Пропаѓање (2)

Не случајно, Виктор Иго ја именува париската канализација (во „Клетници“) како цревата на Левијатан: местото на целосно разголување и растајнување и место каде што паѓаат сите привиди и фасади. И уште – место на општествено порамнување: сите разлики во светот горе стануваат безначајни таму долу, во „цревата“ на Левијатанот, каде што се испреплетени патиштата и скривниците на злоумните и слободоумните, на крадците и ограбените, на клетниците… Таму е и преминот на Жан Валжан низ пеколот

Реков и повторно ќе речам – човекот не е жаба, иако земјата ја третираат како лонец што постепено се загрева до умртвување на живото(т) во неа, како онаа кутра жаба.
Понекогаш (но само понекогаш), го отвора капакот и излегува од лонецот.
Жабата не го прави тоа, никогаш. Тоа е моментот кога човек разбира (не кога чувствува – и жабата чувствува) дека патот до пеколот е поплочен со млаки преоди или со млакоста на карактерот (добрите намери не се секогаш доволно добра причина). Не е исто, но водат на истиот пат.
Млаките преоди го маскираат прогресот на пеколот и пеколното, а млакоста му отвора „шимшир“ порти на џелатот, како на пријател. Од млакоста до млитавоста на живото – уште еден „безболен“ преод.
Така, патот на лажното добрососедство станува пат на отстранување на себството, а (авто)патот на лажното пријателство станува пат на (авто)деструкција и скратен пат до лонецот: пат на „ожабување“ (или станување „жаба“) за операција на отворено и вадење на органите суштински за распнатиот примерок – јазикот, срцето и сеќавањето.

По извршената вивисекција (операција во живо, на живиот организам), на „масата“ остануваат немоста, бездушноста и безумноста. Нив, никој не ги сака за себе, но ги посакува кај оние со кои владее. Така е полесно. Полесно се вади од нив животот.
Реков и повторно ќе речам – човекот не е жаба, но кога земјата личи на застоена, јалова вода (сиромашна со кислород, а богата со отрови), принуден е да живее помешечки за да преживее на површината или близу неа, како водоземец или влечуга, како жаба или камелеон. Евентуално, како ситен цицач, како стаорец: да го доцица она што преостанало во барата, а што личи на живот, сеедно што не е по мера на исправените ’рбетници.
Најпосле, и стаорците имаат ’рбет – извонредно флексибилен, а токму тие владеат со сите подземја на светот. И преминот од светот на подземното и фекалното во светот на надземното и чистото, го минуваат со леснотија.
Тајната е во ’рбетот и тоа го знаат стаорците, но и оние што се сретнале со нив во своите бањи: доволно е стаорците да ја вметнат главата низ тесниот премин на веце-школката, за да го пренесат и задникот (несоодветно е да се именува таа средба „очи в очи“).
Па сепак, со преодот, ниту стаорците стануваат почисти, ниту добиваат од аурата на надземното. Со себе ја носат смрдеата на човештвото и неговата нечиста совест.
Не случајно, Виктор Иго ја именува париската канализација (во „Клетници“) како цревата на Левијатан: местото на целосно разголување и растајнување и место каде што паѓаат сите привиди и фасади. И уште – место на општествено порамнување: сите разлики во светот горе стануваат безначајни таму долу, во „цревата“ на Левијатанот, каде што се испреплетени патиштата и скривниците на злоумните и слободоумните, на крадците и ограбените, на клетниците… Таму е и преминот на Жан Валжан низ пеколот.

Но да се вратам на клетникот од претходната колумна (од филмот „Пропаѓање“ на Шумахер), кој минува низ пеколот што се преселил на овој свет, но не може да ја протне душата надвор од него со леснотијата на стаорецот, зашто пеколот го носи во себе: по долга служба во одбраната на земјата, отфрлен е како застарен и непотребен во новиот поредок на трудот: останува без работа, а синдикатите уште пред него ја изгубиле битката за неговото спасување. Сè што може да направи „нашиот“ клетник е да го напушти возилото (врелиот лонец), да ја тресне вратата (капакот) и да се упати „дома“ – местото (и поточно, времето) на едно поедноставно, поспокојно и поубаво живеење. Нешта што веќе и не постојат надвор од неговите сеќавања и копнежи. Не нешта, ами цел свет, кој небаре пропаднал во цревата на Левијатан!
Се сетив на овој „клетник“ и самиот вклештен во пеколот на големиот град, меѓу слични на себе носители на судбини. Еволутивниот крстопат на кој се разделиле човекот и стаорецот е стар осумдесетина милиони години, но нивните светови останале паралелни, а двата вида и денес споделуваат приближно ист број гени. Така велат истражувањата.
Но човекот не е стаорец, иако како да живее во неговиот свет и секојдневно учествува во неговата трка, „трката на стаорецот“: бескрајниот, речиси бесмислен натпревар по моќ и пари и/или гола егзистенција, онака како што стаорецот/глушецот трча по „ветеното“ парче сирење во кругот и кафезот.

Во таа трка, (о)ставена од светот на „стаорците“ на неолибералниот поредок во светот на новите работници-патници и берачи на грижи (светот на модерните клетници – потрошувачи), наградата е неутешна: од лебот се прават трошки, но од трошките не се прави леб, а лесно се останува и без нив!
Во таа трка, статистички е (по)веројатно да се најдете во кожата на безимениот херој од филмот „Пропаѓање“ (одигран од Мајкл Даглас) или во близината на неговиот современ двојник, одошто во кожата на Гордон Геко од „Вол стрит“ (одигран од истиот актер), чиј омилен слоган е: „Алчноста (во отсуство на подобар збор) е добра“! Но сеедно, ќе им се најдете на патот!
Во таа (оваа) трка очекувам, од некаде, некој да ја отвори вратата како што се отвора капак од врел лонец, да ја тресне и да го напушти „ѓерданот“ од возила и луѓе на асфалтот, поврзани единствено во притеснетоста во (не)редот и да викне: „Одам дома…“ Зашто човекот не е жаба, иако земјата ја третираат како лонец што постепено се загрева до умртвување на живото(т) во неа, како онаа кутра жаба.
Понекогаш (но само понекогаш), го отвора капакот и излегува од лонецот…

(продолжува)