Изгледа дека власта и стравот од коронавирусот ги затупеа сетилата за одбрана на демократските вредности во Македонија. Наместо да бидеме загрижени, ние сме апатични и тивки
Историски кризите биле користени за воведување политики со кои се јакнело влијанието на државата во животот на луѓето и се поттикнувале авторитарни тенденции на власта. Кризите од ваков вид како што е пандемијата на коронавирусот се идеален момент за авторитарните лидери да го оправдаат кршењето на човековите права, да го поткопаат владеењето на правото или да го нарушат функционирањето на демократските институции. Сега е моментот што оваа власт нема да го пропушти. Пандемијата на коронавирусот во Македонија станува криза со човековите права без кацига. Во ваква заспана држава ниту некој може да го види тоа, ниту имаме капацитет да го превенираме. Напорите на власта да го ограничи просторот за човековите права кај нас штотуку доби поттик од глобалната пандемија. Зарем не забележувате како човековите права исчезнаа од вокабуларот на власта. Замреа во јавниот дискурс.
Пандемијата служи како совршен изговор за власта да ги унапреди тесните интереси на својата политичка номенклатура, отстранувајќи ги долгогодишните принципи за човекови права, демократија и владеење на правото во име на борба со пандемијата. Не гледам дека некој се загрижи што Владата ја користи и продолжува да манипулира со кризата како можност за воведување нови репресивни политики, што во спротивно би било невозможно да се усвојат, нормализирајќи ги во нова статус кво состојба денес. Зарем слушнавме дека Владата со еден единствен збор ја нагласи потребата за внимателно и редовно проценување на влијанието на кризата со пандемијата врз основните права на луѓето. Наместо тоа, во моментов имаме безбедносно фокусиран начин на размислување и воинствени пристап во кој живееме и кој е во служба за перење на репресивните правила на власта, систематски ограничувајќи ги правата и слободата на граѓаните. Целта е јасна. Ако некој мисли дека тоа е здравјето на луѓето, се лаже. Тоа е болната желба да се продолжи своето време на власт.
Ако некој има дилема нека ги погледне бројките на заразени и починати од коронавирусот во Македонија.
Граѓанските слободи не се дизајнирани само за време на мир и стабилност. Тие имаат посебна, дури и критична важност за време на кризи од ваков обем како што е коронавирусот. Во сериозни демократски општества засновани на принципот на владеењето на правото мора да постои правна основа за ограничување на правата. Велам во сериозни демократски општества во кои не ја гледам Македонија. Во време кога потенцијалот за злоупотреба на правата и слободите е голем како одеднаш да исчезна граѓанската должност да се повика власта на одговорност и да се побара од невладините организации, судиите, парламентарците, државните службеници и новинарите да ја исполнат својата должност за да го поддржат владеењето на правото и човековите права и слободи. Ниту гледаат ниту се обидоа да детектираат можни повреди на човековите права во рамките на мерките што се преземаат за забавување на ширењето на овој вирус. За жал, ништо. Празно голо. Молк.
Само како потсетување. Промовирањето на човековите права можеше да му помогне на македонското општество да излезе поотпорно на оваа пандемија во иднина.
Пандемијата беше можност да се ресетира општеството и да се научат некои лекции што се клучни да го одржат општеството како целина и да му помогнат да заздрави од коронавирусот. Очигледно ова нема да допре до власта. Како може да допре до луѓе што бегале од часови во училиште. Затоа пандемијата е на добар пат да ги продлабочи и влоши постојните проблеми со човековите права во Македонија. Коронавирусот само ѝ ги изложи на јавноста шупливоста и деклараторноста на концептот на човековите права кај нас. Власта нема желба, а богами нема ни капацитет да го поправи тоа. Напротив, ќе го искористи како оружје за контрола на населението или за овековечување на моќта. Како што и досега го правеше. Колку долго, останува да видиме. Ако го преживееме коронавирусот.
Дали се загрозени некои демократски принципи на долг рок во Македонија со кризата на коронавирусот? Дали епидемијата може да доведе до намалување на индивидуалните права по врвот на кризата? Дали Владата може да ја искористи кризата за да спроведе т.н. шок-стратегија, насочена кон зајакнување на надзорната политика. Дали стравот од пандемијата може да ја промени вредноста што граѓаните ѝ ја даваат на слободата? Да, сево ова веќе е новата реалност во Македонија во моментов. Сведоци сме на ерозија на демократијата и на човековите права кај нас. Гледам како стремежот кон безбедност брзо ја уништи желбата за слобода.
Како поединци претпочитаат авторитет на лидер пред етика на демократска дискусија и инаугурирање мека безбедност. Изгледа дека власта и стравот од коронавирусот ги затупеа сетилата за одбрана на демократските вредности во Македонија. Наместо да бидеме загрижени, ние сме апатични и тивки.
Можеби ќе звучам патетично за оваа власт ако кажам дека коронавирусот не чини повеќе од нашето здравје и економија. Ова не е само здравствена и безбедносна криза, ова е криза со човековите права, која треба да нѐ потсети дека без права нема безбедност. Не смееме да дозволиме да се нормализира репресијата. Да не прифаќаме губење на правата поради страв. Човековите права требаше да нѐ заштитат од моќта на државата и да ја натераат власта да ја искористи својата моќ да ги заштити нашите животи, здравје и благосостојба. Очигледно оваа власт има друга агенда. Затоа треба да бидеме загрижени дека епидемијата ќе биде, ако веќе не е, злоупотребена од неа за да се оправдаат репресивните мерки како нова реалност во Македонија.