Записи во несоница
Денеска нашата колумна, драг читателу, е составена исклучиво од прашања. Прашања-јанѕа. Оти и светот и судбината, и алот на мојата татковина и народ што страдаат невини се составени само од прашања. И нема ниеден одговор на нив, а истиот тој пак да не е прашање. И еве, во оваа темна ноќ без ѕвезди што надвиснала над нас и светот, јас и ти, драг читателу, поставуваме прашања со она неизбежно зошто:
Зошто уште првата капка, пред да плисне дождот во пород и пред да се наполнат морињата, го зеде како мираз од судбината давеникот под мишка, а можеше да го одмине? Зошто бакнежот не стигна до усните кон кои тргна? Што го настигна и измами патем, та усните истрпнаа чекајќи го и сега во распаѓање сосе молитвата гнијат? Што ќе стане со драгите нешта и со она што го допреа нашите прсти и стапки на овој свет и во овој живот, кога Ново Небо и Нова Земја ќе создадеш како што си наумил, Боже? Зошто на исто место, во иста куќа престојуваат златото и злото, далеку од златното срце на немаштијата и невиноста гола? Зошто кладенецот што напои толку ѕвезди, стада и шуми мораше да го види на поило и лицето на крвникот сведнато над себе? Дали е способен, иако толку моќен, да запее де профундис заборавот од срцето на сите нешта? Дали и од срцето на нашата љубов што ја чуваме зад планини и мориња, толку далеку од него? Зошто одамна слегол во гробница огнот и не излегува оттаму? Зошто заборавил на свадба да оди, свадбарско оро да игра и свадбарски песни да пее, како сватот на коњ со златна поткова качен? Зошто од сè на светот сега најмногу работат ’рѓата и молецот и дали само основата на нашето битие е сè уште неначната од нив? Дали е од света супстанција создадено тоа во светот во кој сè е обесветено?
Зошто во едно јајце се кријат птицата и небото, а во друго влечугата и бездната? Дали знаеме пред да се родиме, кое од нив двете треба да го испилиме ние? Или сме квачка и на двете? Зошто е толку високо, над сите други нешта, поставено губилиштето сега на кое и мојот народ е изведен без вина? Зошто му е дадено нему почесно место во светот? Зошто она што се погубува е прогласено за поважно од она што се зачнува и раѓа?
Зошто тамам ќе ги наполниме садовите со мед и вино, доаѓа туѓинец со смрзнат сурат и со железен стап сè во парампарчиња разнесува и крши? Зошто го прави тоа на крајот од секое лето, зошто блажината во горчина ни ја претвора и нè остава со голомразица во срцето на прагот од зимата што иде? Зошто на мечот му се дадени повеќе задолженија и почести отколку на плугот? Зошто скиптарот, круната, путирот, сите кралски достоинства му се дадени, имено, на подлецот? Зошто во губилиште, наместо во поле за културен натпревар меѓу народите, е престорен светот? Зошто на пиедесталот не го искачија јунакот, туку тој што ги уби и јунакот и јунаштвото? Зошто на глушецот некој му даде орелски крилја, а орелот во глувчова дупка го втера сосе небото исплашено?
Зошто неутешно липа Вистината во светската ноќ и зошто, наместо таа, лагата минува со лавров венец на челото низ светот што ѝ ракоплеска? Зошто на она што е најмало и нежно понекогаш му се доделува да пренесе најголем товар на судбината на грб? Зошто легнала како планина болката врз срцето на она дете? Зошто она што треба да пее молчи, а она што треба да молчи, во глувчова дупка скриено, оди по плоштадите и пее без срам, како победник да е? Зошто се расплака Буда, гледајќи го страдањето во светот и никој не сфати зошто, и тој како Исус, ја избра сиромаштијата за богатство и златото не кај богатите, туку во срцето на сиромасите го најде? Зошто е мало и слабо на Земјата она што е моќно и големо во очите на Создателот горе? За низ невиноста ли преку жртвата да ја заслужи милоста негова и како јасписна карпа да блесне на Небо од атомите на вечноста сотворено?
Дали ја виде во Првата Ноќ Таткото Небесен првата темница што падна врз човекот по изгонот од рајот, кога заплака горко тој, и дали веднаш му подаде ламба, пред да ја испрати милениуми потоа кај него светлината на Исус? Дали и Тој заплака тогаш и дали, како творбата Негова, ги сети како искуство свое болката и тагата? Дали уште пред создавањето, бидејќи можеше во сè да гледа, Бог го виде убиецот што демне и што го заби ножот во глината оживеана? Дали го слушна крикот нејзин што ги скина сферите и дали уште нив ги крпи тој? Дали сочувствително го здружи Тој крикот свој со крикот на Авел што одекнува како Ом наопаку свртен открај-накрај на вселената? Дали го запре да не удри во слепоочниците на ѕвездите и да не ја поткопа почвата под босите стапки на љубовниците што итаат неискусни со породот во бакнежот, директно во пресрет на судбината?
