Можеби е само гаф на Зоран Заев, кој можеби не разбира дека пркос е доблест, позитивна особина. Поверојатно е дека е уште еден од знаците на понатамошна груевизација на СДСМ, на власта, која ќе ја означи отстранување на сите што се критични, кои можат да се спротивстават, и поставување Yesman-послушници!
Некој, пред десетина дена, да ми говореше дека ќе говорам и пишувам против разрешувањето на Стојко Пауновски, до пред некој ден директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), ќе одмавнев и ќе речев невозможно. Невозможно бидејќи со Стојко Пауновски и ДПИ имав јавни несогласувања за толкувањата на мерките против ковид-19. Но и покрај несогласувањата, ДПИ изнесе голем товар во контролата на примената на мерките против ковид-19, со забелешка на селективноста во одредени случаи, каде што вината, можам да претпоставам, е на други нивоа на власта.
Зошто сум против разрешувањето? Затоа што не верувам дека Владата го разреши Стојко Пауновски поради неспроведување одлука, туку исклучиво зашто јавно им се спротивстави на Владата и на премиерот, затоа што покажа пркос! Ајде по ред.
Проблемот со нераспоредени вработени во јавната администрација не го создадоа Зоран Заев и Артан Груби, туку Никола Груевски, односно Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За исполнување на соодветната и правична застапеност, се примаа вработени во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, без конкретно работно место и без обврска да одат на работа. За Никола Груевски, желен за резултати, во последните години, проформа исполнувањата станаа чести.
Не само со вработувањата за соодветната и правична застапеност туку и вработувањата за социјални случаи во „Македонски шуми“, или градба на објекти што не ги исполнуваат техничките стандарди за дејноста итн. Зоран Заев и Артан Груби се нафатија да го решат проблемот со законски утврдената програма К5, односно прераспределба на вработени од Министерството за политички систем, наследник на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, во други државни институции. Дотука главно е во ред.
Оттука настануваат оперативни проблеми, на усогласување на вработените што се прераспоредуваат, нивните квалификации, компетенции и желби, и потребите, описите и желбите на институциите. Тоа не е едноставно и за тоа е потребно приспособување од сите вклучени страни. Неколку институции имаа реакции на понудените вработени, некои го искажаа тоа и јавно, некои во директна комуникација со надлежното министерство и има неколку институции што вратија дел од предложените вработени, како несоодветни за нивните институции. Значи примерот на Стојко Пауновски и ДПИ не е единствен.
Во јавноста се разви голема дебата за квалификуваноста на вработените. Кај дел од јавноста, циркулираат примери со несоодветни дипломи или, пак, дипломи од универзитети со сомнителна работа.
На страна, зошто никој не реагира на постоење и работење на универзитети со сомнителни стандарди. Не може врз основа на неколку примери да се тврди дека сите кандидати се некадарни. Но нивната кадарност, компетентност е компромитирана со самиот факт дека биле вработени без работни места и без опис на работно место. За компетентност може да се говори само со пропишани професионални очекувања, кои за овие вработени не постојат. За овие вработени клучни биле врските во ДУИ или други политички партии на помалите етнички заедници.
Па и други да имале несоодветни квалификации, па се вработувани од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, зошто не може и овие од ДУИ. Доколку е вистински стремежот за реформи на јавната администрација и нејзина професионализација, аргументот така правеа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не е валиден аргумент. Тогаш ветувањата за реформи ќе останат на ниво на чесен политички збор дека е ова последен пат! До некоја друга партиска потреба кога ќе се повикаат како правеле претходниците. Во еден момент ќе снема време, ќе биде предоцна за правилно постапување.
Доколку примерот на Стојко Пауновски и ДПИ не е единствен, а само тој е разрешен што е неговата вина. Аргумент е тврдењето на Артан Груби дека Стојко Пауновски ниту еднаш не стапил во комуникација со надлежното министерство, како што направиле другите институции што не се согласувале со прераспределбата. Комуникација во јавноста, пред претходно да се исцрпат можностите за решение во куќата, е несоодветно постапување. Но доколку Стојко Пауновски е толку врвен професионалец како што тврдат не само колегите од ДПИ туку самата Влада, тогаш ова несоодветно постапување заслужува казна, во законот се предвидени парични казни за одговорните, но не и разрешување.
Извори од Владата брифираат дека Стојко Пауновски „тетовчанец е, знаеш, имал проблеми со Албанците“. Тврдењето дека затоа што е тетовчанец имал проблеми со Албанците е исто како тврдењето дека сите рамковни се не некомпетентни, туку неписмени. Доколку Стојко Пауновски лично користел јазик што поттикнува етничка нетрпеливост или искажувал албанофобски ставови, тоа Владата треба да го објави и тоа е легитимен аргумент за разрешување.
Но се чини дека шпекулациите за албанофобијата на Стојко Пауновски, или некаква одмазда на Артан Груби, се димна завеса, на можната вистинска причина – пркосот! Можеби е само гаф на Зоран Заев, кој можеби не разбира дека пркос е доблест, позитивна особина. Поверојатно е дека е уште еден од знаците на понатамошна груевизација на СДСМ, на власта, која ќе ја означи отстранување на сите што се критични, кои можат да се спротивстават, и поставување Yesman-послушници!
***
Честит Велигден! Честит Први мај!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #ВраќањеВоМинатото