени отворено предлагаат поделба на Македонија (последен беше Дана Рорабахер во 2017 година). Пред него, во повеќе наврати, еден ценет автор и познавач на регионот од Британија (Тимоти Лес), пишува за дисфункционалните држави на Балканот и за нужното прекројување на нивните граници (во насока на создавање поголеми и „одржливи“ држави или ЕУ-славија, како поблага форма на редефинирање на регионот). Албанските политичари (од триаголникот Тирана – Приштина – Скопје) не еднаш зборувале за обединување на албанските територии (кулминацијата беше за време на стогодишнината на создавањето на Албанија како држава). Трамп туркаше план за поделба на територии меѓу Белград и Приштина, а Бајден не чини ништо ефективно за да го спречи тоа. Битката околу Република Српска е повеќе геополитичка битка со Москва отколку грижа за целовитоста на БиХ.
Што значи ова за нас? Ништо посебно, бидејќи ние семето на распадот го носиме во своите пазуви, делумно поради влажните националистички соништа на домашните политичари и нивни поддржувачи, делумно поради геостратегиските игри на надворешните олеснувачи. Да потсетам, Охридскиот договор внесе модел на споделување на власта, а во 2004 година дојде и до етнички геримендеринг (цртање општински граници по етнички клуч). САД го „олеснија“ сето тоа, иако таквата држава и институции се неодржливи во подолг рок, а се и нефункционални и прескапи за мала и сиромашна држава. НАТО (и ЕУ) требаше да биде единствен внатрешен „лепак“, ама се покажа дека тоа беше само бајка за полесно проголтување на „жабата“.
Да беше Македонија држава, немаше да ѝ се случи формирање коалициска влада врз Тиранска платформа (а богами ни нелегалните платформи на Матка немаше да стојат негибнати). Етничките концесии се дел на договорите за буквално секоја политика: од пописот, до државјанството, па сè друго. Прашање на време е кога ќе се стави на маса прашањето за регионализација, т.е. кантонизација.
Словенечкото претседателство не значи ништо во системот на функционирањето на ЕУ како систем. Тоа што уште непочнато е компромитирано е очигледно дел на нивните византиски игри, но и од геополитичките опипувања на состојбите. Ако Германија не можеше да стори нешто позначајно, зошто Словенија би била фактор во наредните шест месеци? Но најавите од типот „ЕУ: Ситуацијата на Западен Балкан бара отворена дебата“ (седницата на министрите за надворешни работи е договорена со физичко присуство за 10 мај) само ги подгреваат тензиите, наместо да ги смират.
Духот на нов берлински договор се надвиснал над регионот, а некои го доживуваат со ужас и како рефлексија на други несреќни времиња, а некои му се радуваат. Но и ова не е ништо што треба да изненадува. Зарем заборавивме дека токму таа ЕУ ги благослови не толку пријателските договори со Бугарија и со Грција? Токму таа ЕУ не само што навиваше да си ги продадеме името и идентитетот за наводни преговори за членство туку сега уште и ги благословува бугарските шовинистички барања за целосно бришење на македонската нација (со условување околу јазикот и историјата).
Што сакам да кажам? Нам не ни треба нов берлински конгрес за да нè извади од памет. Нам поделбата ни се случува, со години. Нам ни претстои имплозија и можна поделба (не велам со крвав конфликт, но можно е преку уште некој наместен референдум како оној од септември 2018 г.). Тоа е реалност, не е нонпејпер! Општества што немаат внатрешен општествен консензус, општествен договор и желба да живеат заедно без да гледаат преку оградата, и чиј „лепак“ се фатаморгани од типот на НАТО и на ЕУ, се осудени на пропаст – и се лесен плен на надворешните грабливци. Едноставно, ги повикувате на гозба!
Кога ќе го погледнете начинот на владеење на оваа влада ви доаѓа да се прашате: дали е ова така затоа што овие знаат нешто што ние не знаеме, затоа што знаат дека од ова држава не бидува, па веќе си ги спакувале куферите (т.е. отвориле фирми и банкарски сметки, а и си купиле имоти надвор, па не им е грижа ни за тоа дека овде не можеш ни извод од книга на родени да извадиш, а ни елементарна здравствена услуга да добиеш)? Во меѓувреме полнат батерии на мотори што чинат колку нечија куќичка или станче…
Во нормална (а не болна) држава, ова би мирисало на 1789-та. Но овде повеќе се насекираа за Јанша, Пицула, Фајон и чекаат спас од Калето или Брисел. А стравот од духови во вид на нонпејпери (те од Русија, те од Америка, те од Груевски – за кој навистина не знам како се појави во приказнава, освен како додаток на партиските ботови) зборува за инхерентната несигурност и недоверба во државите во кои живееме – од БиХ до Македонија. Ако народот не си ја сака државата, па уште и моли некој да го стави во ред (со камшик или без него), тој веќе ја изгубил способноста за државотворење и функционирање. Останал во 19 век како паричка за поткусурување меѓу големите сили: тој е влогот на зелената маса, ама навива кој да го добие. Колку очајно и мазохистички! Во стравот се големи очите, ама и апетитите не се мали, особено кога некој сам се нуди да биде „посвоен“ и „реформиран“. Преспа беше продукт на дипломатија и геополитика од 19 век, нонпејперите се само бледа сенка на она што го направи Преспа.