Се чини дека клучниот генератор на порастот на незадоволство не се надворешните работи, а не е ниту економијата, туку најверојатно клучниот генератор на порастот на незадоволство е борбата против корупцијата и криминалот
Во врска со реконструкцијата на Владата, ги прегледав сопствените изјави за медиумите како „Најважно е промените да имаат некаков ефект“ или „Кадровски промени – брзи со метла или долгорочни со ветинг“. За овој коментар се двоумев за насловот меѓу „Реконструкција без реконструкција“ и „Метлата како новиот бран“. Новиот бран? Веројатно веќе во целосен заборав кадровските промени на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа мешавина на партиска реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ и реорганизација на државни раководни функции во 2012 година. Новиот бран требаше да го пресретне почетното незадоволство од власта на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2011 година, но „Новиот бран – промена или трик“ се покажа дека е само трик. Звучи познато, звучи како „метлата“ на СДСМ.
Но „Реконструкција без реконструкција“ подобро го опишува стилот на владеење на оваа влада, во која имаме „Конечен договор без конечност“ (за Преспанскиот договор) или „Датум без датум“ (за ЕУ). Од една страна се очекувањата на јавноста, од друга страна е реалноста. Очекувањата на јавноста се реконструкција, очекување јасно поврзано со растечкото незадоволство од Владата. Според последното истражување на М-проспект, од мај-јуни 2019 година, на две години од работата на Владата, нејзината работа ја одобруваат 43,9 проценти, а не ја одобруваат 51,2 процент. Падот на одобрувањето или задоволството од Владата е околу 15 процентни поени, односно во септември 2017 година тоа изнесува околу 59 проценти, за во јуни 2018 година да падне на 49 проценти и сега на околу 44 проценти. Првпат мнозинство граѓани не ја одобруваат работата на Владата.
Кои се генераторите на порастот на незадоволството? Поаѓајќи од фактот дека највисоко одобрување на работата има Министерството за надворешни работи, се чини дека клучниот генератор на порастот на незадоволство не се надворешните работи. Можеби е изненадување дека порастот на незадоволството не е ниту поради економијата. Во јуни 2018 година во економијата и за отворањето работни места, работата на Владата ја одобрувале 36,6 проценти, наспроти сегашните 37,6 проценти (неодобрувањето е 59,5 проценти наспроти сегашните 56 проценти). Најверојатно клучниот генератор на незадоволство е борбата против корупција и криминал. Во прилог на тоа дека има пораст на неодобрување на работата на Владата во борбата против корупцијата и криминалот од 50,3 проценти во 2018 година, на 59,3 проценти, најлошо оценети реформи се тие во борбата против корупцијата и судството и на крајот и довербата во специјалното јавно обвинителство (СЈО) е во надолен тренд и доверба имаат 37,5 проценти, а недоверба 57,1 проценти. Само пред половина година, во ноември 2018 година, СЈО имаше 41 процент доверба и недоверба од 53,5 проценти, а во април 2018 година процентите беа 42,9 наспроти 50,5.
Поврзано со тоа е веројатно негативната перцепција на работата на Министерството за правда, едно од неколкуте министерства со негативен биланс меѓу најдобро и најлошо министерство. Најлош биланс има Министерството здравство, кое е перципирано како најлошо министерство и во 2018 и во 2019 година. По Министерството за здравство и тоа за правда, следуваат образование и наука, како и тоа за животна средина и за економија. На позитивната страна е веќе спомнатото Министерство за надворешни работи, како и Министерството за труд и социјала, за земјоделство, како и за одбрана. Другите министерства, како на пример за внатрешни работи, се со слични оценки за најдобро и најлошо. Може да се заклучи дека, покрај борбата против корупцијата и криминалот, генератори на незадоволство се клучните државни услуги, како здравство, образование и животна средина.
Овие оценки на министерствата не се неминовно директна оценка на министерот, ниту на министерството, туку на подрачјето, но на крајот одговорноста за подрачјето е на министерството и на министерот. Оттука, очекувањата на јавноста за реконструкција најверојатно се поврзани со правда (борба против корупција и криминал), здравство, образование, животна средина, економија. Во објавената реконструкција единствен ресор од наведените е животна средина, а и во тој случај министерот не е разрешен, туку е унапреден во нова министерска функција. Две околности веројатно влијаеле да добиеме реконструкција без реконструкција: близината на парламентарните избори и недопирливоста на ДУИ. Поради близината на парламентарните избори во 2020 година, како и пржинскиот формат на техничка влада, многу е веројатно премиерот Зоран Заев да имал тешкотии во убедувањето кадри да прифатат министерска функција. Кој би ризикувал кредибилитет за неколку месеци министерување во кои тешко дека ќе се промени нешто? Оставката на заменик-министерот за образование, кој наводно сакал да биде министер, подрачје на незадоволство и унапредувањето на министерот за животна средина се најновите докази за недопирливоста на ДУИ. Така, премиерот меѓу очекувањата и реалноста, заврши со реконструкција без реконструкција.
Пред неколку седмици во „Целосна власт, колку одговорност“ напишав дека СДСМ со целосна власт во свои раце, со можен пад на поддршката, ќе се соочи со предизвик да ја прифати одговорноста и да ги загуби следните избори, или да не ја прифати одговорноста и да започне со авторитарно владеење. Премиерот Зоран Заев, со сопствениот предлог да биде и премиер и министер за финансии, неочекувано брзо ќе даде можен одговор во која насока ќе се движиме. Нејасно е како е можно да не се извршат консултации за законскиот судир на интереси во вршење на двете функции и истите тие да се бранат на највисоко владино ниво. И со тоа да се стави на тест демократскиот капацитет на институциите.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek