Дефинитивно по поразот од (не)прогресивниот народ, владејачката партија треба да престане да го користи „прогресивното“ како синоним за своите политики. Зашто еден витален термин во македонскиот политички амбиент со Заев го изгуби своето значење. Поточно, со него стана бесмислен. Од оваа перспектива, прогресивноста е обична измама и еуфемизам за да се прикрие очигледно непопуларната агенда на власта. А македонскиот модел на прогресивен политичар стана одличен пример за оксиморон. Толку и ништо повеќе
Замислете!? Премиерот во оставка да ти бил „прогресивен политичар“, кој верува во подадена рака, во дијалог, во дипломатија, во кроткост, памет, трпение и тоа што го ставал пред граѓаните како избор требало да биде со душа и срце. Чудно, како прогресивен политичар верува во сѐ, само не во сопствениот народ. А тој народ му ја испорача сметката за неговата „прогресивност“ за промена на името на државата, пазарењето со историјата, јазикот, културата, „забетонираниот“ идентитет, ЕУ-датумите, за трагедијата во Тетово и за што уште не. Му испорача сметка за сите негови „прогресивни“ промашувања во политиката, кои сиве години никако не успеавме да ги разбереме. Можеби човекот има право: изгледа не бевме доволно прогресивни како него.
Во изминативе години се изнаслушавме многу лаги и глупости во политиката, но да киднапираш зборови и да манипулираш со вокабуларот со цел да го менуваш традиционалното значење на зборовите, за да одговараат на твојата политичка агенда, изгледа беше врвот на очајот на една погубна политика за државата. За лидер на партија што живее во општество на Википедија, нормално е да можеш да го промениш значењето на зборот за да задоволиш некоја погрешна политичка цел на општествениот инженеринг. Но да го потцениш народот?
Можеби со ваков вокабулар и можеше да ги измами неинформираните, необразовани и рурални политички следбеници, но никако и (не)прогресивниот народ, кој јасно му стави до знаење што мисли за него и неговите прогресивни сили во македонското општество. Не знам што очекуваше да се случи кога зборот прогресивен го направи обична маркетинг-алатка на измама во политиката. Поточно, прогресивноста во ерата на Заев стана еден вид чуден чин на пантомима, реторика на непосредни закани и уцени на несреќни политички патници заробени на брод што тоне. Оваа поза на фингирана немоќ имаше тенденција да ја зарази пошироката култура и идеологија на македонскиот демократски амбиент, која, за среќа, беше прекината. „Прогресивните“ криминални сили на македонското општество беа запрени од народот. Истиот оној народ што го прогласи за непрогресивен.
Прогресивизмот историски се поврзува со науката, рационалноста и пристапот кон владата и општеството зависно од знаењето и емпириските методи. Прогресивците тежнеат да бидат луѓе со образование и одредена позиција во општеството. Од оваа перспектива, денес кај нас прогресивното стана бесмислен термин, без идеолошка содржина низ зборовите на Заев. Наивно е да помислам дека го прочитал есејот на Џорџ Орвел „Политиката и англискиот јазик“, напишан во 1948 година, зашто би знаел дека „јазикот е за изразување, а не за прикривање или спречување на мислата“. Не можете да ги употребувате јазикот и зборовите како еден вид заштитен оклоп што ве прави да изгледате паметно, што не сте, избегнувајќи секакви директни одговори што би ја разоткриле вашата конфузија или неформирани идеи. Кога не можете да се изразувате прецизно, многу е полесно да земете позната фраза и да ја вметнете во вашиот политички вокабулар, наместо да се борите да ги пронајдете вистинските зборови. Како што истакнува Орвел: „Ваквите зборови се во срцето на политиката со измама. Тоа е политички жаргон без јасно значење – најбескорисен вид збор“.
Затоа, мислам дека на народот му беше доста од непрецизно префабрикувани фрази, повторувачки метафори, претенциозни вербални тикови и други непријатели на јасноста и комуникацијата на овој веќе политички лидер во заминување. Не можете зад зборовите да ја криете својата безидејност во политиката. Зашто зборовите ве разголуваат и детронизираат.
Проблемот со кој било модерен збор е што тој лесно станува обичен слоган без прецизно значење, со кое можете или да се согласувате или да не се согласувате, така што ја меша мислата наместо да ја разјаснува. Видовме дека „прогресивен“ кај нас не е ништо повеќе од нешто со што се согласува говорникот; на тој начин вашите сопствени политики ги нарекувате прогресивни, а оние на вашиот противник ги означувате како „регресивни“, без никаква потреба рационално да покажете зошто е тоа така. На ист начин да ги наречете идеите на вашите противници „недемократски“ не е ништо друго освен ѓубрење на демократијата без контрола. Употребата на вакви слогани ги затвора аргументите без рационално да се дискутира за суштината и е форма на манипулација со зборот и мислата. Врв на ова е да се самопрогласиш за прогресивен.
Некој би рекол дека тоа е нарцисоидност. Јас би рекол дека тоа е очаен политичар, кој ја навредува интелегенцијата на народот. Ваквата форма на самопофалба, тврдење дека политиката што ја водиш претставува повисока свест од предрасудите на толпата што не размислува, и обидот низ зборот прогресивен да изгледате модерно се обично бегство од реалноста, која ве доживува како застарен и ирелевантен. Изгледа премногу долго дозволивме социјалдемократите, на чело со Заев, да живеат со оваа самоизмама. Иднината на Македонија никогаш не била и нема да биде прогресивен сојуз меѓу Заев и македонскиот народ. Дефинитивно по поразот од (не)прогресивниот народ, владејачката партија треба да престане да го користи „прогресивното“ како синоним за своите политики. Зашто еден витален термин во македонскиот политички амбиент со Заев го изгуби своето значење. Поточно, со него стана бесмислен. Од оваа перспектива, прогресивноста е обична измама и еуфемизам за да се прикрие очигледно непопуларната агенда на власта. А македонскиот модел на прогресивен политичар стана одличен пример за оксиморон. Толку и ништо повеќе.