Aјварот го запрживме, а време е за тарана или за (кисела) туршија. #Бојкотирам веќе се трансформира во #Оставка. Колку и да се очигледни причините за тоа, сепак се издвојат неколку поради кои не само што самозадоволството од добиената битка е луксуз, туку не е ни заслужено. Во интервју за странски медиум кажав дека битката не е (само) за правото на самоопределување и уставна сувереност, туку првенствено за владеењето на правото и на слободата. За ова да не биде запомнето како „десет дена Република на ајварот“, треба да се трча маратон, а не трка на сто метра. На тој пат не смее да се загуби компасот, а тоа се вредностите на оваа битка. Една од нив е загрозена со скандалот што го следи филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи.
Тој стана вознемирувачка тема поради цензурата, која како Дамоклов меч почна да виси над него од мигот кога некои пречувствителни типови (кои си ги чуваат униформите и умот од 2001 година), вклучувајќи ги и министерот за култура, премиерот и директорот на Агенцијата за филм, и без да го видат, оценија дека содржи говор на омраза и дека ќе биде штетен за меѓуетничките односи. На денот на премиерата беше приведен таткото на Бојаџи, а пред киносалата стоеја полицајци! И покрај огромниот интерес и можност за заработка, ниту една киносала не се осмелува да стави на програмата филм со престижна светска награда. Сега, откако го изгледав, сум уште повчудовидена од распнувањето на Бојаџи (слично на ликот од неговиот филм), но уште повеќе со ругањето со нашиот ум! Филмот е повеќеслоен како и балканската историја, но со јасни хуманистички пораки.
Филмските критичари ќе треба да дадат свој суд (како и жирито на фестивалот во Монтреал), но овде филмот е даден пред суд, со барање за забрана на негово прикажување, по барање од државното правобранителство (!?), односно етничките нарциси и политички паљачовци, кои го осудија врз база на рекламен трејлер. Тоа е како да забраните книга што не сте ја прочитале поради нејзината корица! Настаните од 2001-та не само што не се во фокусот на филмот (кој не е документарец), туку се (нужна) попатна епизода на главната сторија. Напротив, постои видлива намера за хуманизирање на учесниците во едно од (документираните и амнестирани) воени злосторства преку дијалогот меѓу младиот Ариф и Лазар. Контекстот на приказната е широк, балкански, но сржта се однесува на делбите меѓу Македонците, особено по линијата „Егејци“ и „неегејци“. Ова е жална приказна, која мнозина и денес ја преживуваат болно, токму затоа што во нашата историја има „искинати“ страници, црни дупки и епизоди што се табу-тема. Ако една куса рефлексија на 2001 година буди вакви реакции кај Албанците, како воопшто ќе се справиме со болното наследство од таа мала војна? Ако филмот се гледа (само) низ етничка призма, тогаш би требало да предизвика силни емоции кај Македонците (па и гнев затоа што вистински и болно до коска се прикажани во филмот, ни малку како ангели, туку и кога си нанесуваат болка/смрт и меѓусебно).
Албанците овде играат споредна улога.
Се сеќавате ли како францускиот амбасадор опоменуваше дека ако не гласаме за (и не станеме Северна Македонија) ќе станеме Северна Кореја? Е па, севернокорејскиот синдром го носиме в пазуви, а никој ниту од либералната каста, домашна или странска, не го ни споменува тоа! Се наметнуваат прашања, како дали филмот е политички неподобен поради Преспанскиот контекст, а албанскиот (наводен) гнев се (зло)употребува за да се затскрие вистинската причина? Дали егејската трагедија е навистина нераскинлив дел на македонското национално ткиво? (Веќе го слушам газда Трифун: аман од овие Егејци, кои ми го нарушуваат соживотот со моите сограѓани, Албанци?) Несудениот нобеловец ЗЗ, како и некои други, не сакаат токму сега да се зборува за тоа дека Македонци живеат на двете страни на границата, и дека грчките Македонци не се (само) оние за кои зборуваат Ципрас, Коѕијас или Кофос.
Круцификацијата на Бојаџи е за да обезбеди дисциплина на кичмата додека насилно се спроведува нов циклус на градење нација со (само)асимилација и самоцензура. Но дека овде станува збор за авторитарна матрица, а не за инцидент, покажуваат уште неколку примери од последната година. (Ќе треба да го изгледаме одново „Среќна нова 1949“ – додека не го забраниле!) „Трето полувреме“ е во бункер (на МТВ и во меѓународната културна размена) откако бугарската министерка за надворешни работи тоа го постави како услов за добрососедски односи по потпишувањето на договорот, и тоа експлицитно во интервју за наш медиум. Забраната не е тајна ниту во филмската редакција на МТВ: кажано им е овој филм повеќе да не го пуштаат.
