„Иднината е наша на земјината топка/ И наши се времињата и просторите! / Ние ќе појдеме со тебе! / ќе му дадеме насока / на Хаосот…“
Ова не е политичка прокламација за пристапување на Македонија кон убавиот западен свет. Ова е Кочо Рацин, од неговата експресионистичка фаза. Цел декември пишувавме за сè и сешто во политиката. Речиси никој во колумна не се сети дека декември е месец на двата столба на македонскиот не само книжевен, туку и национален идентитет, со кои и на „левите“ и на „десните“ им е полна устата, при што едните тврдат дека идентитетот не е загрозен, а другите дека е уништен. Никој и од нив не се сети дека Конески и Рацин (првиот е роден на 19, вториот на 22 декември) се првото нешто што треба да се спомне секој декември.
Еве, уште една година останува зад нас. Завршува еден космички циклус и се отвора нов. Сите митови за цикличната обнова на космосот говорат за тоа: кога се завршува еден циклус, се очекува крајот на еден стар, уморен и неправеден свет, и раѓањето на нов и поправеден. Тоа очекување ни се повторува и на сите парламентарни избори, сиве овие години наназад. „Ќе му дадеме насока на Хаосот“, извикува Рацин во оваа, но и во другите свои експресионистички песни, во кои гледаше брза смрт на претходниот, неправеден, и очекуваше раѓање на новиот, праведен свет. Зарем не го извикуваат тоа истото, само со други зборови сите политички партии, најавувајќи „ресет“ (како што велат денешниве млади, што наместо на мајчино млеко израснале на компјутерски „клик“)? Сите ветени политички промени, всушност, подразбираат – револуција, зашто само револуцијата значи уривање стар и создавање нов свет. И сите што доаѓаат на власт без исклучок тврдат дека сè уште се справуваат со хаосот од претходниот поредок.
Рацин: поет на Големата Промена, на долгоочекуваниот нов и поправеден свет. Тој самоук интелигент од Велес, опседнат од муграта, човек кој очекуваше да „самне во противречности“, не е само поет на социјалната, работничка тема во книжевноста, иако тоа негово значење го форсираа во социјалистичките школи. Тој е, пред сè, голем експресионист, а експресионизмот во Европа донесе разочарување од стариот, со војни одбележан и уморен свет, и, кај некои експресионисти, верба во нов и поправеден. Рацин дури и својата комунистичка револуција ја виде само како завршен чекор кон Големата Промена. Еве како пееше Рацин во експресионистичката песна „Огномет“, чекајќи го праведниот нов свет, убеден дека тоа ќе се случи токму додека тој чекори по лицето од Земјата: „Тоа не е небо што во последните болскоти на сонцето крвави перверзно / Тоа не се водени огледала и слични измислици на безделниците – будали / Тоа е агонија на еден претсмртен поредок на нештата, / Тоа е лом и крах / Таинствени знаци на оние кои молат за промена / И сеопшто спасение / Во нас самите…“
Во горните стихови се чита Рациновата брехтовска поетичка определба за ангажирана книжевност, а не за таква која ќе биде уметност заради уметност, (l’art pour l’art), убавина заради себе самата. За Рацин, таа самоцелна уметност, уметност која не е насочена кон реалноста е уметност на „безделниците-будали“, зашто тој е поет на делникот, работник. Директен наследник на таа „делнична“ димензија во македонската поезија беше ненадминатиот Гане Тодоровски, поетот кој напиша и книга „Апотеоза на делникот“. „Тоа не се водени огледала и слични измислици на безделниците–будали“, вели Рацин, а метафората „водени огледала“ очигледно се однесува на уметноста онака како што ја сфаќаат лартпурлартистите: во водено огледало се огледуваше само Нарцис, самовљубениот младич од грчката митологија. За Рацин е незамисливо уметноста да се огледува нарцистички самата себеси, да говори за сопствената убавина, а да не каже ништо за светот. За него уметноста треба да биде реалистичко, дури и сурово огледало во кое ќе се види „агонијата на еден претсмртен поредок на нештата“.
Колку пати се сменија политички гарнитури, со спротивни политички идеи во Македонија, а ниеднаш не прочитавме ниеден манифест за нова уметност? Имаше само ставање на „црна листа“ на уметници „од претходниот свет“: никаква нова естетска програма, немаше никаква уметничка полемика, што само покажува дека на уметноста, без разлика кој е на власт, ѝ е дадено местото на тринаесетто прасе. И дека таа со тоа место се согласува. Рацин, пак, од уметноста очекуваше да биде значаен фактор во интернационалното комунистичко движење за воспоставување правда и ред, наспроти оној хаос. Песната завршува со една мистерија: Рацин говори за сеопшто спасение / Во нас самите, и со тоа ја уфрла и христијанската, религиозна опција за спасение на светот. Веројатно тука има елементи и на христијански социјализам, утописка идеја дека рајот може да се постигне и на земјава, ама не со револуционерни крвопролевања, туку со христијанско милосрдие. Значи, во Рацин се обединуваат комунистичката (социјална) правда на човекот и христијанската правда олицетворена во богочовекот.
Тоа значи дека Рацин е голем поет, зашто обединува противречности: тој е и религиозен и револуционерен во исто време, зашто верува во човековата правда како божја. Затоа на масата на Рацин биле во друштво навидум неспоиви книги: марксистичката „Анти Диринг“ на Енгелс, книгите на Ниче (веројатно поради неговата желба за пропаст на стариот свет), Светото писмо (како врвен идеал на најправедниот свет). Бил таму и Зборникот на Миладиновци, очигледно, зашто Рацин, како и Миладинов и Конески својата поезија ја врзува за народот и неговото усно творештво.
Многумина од нас 2019 година ја доживеаја како уникатна година на нашето дефинитивно расчистување со стариот, и пат кон новиот свет, како година која на еден народ му се случува еднаш во 1000 години, и тоа само на најсреќните колена. Но нека се знае: и Рацин верувал во тоа. Верувал дека годините на социјалистичката револуција ќе го родат новиот, праведен свет, па ништо. Тој не го дочека тој свет не само поради Каиновите истрели на Лопушник, туку и поради крахот на комунистичкиот проект за таков свет. Ќе беше разочаран. А којзнае како ќе се чувствуваше да може да го гледа сега најновиот обид за тој нов, прекрасен свет, овојпат под знамето на капитализмот, а не на комунизмот. Сакам само да кажам: Рацин бил космополит, убеден во братството на човештвото и во интернационалата пред денешниве глобалисти.
Верувал во модерен свет (неговата опсесија со „динамо машините“ како денес со микрочиповите), исто како и денешните поклоници на техно-прогресот. Ова само колку да не се заборави: светот не почнува од нас, историјата на идеите е циклична.
И кога на 1 јануари ќе зачекориме во нов циклус, да не заборавиме дека РЕСЕТОТ е можен само на компјутер, не во историјата. Во неа ништо не се брише, без разлика што на 16 декември, на чествувањето на Рацин во Велес организирано од градоначалникот Аце Коцевски, имаше само една камера. Но едно око гледа колку и две или сто. За оваа стара година – толку.