Дали не треба да биде првиот чекор да почнат да плаќаат данок тие што воопшто не плаќаат – учесниците во неформалната економија?
Откако минатата седмица по конференција посветена на економските перспективи, медиумите и јавноста се фокусираа на изјавите за прогресивниот данок на министерот за финансии Тевдовски, и по второаприлската изјава на премиерот Зоран Заев на истата тема, стануваат појасни намерите на Владата не само да говори туку и да го спроведе прогресивниот персонален данок. Сумирано Владата има намера да воведе прогресивен персонален данок од 18 проценти за 74.000 граѓани што имаат приходи над илјада евра месечно, наспроти досегашниот рамен данок од 10 проценти за сите, со што би се собрале околу 30 милиони евра, кои на пример би се употребиле за зголемување на социјалната помош на 12.000 македонски денари. И тоа заслужува јавна дебата.
Таа јавна дебата има повеќе аспекти од идеолошки до методолошки. Јас веќе во коментарот „Сто дена Влада – многу храброст и грешки“ од септември 2017 година го критикував Министерството за финансии од позиција на десен центар и напишав „И покрај успешниот ребаланс на буџетот, секако заслуга на Министерството за финансии, тоа министерство може да биде и најголема закана за оваа Влада. Да постои голема социјална нееднаквост во земјата, но таа нема да се реши со болшевички мерки како стигматизација на успешните (и богати), ниту со зголемување на данокот за богатите (ако е некој што заработува 1.000 евра богат), туку со долгорочни мерки против причините на сиромаштијата. Болшевиците во министерството, нека видат како помина нивното социјалистичко другарче Оланд во Франција, со неговиот данок на богати, пред да направат голема економска, финансиска и социјална штета. Даночните политики се една од добрите работи што ги направи ВМРО-ДПМНЕ и треба да се зачуваат“. Критики имав и за воведување на ДДВ за физички лица во јануари оваа година во коментарот „Нетранспарентни даночни политики“.
Не е спорно дека на земјата има голема социјална нееднаквост и дека се потребни мерки за социјална правда. Дали првиот чекор за праведност е повеќе данок за тие што веќе плаќаат најмногу (во апсолутни износи)?
Дали не треба да биде првиот чекор да почнат да плаќаат данок тие што воопшто не плаќаат – учесниците во неформалната економија? Според различни извори, Македонија има неформална економија меѓу 24 преку 35 до дури 47 проценти од БДП!!! Ако можам крајно да поедноставам најмалку една четвртина од македонската економија е неформална. Во неформалната економија има неформално производство и неформални вработувања, каде што обемот на неформалното производство поради затајувањето ДДВ е многу позначајно за јавните приходи, отколку приходите од персонален данок. Тоа го поткрепуваат и податоците за неформална вработеност од 18,5 проценти во 2016 година, или од вкупно вработени 723 илјади вработени, околу 133 илјади се неформално вработени. Скриени плати, исплати во кеш, за кои не се плаќаат придонеси според „Фајнанс тинк“ имаат околу 17 проценти од вработените, а според други истражувања тој процент се движи од 7 до 50 проценти. Има даночни дупки како највисока основица за пресметување социјални придонеси од шест просечни плати или, пак, менаџмент договорите, кои обезбедуваат готовина за исплата на скриени плати. На конференцијата на која говореше министерот Тевдовски, вицепремиерот Анѓушев наведе повеќе примери во трансферни цени и концесии во рударството и металургијата, каде што се губат милиони евра во јавни приходи.
Дали е логично и праведно Владата да постигне сите да плаќаат данок, а потоа тие што имаат повисоки примања? Да. И добро е што прават чекор во таа насока, како зголемувањето на највисоката основица на која се пресметуваат социјални придонеси на шеснаесет просечни плати. Кога Владата ќе ги сузбие неформалната економија и вработеност и скриените плати, може да се дебатира за прогресивен персонален данок? Пред тоа уште една дилема, дали е Владата подготвена и за прогресивен данок на добивка? Големите корпорации како Телеком да плаќаат повисок данок на добивка од микро и од малите претпријатија? Дали и тоа е праведно? Или друга дилема, дали социјална праведност може да се постигне со намалување на даноците на социјално ранливи лица?
За дефинициите за богат. Додека за сиромаштија има дефиниран праг (околу 250 евра за четиричлено семејство), значи за богат немаме прифатена дефиниција. Дали е богатство плата што е надомест на труд, без разлика на висината? Или е богатство приход од капитал како изнајмување имот или дивиденди? Дали е богат некој што има 1.000 евра плата, а е единствениот што работи во семејството? Се чини дека дистанцата од еден спроти четири меѓу сиромаштија (250 евра) и богатство (1.000 евра) е многу мала. (продолжува)
***
Честити велигденски празници!
(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek