Зошто Македонија мора веднаш да ги прекине сите преговори со Бугарија околу точките содржани во Декларацијата на бугарското собрание од 10 октомври 2019 година? Деновиве повторно јавноста ја бранува појавата на нов „нонпејпер“, од чие авторство се оградија и официјално Скопје и официјална Софија. Квалитетот, пак, на англискиот јазик во текстот секако дека ги исклучува и Брисел и Вашингтон, како и другите позначајни западни дипломатски центри. Така што или некој лаже во Скопје и во Софија или, пак, што е многу веројатно, некој во регионот си поигрува со Македонија и настојува да ја вклучи како „паричка за поткусурување“ во своите етнички големодржавни игри.
Нејсе, Бугарија има едногласен став на сите нејзини политички партии, преточен во Декларацијата, дека нема да дозволи почеток на преговорите помеѓу Европската Унија и Македонија без промена на македонскиот историски наратив и без наше јасно откажување од автентичноста на македонскиот јазик. Нормално, како и во секоја сериозна држава, по дефинирањето на националните интереси, бугарската дипломатија е ставена во полн погон за остварување на овие бугарски државни цели, па Македонија доби вето за почеток на преговорите со Европската Унија, а официјална Софија јасно става до знаење дека ветото ќе биде подигнато кога Скопје ќе се усогласи со одредбите на Декларацијата од бугарското собрание.
Однесувањето на Бугарија е совршено рационално, во светло на најсовремената македонска историја и на однесувањето на Зоран Заев и на неговата влада. Македонија грижливо ги градеше своите државни позиции од 1991 до 2017 година, втемелени во заштитата на македонскиот народ, македонската култура, историја, јазик и обичаи. Грција ја оспори и македонската државност и македонската нација во спорот за името, па нормално дека одговорот на одговорните македонски раководители беше да се даде отпор кон овие современи форми на етноцид и одродување на еден народ. Грижливо исцртаните македонски црвени линии во спорот за името ја заслужија сета почит на глобалното јавно мислење, како и на сите преостанати држави во регионот, посебно затоа што беше совршено јасно дека цело време во текот на спорот, Грција ја има безрезервната поддршка на дел од најмоќните држави во светот, кои се и клучни сили на Балканот, а ни посредништвото, наводно спонзорирано од Обединетите нации, не беше никогаш добронамерно и балансирано, туку со тешка потпора и отворено навивање за грчката страна.
Но Македонија ја водеше битката во сферата на вредностите и тука Грција не можеше и не може никако да победи затоа што од една страна ја имавте праведната борба за сопствената култура, а од друга страна бруталната злоупотреба на сета државна моќ и на сите регионални механизми за бришење на еден народ од картата на светот и прогон на неговата култура од светското историско сеќавање.
Затоа Преспанскиот договор е извор за сите зла со кои сега Македонија се соочува. Откажувањето од националното име, од сопствениот народ што со векови живее во Егејска Македонија, бришењето на актите на АСНОМ од основачките документи на македонската држава, упати порака кон сите македонски душмани дека можеби се точни тезите на најзадртите балкански националисти дека македонскиот народ е вештачка творба, создадена во некакви „лаборатории“ и дека по Преспанскиот договор е потребно да се вратат „природните“ текови на историјата.
За среќа, македонскиот народ даде отпор на 30 ноември 2018 година кога одби да излезе на референдумот и да го легитимизира Преспанскиот договор. Од тие причини тој референдум е осуден на „историски прогон“. Дали забележувате дека го спомнува кој било од домашните застапници на „Северна…“ или некој од нивните странски поддржувачи? Затоа мора да изнајдеме начин да го негуваме сеќавањето на овој ден на македонскиот непокор, кога ајварот ја совлада бруталната сила.
Да се вратиме на Бугарија. Преспанскиот договор беше прочитан од Бугарите како урнек за „повторна бугаризација“ на Македонија. Во бугарскиот историски наратив никогаш не била напуштена приказната дека бугарската нација се протега од Црно Море, па сè до Охрид и Горица во Албанија, до Солун и до реката Бистрица во Грција, како и до Ниш и Краљево во бугарските „источни покраини“. Оваа бугарска национална замисла се негува и низ нивниот образовен систем, врамена е во сите историски учебници и е јасно прифатена од бугарскиот народ.
