Пред многу години, со драг пријател од еден од водечките институти во Софија, говоревме за македонско-бугарските односи, за националниот интерес. Пријателот ми вели: „Знаеш ли што се бугарските национални интереси? Тоа е интересот на десетте најбогати Бугари зададен за остварување на сите нас“. Иако левичарски симплифициран став, дека националните интереси се затскриени трговски интереси за освојување нови пазари, секогаш заслужува да се погледне од тој агол!
Минатиот месец во „Вакво пријателство? Не, благодарам!“, констатирав дека нема ништо пријателско доколку сите подрачја, од политика, преку транспорт до трговија, се уназадуваат или не напредуваат, а со булинг, со силеџиство се бара политичка одлука за историски прашања! Застојот во сите подрачја од политиката до трговијата, бара проблемот да не се сведе на „Делчев да стане Бугарин“, туку да се погледне повеќеслојноста на проблемот, без обзир на негаторските позиции на официјална Софија.
Што можевме, а не направивме?
На политичко ниво, Зоран Заев и СДСМ се чини го повторуваат циклусот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога предизборно и постизборно имаше срдечни односи, кои се заладуваа како мандатот изминуваше. По првата заедничка седница на македонската и бугарската влада во ноември 2017 година, немаше последователни средби.
Не само што опадна ентузијазмот за политичките односи туку не се случи ништо во подобрување на транспортната поврзаност! За многумина од нас добрососедство значеше полесна и побрза комуникација меѓу Скопје и Софија. Нити Скопје ниту Софија направија нешто во таа насока. Ај што не ставија метар асфалт, не направија ништо и во раздвижувањето на заспаните гранични премини. А Бугарија е втор извозен партнер на Македонија.
Не напредуваат ниту трговските односи, Бугарија во 2020 година не е меѓу петте најголеми трговски партнери на Македонија, а меѓу нив покрај Германија, Британија и Кина, се Србија и Грција.
Потврдување на запоставување на трговските интереси дојде од Љубчо Георгиевски, кој по неговата посета на Софија изјави: „Бугарските инвестиции и големи проекти се стопирани во нашата земја. Бојко Борисов и Зоран Заев мора да најдат решение и да тргнат кон вистинско приближување“.
Што е видувањето од бугарска страна?
Пругата кон Бугарија е веројатно најдобриот пример за тој застој. Започната да се гради пред неколку децении, со оваа темпо на градба никогаш нема да се заврши. Бугарија забележува дека Македонија му дава предимство на коридорот 10, на пример дека се рехабилитираше пругата Битола – Кременина (граница со Грција). Дека во ЕУ Македонија не се залагала за развој на коридорот 8 од Бугарија кон Албанија, поврзување на Црно Море и Јадранско Море, кое е од стратегиско значење, но и од трговско значење за Бугарија.
Втората забелешка е дека неколку бугарски инвестиции од повеќе десетици милиони евра биле блокирани од локалните власти, поддржани од Владата во Скопје. Софија тврди дека Скопје преферира наместо вработувања, да ги блокира бугарските проекти. Доколку има вакви случаи, а да не се рудници, добро е Владата во Скопје да ги објави таквите случаи.
Третата забелешка е дека Народната банка на Македонија (НБРМ) ги кочела бугарските банки. Во земјава има најмалку три банки со бугарски сопственици, Уни банка, ЦКБ и Капитол банка. Од добро информирани извори, не може да се потврди дека НБРМ ги кочела, туку, напротив, ги поддржувала, со исклучок на одбивањето домашни средства да се користат во финансирање бугарски фирми (зделки со Македонија).
Во чаршијата се говори и за други очекувања, веројатно комуницирани во четири очи. Софија очекува, како што Грција се омрси со Стопанска банка, ОКТА и ред други фирми, Турција со аеродромот во Скопје и ред други фирми, Бугарија, односно нивните фирми, да се офајдат со нешто капитално. По пропаднатиот обид за Комерцијална банка, сега се шпекулира за Македонскиот телеком или акциите што државата ги има во него.
Пругата кон Бугарија е пример за застојот во македонско-бугарските односи, но дали е тоа вина само на Македонија, во моментот на Заев и СДСМ? За разлика од Бугарија, Србија го комплетира автопатот на коридорот 10 кон Македонија и најави модернизација на железницата кон Македонија. Ајде настрана капиталните инвестиции, па Бугарија со години не го менува односот на проточноста на граничните премини!
На македонската страна има дилема дали е ова само неспособност на Владата, особено во делот на капитални вложувања, или пак станува збор за стратегија спрема соседите. Но како и да е, Бугарија е во голема заблуда дека со „Делчев да стане Бугарин“ ќе постигне што било. Историските разлики може да бидат надминати само во рамка на просперитетни економски, образовни, лични и други односи.
Авторот е аналитичар Блог www.megjutoa.mк @sklek #добрососедство