Двајцата кандидати се поддржувачи на Преспанскиот договор и нивен неуспех може да доведе до делегитимизација на договорот и на Владата, и да води во предвремени парламентарни избори
На приближно два месеца пред шестите претседателски избори, кои ќе се одржат на 21 април 2019 година, на кои ќе се избере петтиот претседател на Републиката, ВМРО-ДПМНЕ ја избра Гордана Силјановска за свој кандидат за претседател. Со тоа една недела пред изборот на својот кандидат, СДСМ добива дополнително време за анализа кој кандидат е најдобро да го кандидира.
И тука треба да се разјаснат некои поими, кои доста се употребуваат деновиве, а тоа се „натпартиски“ и „консензуален“ кандидат. Конкретно, и покрај поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска може да биде натпартиски кандидат. Гордана Силјановска не е во партиските органи, ниту пак е член на ВМРО-ДПМНЕ, соодветно на тоа може да биде натпартиски кандидат. Пример за тоа е Јанис Бутарис, градоначалникот на Солун, кој е непартиски, иако на првиот избор во 2010 година, бил поддржан од тогашниот ПАСОК. Од друга страна, не може да има „консензуален“ кандидат, бидејќи зборовите консензус и избори, не одат заедно, бидејќи консензус е процес на одлучување низ договарање, изборите се процес на одлучување преку политички натпревар. Кога ќе има најмалку два кандидата, ниту еден од нив не може да биде консензуален. Затоа не станува збор за консензуален, туку за кандидат со поширока поддршка од една партија.
ВМРО-ДПМНЕ го направи изборот меѓу два кандидата, иако формално беа повеќе кандидати, меѓу Гордана Силјановска и Влатко Ѓорчев. Влатко Ѓорчев прв ја објави својата номинација и започна со промотивни настапи најрано од сите кандидати, а на неколку настапи беше поддржан и од лидерот Христијан Мицкоски, и имаше умерена поддршка на анкетите. Гордана Силјановска се спомнуваше во раната фаза, заедно со имињата на други универзитетски професори, но номинацијата ја објави во последен момент. ВМРО-ДПМНЕ наспроти проверениот партиски кадар – Влатко Ѓорчев, се одлучи за Гордана Силјановска, која не е член на партијата, а во одредени ситуации, како реформите во образованието, била на спротивните позиции од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е веројатно и клучниот аргумент за нејзиниот избор, бидејќи само со таков профил на кандидат може да се надмине теснопартиската поддршка и да се освојат гласови од независните или протестните гласачи. Членството на Гордана Силјановска во органи на Фондацијата отворено општество (Сорос), како можен проблем во поддршката на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ брзо ќе биде заборавено. Од тој аспект Гордана Силјановска има сличен профил како претседателот Ѓорге Иванов, кому тоа не му претставуваше пречка да ги добие гласовите на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ.
Гордана Силјановска во своето прво телевизиско интервју одговори директно на прашањето за Сорос, како и за другите можни петна, како фри-шопови и (не)прифаќање на новото име. Самото интервју е битно различно од некои претходно видени, бидејќи Гордана Силјановска прифати да одговора на сите можни тешки прашања.
Многумина мислат дека СДСМ има едноставна ситуација, бидејќи кој и да биде предложен, со поддршка на партиите на етничките Албанци, би бил избран за претседател. Можеби и затоа во таборот на СДСМ има толкав метеж од кандидати, од Никола Димитров, Стево Пендаровски, Денко Малески, до Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски.
Тоа би било така, доколку овие избори не се првите „самостојни претседателски избори“, за што пишував пред две седмици, односно доколку во вториот круг не се потребни 40 проценти одзив. Успешни претседателски избори ќе имаме само со претседателски кандидати што можат да ја надминат поддршката од политичката партија што ги предлага, кои можат да обезбедат поддршка и од други партии и од независните гласачи. Покрај поддршка од други партии, ќе биде потребен не еден јак кандидат, туку двајца јаки кандидати, за да ги мобилизираат гласачите и на левицата и на десницата.
Оттука колку победата на кандидатот на СДСМ и да изгледа извесна, тоа не така, и зависи од кандидатот што ќе ѝ се спротивстави на Гордана Силјановска и, секако, од ризикот за помал одзив. Се чини дека спомнувањето кандидати етнички Албанци е прерано, земајќи го предвид значајниот процент на етнички Македонци што не се подготвени да гласаат за кандидат од друга етничка припадност. Оттука, веројатно, изборот се стеснува на кандидати како Никола Димитров и Стево Пендаровски или други слични кандидати, кои можат да добијат гласови и од независните гласачи. Но нивната кандидатура носи и ризик во случај на неуспешни избори. Двајцата кандидати се поддржувачи на Преспанскиот договор и нивен неуспех може да доведе до делегитимизација на договорот и на Владата, и да води во предвремени парламентарни избори. Оттука изборот на СДСМ и не е толку лесен како што се мисли.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2019