Излегувањето на САД од Авганистан е многу повеќе од регионална интерпретација на ефектот околу целиот ангажман. Колку и да изгледа себично, за САД, а до одредена мера и за НАТО, извлекувањето од Авганистан има егзистенцијално значење во тековниот геостратегиски натпревар, наметнат од Кина и од Русија. Неминовно е дека САД имаа капацитет да останат во Авганистан, но прашањето беше „по која цена“.
Ако во првата декада од глобалната војна против тероризмот експертите беа гласни за тоа дека одбраната на либералниот свет не е на физичките граници на државите, туку во жариштата од каде што излегува заканата (Авганистан), Кина и Русија успеаја на западниот свет да му ја донесат заканата дома. Преку вештото манипулирање на либералните механизми, и без пардон, бидејќи тоа за нив е она што Западот го направи кога го „искрвави“ Истокот, на локалните проблеми и социјални предизвици што се појавија од лимитот на либерализмот успеаја да им дадат геостратегиски префикс. Од ерозија на економската моќ со сајбер-напади на хранителите на западниот бедем – приватниот сектор, преку манипулирање на регионалните конфликти проблеми, и тестирајќи ја подготвеноста за реакција со сила – во Украина, па сѐ до мешање во изборите внатре и создавање поларизација, која ги покажа слабостите на демократијата, Кина и Русија ги покажаа своите заби со кои може да ги предизвикаат САД, а со тоа и целиот либерален свет.
Повторно, ако ги гледате голата статистика и коефициентот на моќ – сила, а со тоа и процените за моќност, САД и Западот, засега, сѐ уште се во предност. Но асиметричните методи и хибридната подготвеност да се искористат инструментите на моќ, преку прокси актери со дејства под прагот на генерално прифатените услови/правила за конвенционална употреба на сила, успеваат да го анулираат сето тоа. Дополнително, и Кина и Русија имаат уште една предност пред Западот. За нив времето е релативно. За Западот времето е битно. Тоа, најчесто е во циклус од четири години, па какво било дејствување на подолги релации ќе зависи од внатрешните динамики (која опција ќе победи) и секако, од социјалните предизвици. Иако Ал каеда е таа што прва успеа да влијае на јавното мнение во Западот преку информациска кампања, Кина и Русија го надградија тоа. Тие вешто успеваат преку подривачките современи технологии и сајбер-просторот да влијаат врз одлуките на либералниот свет и врз јавното мнение.
Како дојде до ова? Меѓународниот светски поредок, како што го знаеме, растегнат помеѓу Вестфалскиот концепт за државност и системот на ОН за регулирање на односите меѓу државите и организациите што тие ги формираа, е во криза. Доминацијата на либерализмот и на неговите западни протагонисти како победници по завршувањето на Студената војна, засилениот процес на глобализација, технолошкиот развој и тековната дигитална трансформација, меѓу другото, поттикнаа промени во концептот на безбедност. Овие промени влијаеја (и сѐ уште влијаат) врз тоа како државите, како субјект на меѓународното право, можат да ги користат националните инструменти на моќ и да обезбедат сигурност како претпоставка за успешно управување, општествено функционирање и обезбедување на целокупната благосостојба на нацијата. Редефинирањето на моќта во едни вакви услови беше неминовна.
Во едни вакви услови во целиот занес и помпезност на победата (или барем интерпретација на победа), по крајот на Студената војна, некако потскриено приспособувајќи се на сите предизвици со кои се соочи либерализмот, одредени (за Западот) автократски системи, како Кина и Русија, успеаја да се издигнат и да ја вратат геостратегиската компетиција на голема врата. Додека експертите, професионалците и политичарите сметаа дека асиметричните закани од тероризмот ќе бидат иднината на безбедноста, во која фокусот на критичната инфраструктура стана приоритет, не ни помислуваа дека истите видови предизвици, но многу посилно организирани и координирани, може да дојдат и од државни актери.
Кина и Русија, ги искористија занесот на Западот и претпоставката за тоа дека сѐ може да се решава преку дијалог и со т.н. „мека моќ“ (главно дипломатија и невладин сектор) и успеаја да го наметнат своето темпо на дејствување во остварувањето на стратегиските цели. Тие, многу вешто, преку воспоставените механизми за влијание од либерализмот (од т.н. „Truck 2 diplomacy“- или дипломатија на задна врата – во најслободен превод, на пр. невладиниот сектор, бизнис-секторот, едукацијата и сл.), но, во нивна интерпретација без грижа за ефектите на домашно ниво, или како ќе го интерпретира тоа опозицијата, значително ја анулираа воената предност на Западот.
Далеку од тоа дека Авганистан не претставува гробница на империите, но повлекувањето на САД од Авганистан е многу повеќе резултат на геополитиката отколку на фактот дека талибанците се надмоќни. За да не постои дилема, повторно, ако изолирано го гледате Авганистан, неминовно добивате слика дека Западот и либералниот концепт за постконфликтен менаџмент, крахира. Но вистината е далеку поразлична ако во пресметката ги ставите другите фактори што ги набројав погоре.
Менаџирањето со последиците од повлекувањето на Авганистан е друга приказна. Но мора да се има предвид фактот дека колку и да се обвинува Бајден, крахот почнува со Хилари Клинтон и со тајните преговори во Доха, преку Трамп, за да се скрши кај Бајден. Дека со извлекувањето од Авганистан заминаа и грижите на САД и на Западот е исто така наивно да се верува. Кина, а и Русија секако ќе можат полесно да влијаат преку Авганистан, да ја проектираат својата сфера на влијание во регионот и да ја анулираат онаа на Западот. Но тоа барем во овој момент за САД е секундарно. Приоритетите се глобални и за нив ќе зборуваме поприлично.
(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.)