Во рок од пет години, ако не и за пократко, ќе се преобразат сите официјални документи: пасошите, меморандумите, царинските документи, личните карти, изводите, државјанствата, возачките дозволи, регистрациите на автомобилите, сообраќајните книшки, сосе делот за казните. Не се преобразува само начинот на плаќање: промената на документите нема да биде на товар на државата, на која ѝ требаат пари за советници и хонорарци, туку секој граѓанин поединечно ќе си ја плаќа сметката што не си ја направил по сопствена волја и желба. А би било убаво државата да биде дарежлива, па на секој граѓанин да му додели по две-три илјади евра за воведувањето на големите иновации. Ако некому одеднаш му доделува 300 илјади, зошто не направи обратен процес, секому да му ги плати трошоците за измена на документите. Ако не дава, барем да не им зема за делото што го направи власта пред да се консултира со сопствениот народ.
На 19 август верниците го одбележаа црковниот празник Свето преображение. Сега и верниците и неверниците ќе го чекаме државното преображение закажано за 30 септември, денот кога треба да се одржи референдумот за НАТО и ЕУ, поточно за промена на името и за почеток на историска преобразба на досегашната Македонија. Ајде да видиме по кои карактеристики може да се поврзат двата датума, едниот посветен на познатото далечно минато, другиот очекуван заради неизвесната блиска иднина.
Самиот збор преображение или преобразба е коренита, длабока и темелна промена. Значи и трансформација, реформа, преуредување на системот, на животот. Зборот означува и менување на формата, промена на лик на човек, на држава, видлива надворешна промена. Излез од една состојба и влез во друга, поинаква. Крај на едни и почеток на други процеси и постапки.
Празникот е посветен на сеќавањето на Христовото преображение во гората Тавор. Според христијанското предание, Исус пред неколкутемина апостоли и пророците Мојсеј и Илија засветил со сончева светлина, со што станало јасно дека тој е човекот што ќе го спаси светот од неволјите. Според црковните толкувања, Христос во тој момент ја променил формата со одредена цел: „Во тој час се преобрази, но притоа не прими ништо што го немаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на своите ученици им го објави тоа што Он е“. Се покажал во својата ненадминлива слава како предвесник на сѐ што подоцна ќе следува и ќе ја определи иднината на половина од светот и луѓето во него.
Како секој поголем верски празник, така и денот Преображение со низата обичаи и верувања си нашол значајно место во животот на нашиот народ. Во целокупното празнување се нижат слоеви на народната култура, верувања и суеверија. Во народот постои верување дека на овој празник целата природа се преобразува. Се преобразува листот во шумата, каменот во водата, водата од сонцето, а според некои верувања и небото во ноќта, во глувата доба, се преобразува дури до трипати. Денот се намалува, ноќта се зголемува, од овој ден ноќите стануваат поладни, од овој ден есента почнува да го најавува скорашното доаѓање.
Знам уште од дете: по Преображение не нѐ пуштаа да се капиме во Голема Река и дека капачката сезона на Преспанско Езеро е завршена. Со исклучок само до Богородица, никако подоцна.
По Преображение се групираат и заминуваат птиците преселници, се собираат јата штркови и ластовици на кои им завршува „македонската“ сезона. Како што во ново време се случува заминувањето на оние наши илјадници луѓе што дошле на одмор во родната земја, а се преселиле од неа во некој северен или јужен крај. Птици преселници во обратна насока, што би се рекло. На Преображение се кинел и првиот грозд, се каснувало првото зрно грозје, што најверојатно се случувало до она време кога немало рани или хибридни сорти какви што има денес и кои зреат многу пред Преображение.
Тоа се верувања кажувани во книги и преданија поврзани со црковниот празник Преображение. Што е поврзано со реалноста, со очекуваното преображение на Македонија, кое ќе засјае на 30 септември, што по црковниот календар е ден (празник, именден) на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија? Има и тука голема симболика: што ќе биде тој ден вера а што невера, за кого надеж, за кого очај, кон кого љубов, кон кого омраза. Сегашна Македонија треба да се преобрази, да се трансформира, реформира во Северна Македонија (со додавката Република или без неа). Да се преуреди, од една состојба да влезе во друга, да го промени, не само своето име туку да го смени и сопственото лице. Досегашна Македонија треба да изоди долг, макотрпен и неизвесен пат. Симболично кажано, да се искачи на врвот на сопствената гора Тавор, да ги издржи маките распната на Голгота и да воскресне како идна Северна, зашто така рекле врховните гоподари на светот. Пат послан повеќе со трње отколку со рози. Да се случи преображенска Македонија, нешто слично како Преображенско востание, како што нашето Илинденско се вика кај источниот сосед.