Зошто на едно јагне цела глутница волци му се паѓа во распоредот на нештата, и каква е таа равенка, кој е клучот нејзин? Зошто најневиниот од сите пострада на Голгота, иако ни е даден одговорот, и зошто и оттогаш наваму невиноста на губилиште се изведува? Зошто и на небото дури, како што виде во Откровението Јован, сè уште има лузна на вратот на Јагнето Божјо, како да било некогаш заклано тоа? Зар и кај Него трага од печат на болката некогашна мора да стои? Ако е така со Него, тогаш каква ќе биде трагата на нашата рана на небо, Боже?
Зошто во еден бакнеж, како оној на Јуда Искариотски, спие сланата, а во друг пупката што се отвора, и како да се различат едниот од другиот? Зошто никогаш некој не го запрашал еднаш огнот дали му студи и дали некогаш некој пламнал за да го згрее? Дали пепелта во урните на мртвите, за која мислиме дека ѝ е сестра на смртта, не е само огнено вино што го чека воскресението за да пламне и да ѝ наздрави на вечноста? Да. Но зошто вечноста сепак толку многу го потценува мигот, кога само од него се храни и на неговите темели стои?
Кое е тоа уво што ја слуша свадбената песна на ангелите, глуво за тагата што го поклопила светот? Зошто главата и перницата не се познаваат и се плашат една од друга, оставајќи го обезглавен и во несоница спијачот на страшно место во сонот? Зошто, иако не изгледа така, пролетта редовно ги носи со себе волчите заби на зимата, наменети за Јагнето невино што пасе сјај и цвеќе додека патува кон него ножот? Дали знаеше Таткото Небесен кога ги создаваше Адам и Ева, дека таа глина ќе воздивнува и страда, дека ќе ја насели болката и дека ништо потажно и поболно не може да биде? Може ли да го крене гробот на детето сенката раскрилена на птицата што паднала врз него? Дали ќе запее еднаш на сет глас Дрвото на Животот во испустените македонски села?
Зошто е изведена на губилиште љубовта кога е таа, како што знаеме, најголемата сила на Бога? Зошто иако Македонија ѝ го предаде преку апостол Павле и Лидија Македонката неа на Европа, сега таа ни враќа со смрт, со спепелување на Името? Кога ќе се извини човекот за навреда кон ѕверовите, оние што се исконски невини и кои не можат да ги преземат на Страшниот Суд неговите ѕверства на себе? Дали уште ја крепи виното на Исус свадбата во Кана Галилејска, или одамна веќе нема ни вино, ни свирки, ни оро таму? Ако ноќта го сокрива убиецот, зошто денот толку рамнодушно го гледа и во мракот на неговата свест го наоѓа и му го подарува ножот крвав, кој тој го зарива во грлото на златното пладне? Зошто ангелот слезе на Голгота, облета околу крстот, а не мина низ болката и раните на Исус?
Зошто и по толку години бдеење и молитва, посатките во куќата наместо со искуство спокојно на животот, со јанѕа и со темница се полни само? Зошто оставајќи ги осамени орото откај девојките се враќа на патерици и тажно? Зошто лавровото венче, полно со слава, во кал е фрлено сега и не може во овој хаос телото на јунакот да го најде? Зошто, наместо подвигот и храброста, кукавичлакот и подлоста го посетуваат бојното поле само? Зошто ноќта изгрева, а денот заоѓа без вратка, а треба обратно да биде? Зошто ги фаќа мрачка свадбарите таму каде што треба да ги раздени? Зошто лебот бега од дома во уплав, а каменот доаѓа на синијата наместо него? Зошто сè што е крилесто сега паѓа во бездна, а влечугите се кренале, го прекриле златото на небото и сонцето?
Зошто боровите-младоженци на шумата бесценета во мојот сон на трупци ги иситниле и на камара од лелекања ги натрупале? Зошто од само една детска солза почнуваат да се полнат морињата на жалта? Зошто не ја избриша таа солза, Боже, зошто не направи последна да биде, бидејќи го вети тоа? Или до последната солза-радосница во која грмат водите сјајни на среќата и вечноста уште безброј кораби натоварени со очај и жал ќе пловат?