Живееме научна фантастика. Сум го кажал ова неколкупати досега. Многумина се убедени дека лесно ќе минеме. Особено оние што мислат дека годината има влијание врз настаните. Па се надеваат дека следната ќе биде подобра. Не им текнува дека годината е заокружено време. Секое време си има свој дух. Духот на времето го прават луѓето
Тргнав за Вевчани. Преку Косово. Ја поминав Црна Гора, па правец Албанија. Од Албанија влегов во Северистан. Вака кружејќи е поисплатливо. Помалку се троши на патарини. А богами се избегнуваат тунели пред кои Северистанци играат чочеци. Древен ритуал стар неколку години. Или прават масовни партиски прослави. Или власта слави родендени.
Во Вевчани доаѓам заради карневал. Традиција стара илјади и кусур години. Имало неверојатно луди и креативни маски. Не добив таков впечаток. На сретсело сите се маскирани исто. Во полицајци. Па, уште нервозни и насилни. А јаки момци, така изгледаат. Навежбани. Веднаш си ги замислив како единица за брзо распоредување низ Авганистан. Ме бркаат од карневалот.
Им велам, дојдов да видам историја. И ете го, не знам од каде се појави. Едноставно никна пред мене. Залижан, телешки поглед, лице што веднаш се заборава. Типичен политички бирократ.
Нема историја, ми се дере. Ја укинавме. Само ги бунеше нашите деца. На нашите деца не им треба историја, туку иднина. Затоа, наместо историја, им воведовме граѓанско општество, сексуално образование и европско право. А сега бегај, ми се дере, да не ти ја саснам полицијава. Разбра?
Разбрав. Се тргнав и седнав во кафеана. Да запишам нешто што ми се појави како сатори… брзо просветлување. Добро е што ја укинале историјата. За некои народи тоа е корисно. Инаку може да откријат дека некогаш имале `рбет, чест и образ. Плус историјата сака паметење. Што ќе им е паметење на луѓето? Може да се сетат дека се луѓе, а не консумери и конформисти. Затоа океј се граѓанско општество, сексуално образование и европско право наместо историја. Тоа ќе им го олесни животот. Ќе можат како папагали да повторуваат дека се граѓани во едно општество за сите, ама ќе знаат дека треба да си стават презерватив на мечтите и чувствата, додека моќта им пенетрира во секоја пора на битисувањето и така право во Европа.
А ха, лажни вести и говор на омраза!
Ја подигам главата. Над мене стои хистерија во човечка форма. Смрди на грантиран активизам. Сеедно што се намирисал со хипстеризам. Ален Гинзберг веднаш би му ја залепил една.
Кој си па ти?
Јас сум вистиномер. Фактчекер. А ти изнесуваш лажни вести. Тврдиш дека во минатото сме биле народ со `рбет, чест и образ. Ама не кажуваш дека минатото има бугарски корени и му припаѓа на хеленското културно наследство. Шириш говор на омраза спрема консумери и конформисти. Но и кон сексуалните малцинства, кои не сакаат да стават презерватив додека европските вредности им пенетрираат во секоја пора на битисувањето. Користиш премногу цинизам и гротескност, кои се комплексни за интелектуалната бижутерија, а ние сме сега главни.
Океј, бегам од карневалот на просечноста. За оние читатели што не знаат, Северистан е мал протекторат на Балканот. Со него владее американската амбасада. Волјата на амбасадата ја спроведуваат локални шерифи. Тоа се политички криминалци и хистерични невладини активисти. Опозицијата кога ќе порасне сака да биде Ангела Меркел. Народот е на Фејсбук. Па, така и нема што многу да се пишува за нив. Иако, вистина е, некогаш пишував. Кога Северистан се викаше Македонија. Кога изопачената моќ врз неа фрли специјална војна. Кога требаше да се поништи вековното постоење. Тогаш вредеше да се бориш. Денес веќе не. Племето три коси црти си тера низ новата нормалност.
Сега, изопачената моќ, која од идентитет Македонија абортира зомби и го нарече Северистан, зема замав низ сиот западен свет. Затоа ме интересира светот… западниот. А не протекторатов. Тука приказната е завршена. За светот дури сега почнува.
Оти така почна и тогаш. Не толку одамна. Тие малку чудно победија на избори. Ги обожаваа хистерично. Воведоа цензура за сите неистомисленици. Почнаа прогонства, тортура и убиства. Се подготвуваа за војна, нивната омилена игра. Русите ги сметаа за свои најголеми непријатели. Тргнаа на нив. Тоа ги уништи. Се викаа Германија, нацистичка Германија.
Предупредувам! И сега е така. Речиси исто. Разликите се во детали. А ѓаволот се крие во деталите. Тој пак, ѓаволот, најчесто доаѓа за да ја однесе шегата. Овие почнаа да ја забрануваат шегата. Ќе ја цензурираат фантазијата. И чувствата. Оти неистомислениците веќе ги цензурираат. Дури и еден претседател. Се закануваат со апсење и затвори. Наскоро ќе ги остварат своите закани. Судски процеси без докази. Однапред напишани пресуди. Веќе го видовме тоа во нивните протекторати. Сега ќе го спроведат во сиот западен свет. Оти Русија за нив сè уште е неосвоива. Ни културно, ни цивилизациски, а камоли воено. Ама ќе продолжат со лаги, спинови и цензура.
Предупредувам! Неколку хајтек-компании воведуваат виртуелен сталинизам. Јавнати на изопачената моќ, ги кршат сите човекови права, устави и закони. Психотични елитисти и насилни мултимилјардери впрегнале хистерични невладини активисти, па тие сега ќе кажуваат кој смее да зборува, пишува и мисли, а кој не. Левијатанот на глобалниот неолиберализам ќе забранува мечти, насмевки и чувства, вакцинирајќи го човештвото против креативност. Оти на деструкцијата се идолопоклоници. Наскоро виртуелниот сталинизам ќе стане и физички.
Предупредувам! Злото мутира, ама се повторува. Тогаш националсоцијализам и сталинизам, сега глобален неолиберализам. Чест и обврска е да се бори човек против оваа нова изопачена моќ. За да знаеш дека си битие. Дека имаш `рбет, чест и образ. Сеедно ако те изеде нивниот мрак.
Предупредувам! Живееме научна фантастика. Сум го кажал ова неколкупати досега. Многумина се убедени дека лесно ќе минеме. Особено оние што мислат дека годината има влијание врз настаните. Па се надеваат дека следната ќе биде подобра. Не им текнува дека годината е заокружено време. Секое време си има свој дух. Духот на времето го прават луѓето. А луѓето не стануваат подобри. Луѓето од ден на ден се озлобуваат. Тоа е духот на ова време.