Прв пик на драфтот и пуј пике не важи

Се јавувам од една невозможна земја.
Известување број 14062020.
Пронајдов необичен документ, кој го испраќам за декодирање. Прилега на анкетен лист сочинет од некоја НВО, но не можам да сум сигурен, прилега на скица за излез од невозможна ситуација сочинета од советничка комисија, но и тоа е неизвесно, недостигаат зборови, недостига интерпункција, но и тоа не може да се каже зашто интерпункцијата што постои во документот прилега на тајно писмо. Сеедно ја пренесувам во целост.

Драфт

Вирус е… не е вирус… од Бога е… не е од Бога… бактерија е… не е бактерија… треба 7 дена… треба 14 дена… треба 28 дена… треба карантин… не треба карантин… треба маска и ракавици… не треба ракавици треба само маска… се множи на ладно… исчезнува на топло… се задржува многу на атмосферски услови… не се задржува многу на атмосферски услови… страдаат возрасните… страдаат и тие што не се возрасни… страдаат сите само тоа сѐ уште не смее да се знае (препорака од горе)… потребни се инхалатори… инхалаторите ја влошуваат состојбата… алгоритамот е познат… алгоритамот има многу непознати… треба карантин и казни… не чини народот… не треба карантин треба поголеми казни… уште повеќе не чини народот, но власта е добра само таа не ја шири заразата… треба избори… не треба избори… фер и демократски… наместени демократски… власт и опозиција… ни власт ни опозиција… антиквизАцијата е назадување… албанизАцијата е напредок… излези гласај… бојкотирај не вјасај… и да нема избори Бејли ќе му честита на црпко… торбата е кај Луј Витон… торбата е во гаражата на Владата… СЈО беше спас за правниот систем… СЈО беше измислица за поголем хаос и процут на подземјето… во подземјето на Диво Насеље се инфилтрираа терористи за дестабилизација на Македонија… преку подземјето на Диво Насеље дејствуваа херои што заслужуваат вечна слава… кај Смилковско Езеро беа грозоморно убиени млади луѓе… воопшто немаше убиени кај Смилковско (станува збор за археолошки остатоци за кои сѐ уште нема дозвола кај надлежните институции)… авионот падна сам кај Мостар… авионот беше организирано урнат…. Киро преживеа, но сакаа да го ликвидираат Бугарите… сакаа да го ликвидираат Србите… сакаше всушност министерот фрч… фрчи голема дупка во буџетот… буџетот има помала дупка… буџетот е одличен… има 13 отсто… не, има 16,7 отсто… не, има 20 отсто и треба да има двојазичност… не, има 50 отсто и мора да има прецедник како Бранко… не, како Стево… не, како Ѓорге… како е со пругата за Бугарија започната 1992 (?)… уште колку километри патишта па да е доста со прес-конференциите на портпаролите… премиерот е харизматичен… премиерот е криминалец… премиерот е секогаш на почетокот харизматичен, а на крајот криминалец (навика, навика)… на крајот на денот… или… на крајот на ноќта… да гледаме кон иднината… да не гледаме кон минатото… има Македонија… нема Македонија… Македонија е грчка… Македонија е бугарска… Македонија е српска… и има уште… Македонија е албанска… другите чекаат да бидат внесени во драфтот… трајно помирување… нетрајно помирување… недовршен мир… имаше војна… имаше конфликт… имаше терористи… имаше „беа терористи“ (Робертсон)… имаше беа „легитимни“ (Робертсон)… ја извојувавме војната 2001 (бели знамиња над Арачиново)… македонските „челници“ сфатија дека не виделе дека сме ја изгубиле… оружјето беше предадено… оружјето воопшто не беше предадено… стратегискиот партнер ни направи охридска рамка за соживот… има исчезнати Македонци, но поради презафатеност Републичкиот завод за заштита на културното наследство сѐ уште не може да ги пронајде коските поради презафатеност… „постигнавме соживот“… по 20 години секоја нова власт повторно „постигнува соживот“… примивме и спасивме 300.000 бегалци, кои никој не ги примаше… или примивме исламски екстремисти, кои предизвикаа воени злосторства како благодарност за гостопримството… сега примаме по нарачка….. Албанците се онеправдани… можат ли да бидат оправдани?!… на Грците сме им ја украле античката историја?!… никој не нашол трага ни глас од Грци во антиката… Словени се, не се Македонци и со потекло од комарците зад Карпатите… никој досега не нашол археолошки остаток од Словени иако постои Институт за старите Словени повеќе од 70 години… има неизбројани статуи посветени на Александар Македонски по целиот свет и никој не ги урива… има и во Скопје, но има партиска врхушка со ниет за уривање на Македонецот, кој ја основоположи културата на мирот како дефиниција за цивилизација наместо дефиницијата за пустошење со војни како „брз цивилизациски растеж“… Македонија и Македонците ги измисли Тито…. Македонија и Македонците не можат да бидат избришани од светското културно наследство и покрај сите организирани проекти на западноевропските квак-академици*), кои траат 200 години…. договорот со јужниот и источниот сосед е договор за трајно помирување преку чистење на вистината од македонскиот образовен систем… договорот со јужниот и источниот сосед е самоубиство на вистината за македонскиот народ преку психолошко насилство над чистите образи, кои надоаѓаат од иднината на македонскиот народ и со потпис на квак-експерти од секојдневната баналност на Македонија…. актуелната „северна“ власт во Македонија прави сѐ за напредна држава и задоволни граѓани… актуелната северџанска власт не е свесна ни за дефиницијата на поимот власт во Македонија и власт за Македонија и нејзините граѓани… избори ќе има наскоро… избори ќе нема наскоро… има ли каква и да е понуда… Tрамп Путин Путин Трамп Трампутин… глобализам национализам… Гејтс Сорош Гејтсорош… вакцинирај вакцинирај… немој да вакцинираш… шшшшш

(Обрнете внимание! Во драфтот нема имиња на политички партии затоа што се очекува да си го променат името. Но за тоа сѐ уште не е да се зборува. Неизвесноста расте како лоша навика и трае и го чека само својот час.)
….КОЈ Е ВАШИОТ ПРВ ПИК НА ДРАФТОТ?
Трета планета, Сончев Систем, Кумова Слама, Локална Група. 12 ооооооооо Светлосни Години по Големиот Почеток…. крај на извештајот.

*)фуснота: квак-академици меѓународно прифатен израз за академски граѓанин што за пари ја приспособува вистината за да му се допадне на инвеститорот или властодржецот; квак е асоцијација на пингвин.