Деновиве се навршија две години од објавувањето на отвореното писмо до политичките лидери, а во пресрет на она што веќе се насетуваше како „конечно решение на проблемот за името“, што набргу беше познато како „Прогласот 200“. Загрижени граѓани (интелектуалци, професори, уметници, професионалци од разни области) сакаа да предупредат и да опоменат повикувајќи се на големиот Мисирков: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“. По сѐ, дури и ние што бевме автори на тоа писмо, имаме потреба да се навратиме на она што сме го напишале и да се преиспитаме дали точно ги нотиравме проблемите. Дали беа пророчки нашите зборови? Но, уште поважно е, дали сторивме доволно? Каде згрешивме и шчо сега требит да праиме за однапред? Виорот на настаните беше/е толку интензивен, а нашата пословична заборавност и отсуство на самодоверба чинат да ги таложиме и вредните нешта под плаштот на нерелевантноста или апатијата. Затоа, потребно е да се потсетиме дека Прогласот беше само почеток, на кој се надоврзаа голем број иницијативи, дебати, протести и активности. Гласот на македонската интелигенција доби поддршка од значајни имиња од светската културна, научна и интелектуална сцена, за на крајот да резултира со повеќеслојно хоризонтално движење.
Кулминацијата беше на 30 септември 2018 година. За потсетување, еве изводи од писмото: кажавме дека сме длабоко загрижени и вознемирени од начинот на кој се водат преговорите; опоменавме дека може да направат огромна и непоправлива штета за историските и државните интереси; им порачавме дека немаат ниту политички легитимитет, ниту уставни овластувања за тој авантуристички потфат. Знаевме дека станува збор операцијата на национален инженеринг ин виво, без анестезија. Научната мисла не само што беше игнорирана туку беше и замолчувана. Кажавме дека граѓаните имаат ПРАВО да бидат информирани и дека политиката на свршен чин не е демократска! Ја одбивме нивната „стратегија“ за изедначување на Македонија во тој асиметричен спор, со наметнување вина за сопственото постоење, па дури и мазохистичко самообвинување за наводен иредентизам. Потсетивме дека самоопределувањето на македонскиот народ е историски факт. Предупредивме дека чувство на ургентност се создава вештачки, поради (туѓи) геополитички интереси, а внатрешните реформи се запустени. Конечно, побаравме алтернативи со користење на сите правни адути и механизми. И пророчки прашавме дали и ова прашање политичките елити ќе го „киднапираат“ и ќе го решаваат вонинституционално и вонуставно. (Тука погрешивме: тие на својот самоубиствен пат ги уништија и институциите и идејата за држава и конституционализам! Деновиве гледаме дека бескрупулозноста нема крај, таа е стил на владеење.) На сите политички партии им порачавме дека ќе ги сметаме за соучесници во национално предавство! (Некои од авторите сметаа дека зборот „предавство“ е претежок, но сега знаат дека бил на место.)
Во момент на разочараност или гнев знаеме да кажеме: „И шчо напраифме? Ништо!“ Но не е така: дали ќе беше подобро да молчевме во февруари 2018-та и да не го направивме она што следуваше? Дали денес ќе можев/ме да се погледнеме в огледало?
Како ќе се справевме со сопствената совест? Некои мислат дека било лесно или недоволно, дека сме потфрлиле, но има и такви што ни импутираат задни (удбашки) намери! Некои самобендисано се изјаснија: интелектуалците се ОК, ама народот не чини! (За нив одговорот е брехтовски: нека си изберат друг народ, за да му бидат водечки интелектуалци!) Издржавме и издржуваме тешко бреме на закани, валкање на угледот, а ловот на вештерки не е затворен. Портпаролката на СДСМ тукушто порача дека критичарите на Преспа се државни непријатели бр. 1. Наводните проевропејци, кои без да им трепне око гледаа како победуваат „балканските методи“ (препорачани од Хан) и како се газат сите (европски) вредности, нѐ нарекуваа(т) проруски сили, платеници, закана за националната безбедност (Андов) и бараа наш „извоз“ надвор од земјава (како еден габаритен аналитичар кому Апасиев му го постави легендарното прашање: како се станува аналитичар?). Мнозина од нас се прогласени за неподобни и во некои меѓународни (научни?) кругови. Некои од листата на 200-те веќе не се меѓу живите, но ќе се знае каде биле во 2018 година. Мислам на академикот Ратко Јанев, но и на трогателната порака на академик Блаже Ристовски, кој од болничка постела замоли да го запишеме и неговото име, па макар да е тоа последната работа што ќе ја направи за Македонија. Некои се загубија по повикот на политичката амбиција, и партијата им стана партија.