Навистина има што да се преобразува, што да биде вклучено во тој широк преобразувачки процес. Низ преображение ќе помине Уставот на државата, преку што таа радикално ќе се преуреди, ќе биде избришана како држава на македонскиот народ. Република Македонија трајно и неповратно ќе го смени своето име што натаму ќе се употребува ерга омнес. Секаде, секогаш и во секоја пригода, службено и официјално. Името Република Македонија или само Македонија ќе биде само за приватна употреба на домашни слави, на визити и во кафеански песни, при добро патриотско расположение. Сите ентитети, сите институции што се органи на државата, што се во државна сопственост или на кој било начин се финансирани од страна на државата ќе мораат да го сменат својот назив. Да го додадат север, иако некои се наоѓаат на другите страни – на југ, исток или запад.
Како што ќе биде кога ќе се чита временска прогноза. На пример: утре времето над Северна Македонија ќе биде претежно облачно, дождови се очекуваат само на југ од Северна Македонија
Во рок од пет години, ако не и за пократко, ќе се преобразат сите официјални документи: пасошите, меморандумите, царинските документи, личните карти, изводите, државјанствата, возачките дозволи, регистрациите на автомобилите, сообраќајните книшки, сосе делот за казните. Не се преобразува само начинот на плаќање: промената на документите нема да биде на товар на државата, која ќе троши огромни суми за советници и хонорарци, туку секој граѓанин поединечно ќе си ја плаќа сметката што не си ја направил по сопствена волја и желба. А би било убаво државата да биде дарежлива, па на секој граѓанин да му додели по две-три илјади евра за воведувањето на големите иновации. Ако некому одеднаш му доделува 300 илјади, зошто не направи обратен процес, секому да му ги плати трошоците за измена на документите и да подели понекоја пара секој да се чести за историскиот успех. Ако не дава, барем да не им зема за делото што го направи власта пред да се консултира со сопствениот народ.
Преобразба ќе доживее и целата досегашна македонска историска наука (не се знае во кој рок, за колку и за чии пари) заснована на континуитетот на македонската држава, изградбата на националниот и културниот идентитет, македонскиот карактер на востанијата против Османлиската Империја, поделбата на Македонија во Балканските војни. И последиците од неа. Уште не е дојдена на ред Народноослободителната борба од 1941-1944 година, но нема да биде чудно и таа да биде преобразена и македонските партизани да се прогласат за виновни што создале своја национална држава на своја национална територија. Да не пишува дека биле македонски револуционери, македонски партизани што се бореле против фашизмот, особено оној бугарскиот.
Во духот на спогодбата ќе има преобразување поврзано со ендонимите и егзонимите (ако некому му е јасно што значат тие) во официјалните книги, учебниците, географските мапи, сообраќајните знаци, патоказите и други обележја. Според договореното, во Северна Македонија приоритетно ќе биде користењето на грчките ендоними, што просто објаснето ќе биде вака: секаде каде што сега пишува Солун ќе се пишува Тесалоники, за Лерин – Флорина, за Воден – Едеса и така натаму, за сите места во Грција што порано имале македонски топоними, а како такви се употребуваат во македонскиот литературен јазик, ќе се употребуваат единствено грчките. Тоа се виде уште од првиот ден од потпишувањето на договорот во грчка Преспа, кога местото на потписот сите го ословуваа со насилно наметнатото грчко име Псарадес, а не со македонскиот топоним за селото Нивици.
Државата ја чекаат уште многу преобразувања за кои уште не сме свесни од каква природа ќе бидат до денот кога ќе стане (ако стане) членка на НАТО и на ЕУ. А суштинско прашање е дали во тој сложен процес на преобразување ќе се преобразат луѓето? Ќе го сменат ли менталитетот, погледот на светот, карактерот или ликот? Низ кое преображение ќе поминат тие? Не е мал бројот на оние што предупредуваат дека при ова ново нецрковно преображение може да се случи Македонците да се најдат во небрано лозје, јадејќи неосветено кисело грозје.