Не помага што филмот е базиран на вистински настани и историски личности, што е лесно проверливо, почнувајќи од веб-страниците на Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон и сведоштвото на Нета Коен. Улогата на Бугарија во холокаустот на македонските Евреи не е оспорена од никого во светот, освен од Бугарија, а сега и од владата на Заев. (Патем, ревизијата на спомениците на паднатите борци од бугарскиот окупатор е чин за кој едвај некој и проговорува; останува да видиме како ќе се одбележи Денот на востанието, а наскоро и новите учебници по историја по добивање дозвола од бугарската страна.) Неколку месеци подоцна дојде јавна хајка против филмот „Кога денот немаше име“, инспириран од егзекуцијата кај Смилковско Езеро. Поругата одеше до таму што сестрите Лабина и Теона Митевски беа нарекувани „рифеншталки“ (според Лени фон Рифенштал, режимската режисерка на Третиот рајх) затоа што се дрзнале снимат филм инспириран од кривично дело, што можело да ја вознемири албанската публика! Забраната на „Ругањето на Исус“ е досега најеклатантниот пример на цензура.
Застрашувачкото е што цензурата беше дадена ex ante, на прес-конференција (пред да се инволвира судот, сега по првото прикажување) – за сите идни филмови чии теми не се вклопуваат во политичката агенда (и уметничките сфаќања на коалиционите партнери од албанскиот блок)! За севернокорејското ниво на политичка и интелектуална култура зборува тоталниот молк: никаква осуда од Друштвото на филмските работници, Кинотеката на Македонија или домашните филмски критичари (со исклучок на новинари, кои, иако филмот не им е специјалност, не штедеа зборови за нивно оцрнување или кои се позагрижени за „говорот на омраза“ во коментари на ФБ-профилот на Бојаџи отколку пред шокантниот факт дека меѓународно награден филм се забранува со претекст дека шири говор на омраза и ја загрозува државата!!!). Во бивша СФРЈ постоеја само ретки забрани на филмски дела („Парада“, „Пластичен Исус“, „Цигули мигули“, „В.Р. – Мистерии на орга(ни)змот“). Но, во Македонија никогаш, од времињата на браќата Манаки! Под ниту еден систем/режим не се случило домашен филм да биде забранет или цензуриран, иако нетипично за кинематографиите во регионот, најголемиот дел од нив, имплицитно или дискретно, се политички или барем социјално ангажирани, а добар дел се занимава со скокотливи историски теми.
Духот на договорот со Бугарија и спогодбата со Грција (доколку стапи во сила) ќе предизвика нужна (само)цензура секогаш кога Софија или Атина ќе бидат „чувствителни“ или загрозени од „иредентизам“. Замислете како ќе се однесува ваква субмисивна власт кога ќе се испорачаат барања за забрана на дела што се столбови на македонската кинематографија, како „Црно семе“, „Црвениот коњ“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Мис Стон“ итн. Што се однесува до Тетово, прифаќањето на двојните стандарди е повеќе од видливо. Министерство за култура спонзорира песни за јуначките дела на УЧК испеани од малолетници. Впрочем, нема пример на држава што си ја повлекла првата и единствена (иако по квалитет слаба) национална енциклопедија само поради „чувствителноста“ на Албанците.
Таа денес може да се чита само приватно и во темни ќошиња на интернетскиот простор. Накусо, треба да ни биде јасно и нам и на тие што (насилно) нѐ европеизираат дека, како и рамковниот, така и договорите со Бугарија и со Грција, можат да се имплементираат само под закана од санкции, цензура, и задушување на слободата на мислата и говорот, вклучувајќи ги и слободата на академското и научното творење. Онака како што е замолкната уметничката фела (ни да гугнат врвните дејци за агонијата на Бојаџи!), истото тоа е случај и со академската. Историчарите не само што не се противат на укинувањето на нивната наука ставена под меѓудржавна цензура, туку и соработуваат. Тивко го набљудуваме ругањето со разумот и со слободата, од луѓе кои јавно се проституираат, дури и во процес на промена на устав. (Само)цензурата се враќа на голема сцена. Единствената разлика од некои други времиња е што сега контролата и санкционирањето (ќе) го вршат самите Македонци во „својата“ држава. Она што го правеле окупаторски или асимилаторски власти, сега ќе го прават во име на „Европска Македонија“ во која ќе шепотиме, ќе делиме видеоснимки и книги под рака, затоа што се забранети во јавната сфера. И ќе замислуваме дека тоа е чин на голема храброст… Освен ако ајварот не предизвика сакани дејства!