Шчо не сторивме? Многу! Наместо малите „реки“ да се сложат во устие и да се слеат со морето, некои избраа поточиња или понорници. Синдромот на индивидуализам, суетност, лична амбиција пред јавното добро, неискуство во водење траен ненасилен отпор, но и неподготвеност за саможртва – се длабоко вкоренети. На врвот на правната и морална победа од 30 септември, спласнавме наместо да се вивнеме! Собрани како поединци со различни погледи на свет, се растуривме од банални причини, а најмногу затоа што „тие не сакаа со оние, а на оние им беше под честа да стојат со другите“. Класичен пример на незрела и можеби импотентна интелигенција, која не успеа да го допре народот… Времето на заемно обвинување „кој згрешил“ и натаму трае, но најголемата грешка е кога се плука и по „двата прста образ“ оставени за идните генерации да не се срамат од нас. Ете, дури и таква, таа интелигенција остави (макар и мала) трага за иднината, да не помисли некој дека сите молчеле или му се поклонувале на еден немушт и нечесен (од надвор) инсталиран вожд. Народот недвосмислено кажа „НЕ“. Тоа остана запишано во официјалните документи на ДИК, исто како што остана историски факт резултатот од 8 септември 1991 година.
Тешко е од интелектуална/професорска/уметничка позиција прекуноќ, без традиции на дисидентство и личен самопрегор, да станеш Че Гевара, и тоа во крајно неповолни внатрешни и меѓународни околности. Народот беше полесно да го убедиш да бојкотира одошто да ризикува нешто со чинење – тоа е факт. (Оној легендарен пиреј ни е секогаш утеха; демек, ќе нѐ биде дури и ако ништо не правиме, и чекаме да нѐ спаси месија). Политичката опозиција одигра калкулантски, и не може да побегне од својата одговорност; интелигенцијата немаше ни сила ни волја да ја супституира. Но секој со својата одговорност. Кога повлекувам црта што сум направила по 30 септември, салдото покажува: голем број колумни, учество на сите протести (колку и да беа депресивни поради слабата посетеност) и агитирање за претседателска кандидатка како симбол на отпорот кон власта (и Преспа). На долг рок многу е поважна следната листа: три меѓународни научни конференции на кои сум ја деконстриурала Преспа, три научни статии (со или без импакт-фактор) на англиски јазик, поглавје во Годишникот на ОБСЕ и едно во Оксфордската енциклопедија, во чиј наслов (и текст) стои „Macedonia“. Пишувањето, говорењето на вистината, тоа е мојата мисија – некој мора и тоа да го прави во ера на медиумска хајка, манипулација и наука што се користи како инструмент на моќта и капиталот.
Шчо требит да правиме за однапред? Прво, да не очајуваме; од кукање фајде нема! Во време на општа измама, говорењето на вистината е револуционерен чин (Орвел), а самото наше постоење е облик на побуна (Ками). Користење на секоја (не)политичка можност за одржување на жарот, и тоа да долг рок. Патот не само што не е прав, туку е трнлив и долг. Сизиф нѐ сожалува од кое дно треба да се дигнеме. (Еден будала што ќе расипе…) Користење на секоја можност, макар и за најмала промена, на секое ниво, чекор по чекор… Поради кусогледост, „Бојкотирам“ не го виде очигледното – претседателските избори, и ја испушти шансата да се факторизира. Во пресрет на парламентарните избори, од нас зависи дали ќе ја препознаеме искрата во мракот, партијата што не врти како „дождот околу Крагуевац“, која излегува со јасни и недвосмислени ставови, од кои на оние на власт им се крева косата на главата. Како ќе ја препознаеме? Многу лесно: тупаницата на центрите на политичката, медиумската и бизнис-моќта ќе бидат немилосрдни кон оние со потенцијал да го нарушат статус квото. Статус квото е дефиниција на сигурна смрт, затоа мора да се измести.