Ех, да бев некој добар колумнист. Па, уште да ме интересираше Нордистан. Што теми за пишување ќе имав. Не, подобро ќе беше да сум новинар. Бард на новинарството во Нордистан. Сектор меѓуѕвездена политика. Нордистан како фактор на стабилност во вселенската геополитика. Владимир Путин ги повлече своите трупи од Марс по заедничките санкции од САД, ЕУ и Нордистан.
Или да бев врвен интелектуалец, среде новата нормалност. Ќе пишував за Рацин, Андреевски, Конески и зошто треба да се забранат како антизападни расисти и националисти. Плукаат по западната моќ и капитал. Бараат да се убие Црна Арапина. Жени пукаат на грчкиот демократски монархофашизам. Крадат бугарска граматика. Преку пиреј шират земјоделски македонски национализам.
Е, ама не сум. Јас само претурам од шупливо во празно. Но има две работи што се случија во Нордистан, а мене ми привлекоа внимание. Колку и да не ме интересира нордистанската трагикомедија.
Прво е тој Лука. Хрватот. Не Модриќ. Нека прости, не му го запаметив презимето. Работи нешто за Европската Унија. Врши некаков мониторинг или нешто слично. Не е ни битно. Човекот на Твитер пишал свој впечаток од престојот во Скопје. Му заличило на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Заклучил дека со земјава владеат хохштаплери. Дека паметните седат дома. И што се случи? Море кога му се сипа интелектуалната бижутерија! Тоа навреди, пцости, клетви. Му пишуваат, марш во мајчина. Па, гадни работи за Хрватска. Го прашуваат кој е он да сере за Нордистан? Му се „дерат“ дека доаѓа од посрана земја во која нема возови (???). Оти Нордистан е, нели, познат по своите интергалактички пруги и сајбервозови. Па, му објаснуваат дека Хрватска е поголемо срање од норидистанската нова нормалност. И уште куп коментари омраза и хистерија. Како што всушност само знае интелектуалната бижутерија. Оние што се умислуваат елита, ем авангарда. Оние што ако кренеш глас против бугарскиот националшовинизам, грчкиот неонацизам и западната поддршка на истите тие, веднаш, како хиени, ти се нафрлаат и бараат да бидеш суден за говор на омраза. Е, истите тие наеднаш имаат право да блујат хистерија кон некој што им ја накршил блескавата им гротеска.
Вториот е Коцарев. Академик Коцарев. Претседателот на МАНУ. Оној што не дозволува МАНУ да се преименува во АНУСХГБМЦЏ. Е па, „Слободен печат“ прашуваат за кого одработува Коцарев. Еве, јас ќе им одговорам. Се разбира дека одработува за Русите. Тоа е толку очигледно. Оти застана на патот на Нордистан кон ЕУ. Да сакаше да сме во Унијата, ќе го сменеше името на Академијата. Оти, нели, името е пречка за да добиеме датум. Ама не, Коцарев е слуга на Путин. Ладен како Сибир. Проѕирен како вотка. Типичен Раскољников подметнат во храбриот нов свет. А како ни го подметнаа? Многу едноставно. Како дрога што се подметнува во пијачка. Ни самиот Коцарев не знае дека е подметнат. Прво го направија исклучителен научник. Еден од стоте најцитирани во светот. Потоа го пратија во САД. Таму го наместија да предава на сериозни универзитети. А кога си во Америка, лесно е да почнеш да соработуваш со КГБ. Така? Така. И потоа КГБ го подметна во МАНУ. И немој да ми кажете дека е нелогично.
Сите ние што го сметаме Нордистан за зомби, во чии гасни комори планирано се задушува идентитет, сме под руско влијание. Така суди инквизицијата на новата нормалност. Ама па и Нордистан е под руско влијание. Како протекторат е гогољовска фарса, хармсовски апсурд. Си имаме ревизор. Во рацете сме на Воланд. Од Македонци се ребрендиравме во мртви души. Блескаме на дното. Херој на нашето време е коцкар од циркусот Принтипрам. Животите ни се записи од мртвиот дом. И ако кренеш глас против потемкиновите села на новата перцепција, лесно може да завршиш во првиот круг.
Туку една реакција ме изненади. А си мислев, ништо веќе не ме изненадува. Обичен пост на Фејсбук. Критика за лицемерството на Западот. Особено ЕУ и НАТО. И под таа критика, коментар на млад човек. Од оние млади луѓе што се сметаат за многу паметни и прогресивни интелектуалци. Неговиот коментар кон критиката спрема Западот е застрашувачки. Тој забранува секаква критика. Не смее да се коментира негативно ниту една политика што доаѓа оттаму. Особено забранува да се критикува политиката на САД. Затоа што САД биле моќни и сите што пишуваат против нивната политика ќе ги изеде мракот. А како држава, ако не ги слушаме, ќе нè збришеле од лицето на земјата. По неговиот коментар, се почувствував како христијанин во време на Нерон и Калигула. Како жена пред инквизиција. Како поет среде Сталинова чистка.
Па, си замислив слика. На Бајден Сенилни една вечер му се мешаат лончињата и годините. И наеднаш си мисли дека е во Заливот на свињите. Веднаш потоа му текнува дека кај него е куферчето за активирање нуклеарки. Десет минути подоцна на Куба растат три смртоносни печурки и островот сосе жителите завршува во пеколот. По логиката на младиов човек, треба да им се аплаудира на Американците и за такво нешто. Како што треба да им аплаудирам за геноцидот врз муслиманите за да им ги земат нафтата и опиумот. Страшно!
Па, и самите Американци не запаѓаат во вакво идолопоклонство спрема сопствената татковина. Идолопоклонство што бара да се жртвуваат оние што рекле нешто против идолот. Проблем е што има сè повеќе вакви млади фанатици. ЕУ и НАТО-фундаменталисти. Поголеми Американци од Американците. Застрашувачки е фактот со каква безумност се тие подготвени да воспеваат сè што доаѓа од Западот. Со диктаторска жестина веднаш би го растргнале неистомисленикот. А тоа доаѓа од една и единствена поразувачка вистина.
Тие не го познаваат вистинскиот американски дух. Не растеле со принцот и питачот во дворот на крал Артур, затоа што му се восхитувале на Бил Клинтон додека фрла осиромашен ураниум. Не го барале низ врева и бес, натрапникот во прав, затоа што ги воспевале Бушови и нивниот пекол низ пустините. Не патувале преку реката во шумата за да видат како сонцето одново изгрева во островите на струјата, затоа што чекале Обама и Хилари да ги збришат Либија и Сирија. Не ловеле низ `ржта, туку чекале Трамп да ја направи Америка поголема. И денес, нема да тргнат на пат, прашувајќи се за што зборуваме кога зборуваме за љубовта, додека не стигнат до месечевата палата, зашто навиваат Бајден да ја нападне Русија. И не знаат дека ако Твен, Фокнер, Хемингвеј, Селинџер, Керуак, Карвер, Остер се вистинскиот американски дух, тогаш Клинтонови, Бушови, Обама, Трамп и Бајден се американската духовна аномалија.