Скоро да нема напис, ниту ден, без да се прочита дека за одржување на здравјето не треба да се пуши ниту да се консумира алкохол. Овие препораки особено се нагласуваат кога станува збор за луѓе во поодмината возраст. Ваквите препораки се особено зачестени во летниот период, како што е овој моментално, кога температурите се искачуваат безумно и едвај ги преживуваме! Но што вели науката за овие прашања?
Во скорешниот напис на едно психолошко списание објавено е дека луѓето што пушат не се разликуваат особено многу во карактеристиките на нивните личности, споредени со оние што никогаш не пушеле. Дополнително, во написот се вели дека престанувањето со пушењето не придонесува за евентуално враќање на настанатите промени. Студијата е базирана на податоци собрани од 15.500 луѓе на возраст од 25 до 90 години, испитувани во Јапонија и во САД, во која биле истражувани физичките и менталните здравствени параметри, меѓуодносите со другите, однесувањето итн. Сепак, најбитни се наодите што се однесуваат на личноста и пушењето. Психолошкиот профил е испитуван со инструментот наречен „Големите пет фактори“, кои вклучуваат степен на отвореност, екстраверзија, љубезност, свесност и невротизам.
Испитаниците биле следени во текот на 18 години. Резултатите од оваа голема студија покажале дека оние што пушат се помалку екстравертни, отворени, љубезни и свесни со текот на годините, додека нивото на нивната невротичност пораснало. Од друга страна, луѓето што престанале да пушат скоро да не ги промениле своите персонални карактеристики. Исто така, луѓето што престанале со пушењето биле склони да се здебелат и да добијат дијабетес тип 2, што од своја страна влијаело врз личните особености.
Потенцијални асоцијации помеѓу пушењето и карактеристиките на личност секако дека постојат. Се наведува дека пушачите се повеќе склони кон депресија и промени во физичкото здравје со текот на времето, што од друга страна може да доведе до црти што биле издвоени во студијата. Пушачите можеби имале периоди кога не спиеле добро, па затоа почнале да пушат. Претпоставени се и генетски врски помеѓу пушењето и невротизмот. Иако оваа студија е импресивна по бројот на испитаниците и должината на следењето, сепак е само опсервативна студија и не манипулира со никакви посебни варијабли или контрола врз нив. Целта, всушност, ѝ била само да покаже дали пушењето го менува карактерот на консументот. Сепак, пораката би била: не пушете, тоа ќе ве води надолу! Она што е сигурно е дека пушењето е несомнен ризик за добивање рак на белите дробови, иако, ете, не влијае многу врз персоналните карактеристики.
А што се случува кога станува збор за алкохолот?
Алкохолот започнува да го оштетува мозокот на консументот веднаш штом навлезе во крвотокот. Кај здрава личност, црниот дроб брзо започнува да го филтрира алкохолот помагајќи организмот да биде порезистентен на оваа дрога. Сепак, кога личноста пие доста алкохол црниот дроб не може доволно брзо да го прочистува организмот и затоа настануваат брзи промени во мозокот. Со текот на времето, овие два органа – мозокот и црниот дроб, стануваат иреверзибилно оштетени.
Алкохолот има долгорочни ефекти на невротрансмитерите во мозокот, намалувајќи ја нивната ефективност; тој ги оштетува нервните клетки и го контрахира мозочното ткиво. Некои луѓе што пијат ексцесивно развиваат нутритивни дефицитарности, кои, понатаму, секундарно го оштетуваат мозокот. Се разбира, прецизните симптоми на мозочните оштетувања зависат од севкупното здравје на личноста, колку пие таа и какви се функциите на црниот дроб.
Брзите ефекти од алкохолот се манифестираат во губење на инхибицијата, смалување на планирањето и организациските вештини, промена во расположението и концентрацијата, тешкотии во помнење нови податоци, сонливост, депресивно расположение, промени во нивото на енергија, губење на севкупната меморија, лошо просудување, смалена моторна контрола, забавени рефлекси, кои се голема опасност особено ако се вози.
Од друга страна, труењето со алкохол, или состојба на алкохолна интоксикација, која ја сретнуваме по новогодишни, матурски или други прослави се манифестира со повраќање, конвулзии, забавување на срцевиот ритам, тешкотија да се остане буден, ниска телесна температура, несвестица, влажна кожа, смален рефлекс на гадење и повраќање што го засилува ризикот од задушување.
Хроничните алкохоличари се под ризик да развијат деменција и Корсаков синдром или енцефалопатија како последица од дефицит на витамин Б1, некоја од болестите на исхраната, сида и канцер. Некои од знаците на алкохолна енцефалопатија се: конфузија и дезориентација, која продолжува по периодот на пијанство, малнутриција, која доведува до губење на телесната тежина, проблем со движење на очите, лоша рамнотежа итн. Од друга страна, кога веќе настанале промени во смисла на деменција, тогаш најтипични се знаците: проблем со помнењето, особено во запомнување нови податоци, лошо просудување, смалена моќ за планирање и организациски вештини, промени на расположението и личноста, халуцинации, прогресивно смалување на когнитивните способности, вклучувајќи отежнат говор, смален вид, елиминаторни функции.
Особено е опасно ако мајката за време на бременоста консумира алкохол дури и во мали дози. Тогаш постои можност бебето да страда од фетален алкохолен синдром, кој е иреверзибилен за интелектуалниот развој.
Ако споредиме какви се психолошките последици од алкохолот во однос на пушењето, тогаш несомнено алкохолот е многу поштетен. Алкохолот несомнено ја менува личноста: во расположението, концентрацијата, контролата на импулсивноста и особено носи ризик од депресија. Најсериозните ризици од алкохолот по психологијата се развивање деменција и Паркинсонова болест.
Сепак, во поновите студии (период 2015-2020) се нагласува дека алкохолот, во мали дози, може да биде корисен за смалување на ризикот од деменција. Тоа значи, најмногу две чашки пијалак на ден за мажите и само една за жените.
Умереното консумирање алкохол е најдобра стратегија за смалување на ризикот од оштетување на мозокот. Оние луѓе што пијат во големи количества повеќепати во текот на еден месец имаат многу повисок ризик за развивање мозочно оштетување со сите негови последици.
Како и да е, пораката од денешниот напис е: умереност во сѐ; умереност во исхраната, уживањето во пушење, алкохол, во физичка и умствена активност. Секој организам има сопствен биоритам и енергетски граници што треба да се почитуваат!
(Авторката е педијатарка и психолог)