РИМ

Нашиве „креативци“ не отидоа подалеку од старите југословенски наративи:
го извадија од ракав на основачкиот мит за Илинден, кој во бившата држава служеше како ‘доказ’ за континуитетот на социјалистичката идеја и за „братството и единството“

Доколку Грција го прифатеше „генијалниот“ предлог за „Република Илинденска Македонија“, кратенката ќе ѝ беше РИМ. Преведена на англиски (rim job е, предупредувам, за читатели +18) таа ја дава ако не целата, тогаш барем половината од вистината за стратегијата на преговорите на оваа влада, а кои од трагедија се претворија во фарса. Станавме тема за подбив и надвор, па соседите пишуваат со подбив: „За милион евра годишно, компанијата ’Кока кола’ ѝ понуди на Македонија да се вика ’Кока кола Македонија’“. Дека некој е навлечен на кока, тоа е повеќе од јасно, бидејќи трезвен и мудар лидер не би ни можел да дојде до предлози, кои не само што ја изложуваат државата на потсмев, туку и газат по сѐ што се смета за свето во нејзината историја. Илинден веќе им го продадоа на Бугарите и тоа за ништо, па не е чудно што тие на предлогот реагираа оргазмички; тој да ти бил знак дека сме се освестиле за заедничката историја.

Таман апологетите се пуштија во погон (Заев го матирал Ципрас), кога Атина го одби без двоумење, ама по подолг напад на хистерична смеа. Нашиве „креативци“ не отидоа подалеку од старите југословенски наративи: го извадија од ракав на основачкиот мит за Илинден, кој во бившата држава служеше како ‘доказ’ за континуитетот на социјалистичката идеја и за „братството и единството“. Текстот на Манифестот (до „Браќата земљаци и мили комшии… Турци, Арнаути и мусљумани“) има длабока национална вредност, но според некои тврдења тој бил напишан дваесетина години по востанието (како и Библијата, многу по смртта на Христос и апостолите). Ова веројатно требаше да биде селска итроштина за (наводно) да им се „докаже“ на Грците дека не сме измислица на Тито и дека оваа тиква има корени од 1903-та. Или можеби од 1944-та? Или го има на ум (ако имаат ум) третиот Илинден (1991)? Или можеби кажуваат дека нема да нѐ биде долго. Крушевската Република траеше десет дена, а Заевата „Илинденска епопеја“ еден ден.

Таман повика на водство, веќе пропадна во амбис, што не е за жалење доколку со себе не ги повлече и опсегот на употребата и промената на Уставот. Вождот не се жртвуваше себеси, туку сите нас! На авантуристи не смее да им се дава улога ниту на преговарачи, а камоли на премиери! Она што еден будала ќе направи… А предлогот (балонот?) беше (и) за домашна употреба: да се доведе ДПМНЕ во тесно (ај покажете дали имате нешто против Илинден), а Заев да ја покаже македонската жичка. Ако го запоставиме фактот дека Илинден е и верски празник и можевме да заличиме на теократска држава, сепак врвот на „дебатата“ беше тврдењето дека РИМ е прифатливо име од идеолошка гледна точка, и за левите и за десните партии! Видете им го умот! Во национално име, во име на политичка заедница, тие се пазарат и бараат идеолошки бои! Тоа е коренот на сите делби и зла во оваа неуспешна држава, во која кукавици прават мајтап со генерациите кои лееле крв за да ја создадат.