Нормално, секој народ има слобода да си го развива сопственото историско сеќавање и да си ја пишува својата историја, но проблемите настануваат кога историјата од сеќавање се претвора во конкретна дипломатска, разузнавачка или воена акција. Бугарите секако дека нема да влезат во акција кон „источните покраини“ или во Егејска Македонија, но одлучија да дејствуваат во самата Македонија и кон македонското малцинство во Албанија. Преспанскиот договор за Бугарија (и не само за нив) означи дека Македонците се „аморфна“ и „анационална“ маса, а дека македонскиот наратив е плиток и дека не е целосно прифатен од Македонците, како и дека нема критична јавност што ќе излезе во одбрана на автентичната македонска култура. Исто така, тие прочитаа дека блокадата на европската интеграција е патот кон реализација на нивните цели.
Затоа и толку ме вознемируваат овие „нонпејпери“ што кружат во последно време. Тоа што кај нас помодарски се нарекува „нонпејпер“ е дипломатска алатка при преговори каде што страната што го доставува овој документ сака да остави траен запис за сопствените позиции и за нештата што ги изложила во разговорите за да нема недоумици при повторната средба на преговарачите. „Запис за појаснување“ или „белешка за уточнување“ би бил соодветен превод на македонски јазик на оваа дипломатска алатка, позната како „non-paper“ на англиски или како „aide-mémoire“ на француски јазик. Самото кружење на овие хартии во јавноста и во дипломатската кореспонденција, како и сè понагласениот ентузијазам на Заев, укажува дека македонската влада веќе не го гледа спорот во полето на вредностите, туку дека конкретно преговара за македонскиот идентитет, за македонскиот јазик и за македонската историја, поточно за нивно усогласување со Декларацијата на бугарското собрание. Да бидат нештата уште пострашни, во целата каша се замешале и европската и американската дипломатија, па и тие сега веќе не се занимаваат со кршењето на темелните човекови и цивилизациски вредности од бугарската страна, туку со детали од договарањето. Се подготвува ли ново национално предавство за да си купи Заев уште некој ден власт?
Треба да биде јасно дека Зоран Заев не е демократски избран политичар, туку е донесен и наметнат за премиер на Македонија и него и ден-денес не го одржува демократскиот глас на македонските граѓани, туку некои мрачни ликови зад сцената. Дури и тој самиот да не каже со кој мефистофел како посредник го склучил својот договор со ѓаволот, сепак ќе се појави некаде запис, книга, мемоари на клучните ликови што биле вклучени во националното предавство, па ќе читаме колку изнесувала вредноста на „30 јудини сребреници“ во дваесет и првиот век.
Тој е свесен дека неговото опстојување на власт не зависи од демократскиот глас на македонскиот народ и сега упорно се труди да им докаже на сите македонски душмани, како и на тие сенишни ликови во заднината, дека во него сè уште има употребна вредност.
Јас не припаѓам на хорот касандри што тоне во сопствената немоќ или во преплашените јадници што гледаат да фатат усвет затоа што нивната сопствена држава е влезена во овој пеколен круг на предавства. Имаме јасен проблем. Македонците не се согласуваат со Преспанскиот договор, а не гледаат ни зошто воопшто да се преговара со Бугарија. Меѓутоа, кај дел од македонската јавност сè уште има надеж дека постои некаков систем во ова лудило, па дека сите овие вратоломии, национални понижувања и државни предавства на крајот ќе имаат среќен крај со влезот во Европската Унија, кога Македонија ќе се повика на вредностите, па ќе си се врати на вистинскиот колосек. Овој заблуден сегмент од македонските граѓани го одржува Заев на власт.
Македонија секако дека нема да пропадне и никогаш нема да биде „Северна…“, а за бугарското безумие не сакам ни да дискутирам. Меѓутоа, ни претстои макотрпна работа во земјата за да се развеат сите шарени магли и да се разголи бедата на актуелната власт и сите нејзини предавства. Потоа лесно ќе се соочиме со светот и со соседите затоа што никому ништо не му земаме и од никого ништо не бараме. Но враќањето на македонската држава започнува со политичката прагма во самата Македонија. Време е да ѝ одѕвони на оваа власт!