Настрана што Албанците побрзаа да кажат дека митот за Илинден како обединувачки на етнички план за нив не важи, ами се и 80 отсто муслимани… Уште една зацементирана поделба. На прв поглед, грчкото лудило нѐ спасува од нашето. Ако ова некои го почувствуваа како олеснување и победа, таа е Пирова. Грците го одбија предлогот како иредентистички, но извојуваа огромна победа. „Ние во преговорите постигнавме максимален напредок: прифативме сѐ!“ – гласи еден одличен афоризам. Заев покажа практично дека навистина нема црвена линија и јавно призна дека прифатил отстапка каква што досега не направил ниту еден наш политичар. Грците ова ќе го паметат како освоена позиција за идните преговори. Ним им е и онака сеедно кој збор ќе стои ПРЕД Македонија (можеме и „Кока Кола“ или „Марсовска“ да се наречеме), затоа што тој збор ќе ги определи сите идентитетските одредници. Кога ќе му пропаднат сите идеи, Заев ќе се обиде да стане нов бранител на македонштината, како Груевски во 2008-та. Но, ако Груевски беше корумпиран и ја оштети државата политички и финансиски, овој е национална катастрофа, бидејќи го подарува она што не му припаѓа, а што е највисока национална вредност! Парите од Груевски може и да се вратат, ама ова што го раздава Заев е од непроценлива вредност. Затоа, најмалку ни се виновни Грците или ЕУ, бидејќи си имаме проблем со нашите слепи и продадени вождови. Македонците отсекогаш им биле најголеми непријатели на Македонците.

Работата не е за смеење од поодамна, ама зрак оптимизам внесува неверојатниот наплив на шеги деновиве. Она што никогаш не ги красело Македонците (за разлика од другите балкански народи), се појавува на површина. Тоа не е безначајна работа: артикулацијата на пркос и отпор спрема една неодговорна, неспособна и вазалска власт зависи постоењето здрав дух и духовитост; а народ што знае да им се потсмева на своите вождови е народ на кој само малку му фали за да му пукне филмот! Оваа „Илинденска“ небулоза може да послужи како бабица на тој (досега скриен, потиснат и неразвиен) дух на народ што го сметаат за апатичен, меланхоличен и индиферентен. Штета што нема сатиричари, ама затоа социјалните мрежи овозможуваат индивидуални проблесоци од луѓе за кои не би верувале дека се толку талентирани. А инспирацијата е неисцрпна. Како да не умреш од смеа на заклучоците на „процесот Жан Моне“: пратеници што нелегално „избраа“ претседател, кои на еден или друг начин учествуваа во настаните од 27 април, кои си ги полнат џебовите со астрономски износи за патни трошоци, кои за одредена цена преминуваат од опозиција во власт (Амди е само метафора за политичка корупција и проституција), кои кршат устав, закон и деловник без око да им трепне, се обврзале пред европратениците дека ќе почитуваат етички кодекс! А гостиве воопшто и не дојдоа за да ги упристојат, туку од други причини. На вечерата не била сервирана охридска пастрмка, туку Македонија; рецептот „морков на стап“ пацифицираше и обезбеди парламентарен консензус за кога ќе дојде време за промена на името и Уставот. Мицкоски, математички прецизно, ја голтна јадицата, иако вели дека устав не менува, ама име прифаќа. Сега му преостанува последниот чин, на протестите на 2 јуни да се легитимира како лидер, кој божем се буни, а капитулирал за суштинското прашање.

Она што мора да се извлече како поука од последната дипломатска авантура е дека Грците го работат нашиот Глупчо како сакаат! А тоа што премиерот е глуп е само доказ дека друг стои зад целата игра. Заев можеби искрено верува дека е позитивен и креативен, но Грците извојуваа огромна победа – што на Ципрас ќе му биде капитален влог на изборите. Ние мораме да бидеме свесни дека следниот ‘напад’ на креативност нема да го преживееме како држава! Заев експлицитно прифати мешање во внатрешните работи и го наруши уставниот принцип на народен суверенитет, а што е тоа ако не велепредавство!? Ако не сакаме да живееме во монтипајтоновска Македонија, која е навистина забавно место, особено за умирање – од смеа или од мака, по ваш избор – мораме нешто да сториме. Пред неколку месеци порачавме СТОП ЗА ПРЕГОВОРИТЕ, за да денес посведочиме уште една причина повеќе (можеби и најважна) зошто не смее да се преговара со луѓе што ниту знаење имаат, ниту морал. Стоп за преговорите и пренесување на постапката пред ООН е веќе услов за опстанок, не само за решавање на спорот за името. Впрочем, спорот е и измислен за да не се реши, а нас да нѐ стави на суштински тест: ќе нѐ биде или не! Преговорите од трагедија станаа фарса, а главните режисери се македонските политичари. Затоа, СТОП за вождови што водат кон амбис!