Пред повеќе од два месеца напишав колумна под наслов „Полесното“. Една моја универзитетска колешка, надежна млада писателка, дојде во мојот кабинет и долго разговаравме за колумната. Ми рече тогаш: „Професоре, добро би било да напишете една колумна и за нас, кои одиме по потешкиот пат во животот“. Самата таа изоде трнлив пат за да одбрани магистратура по природни науки, а пред чинот на одбраната, од биографијата, во која ги навела и своите печатени книги песни и романи, ѝ биле пречкртани како „непотребни“. И навистина – зошто би ги честел со колумнистичко внимание оние што сè во животот постигнуваат на полесниот начин, со врски и shortcut, со пишување магистерски украдени од Гугл според принципот „копи-пејст“ („укради-залепи“), кои секогаш го минуваат дебилниот тест за плагијати смислен во Министерството (о Боже, ќе се дезидиотизира ли некогаш бирократот?) и чија животна филозофија не ја надминува онаа народната „плукни-залепи“? Се разбира, моето внимание тогаш се задржа на нив, затоа што се во мнозинство пред оние што одбираат да го прават потешкото. Овие вториве, кои сметаат дека човек е среќен само кога се стреми кон тешки нешта (тие нешта се викаат подвизи, а подвиг е да се надминеш себеси, не само другиот) се во малцинство на целава планета, и ако има нешто утешно во препораката на Сенека да не одиш таму каде што оди мнозинството (толпата), зашто со нив одиш во пропаст, тогаш и ова малцинство одбрани, вредни, умни и скромни заслужуваат неколку скромни реда.
Затоа, ти што наместо од Гугл собираш со години библиотечен материјал за својата магистратура или докторат, што ги читаш книгите од почетокот до крајот, со подвлекување и бележење на маргините (со молив, не со пенкало), потем сочинуваш компјутерски исписи на подвлеченото, а пред враќањето на книгата во библиотека со гумичка ги бришеш подвлечените места за да не му пречиш на следниот читател, знај дека одиш по вистинскиот, потежок пат. Нека не те збунуваат разни прчковци по општествово што во свои новински „стручни“ текстови цитираат Лакани или Кристеви од Гугл и од мини-ридери и што им солат ум на државата, народот и партијата, зашто самите се сметаат за најумни. Ако само се насмевнуваш на тоа што соопштуваат мисли од луѓе чии книги не ги ни виделе, па ако дури и во блага мера ти е жал за нив, без разлика што сите ги сметаат за поумни од тебе, знај дека одиш по потешкиот, вистински пат. Секој што обул туѓи и украдени чевли – бос е, иако изгледа обуено, и тоа еднаш ќе се види. Тој НОСИ, ама НЕМА свои интелектуални чевли.
И ти, што те понижуваат најблиските на работа, зашто те мразат, а те мразат само затоа што имаш талент и многу работиш и одиш по потешкиот пат, не прекорувај се себеси затоа што го веднеш погледот од срам кога ќе го сретнеш оној што ти готви нож зад грб, а ти се прави пријател. Вистина е дека тој би требало да се срами, но да се срамиш ти во негово име – не е слабост, туку знак на возвишеност – ти само се срамиш што и ти си човек! Ти, што се срамиш да си ја побараш книгата што си му ја позајмил на пријателот, и десет пати тргнуваш да му кажеш да ти ја врати, и десет пати се враќаш од срам, не мисли дека со тебе нешто не е во ред: ти само врвиш по потешкиот пат, патот на кој се срамиш и за другите: за Хирошима, за холокаустот, за бесрамната колонијализација преку глобализацијата. Немој никогаш да помислиш – ах, мајка и татко, проклети да сте што ме воспитавте да се срамам и да имам чест, и зошто не ме воспитавте соодветно на времето во кое живеам: време на арамии, лажни пророци, измамници и политички илузионисти! Досега ќе имав и куќа и џип и љубовница и конто во швајцарска банка без да мрднам со малиот прст! Не ни помислувај така, зашто ти одиш по потешкиот, единствен вистински пат: патот на кој и куќата и џипот и глисерот, дури и чесно спечалени, ќе исчезнат кога и тебе ќе те снема, зашто ниеден предмет не ја поминал царината на смртта, а споменот на нив ќе биде спомен на твојата разметливост, лакомост и суета.
Ти, кој знаеш чиј е стихот „Дошто беше силник, моли го та не домоли го, дошто беше моќник, моли го та недомоли го“, ти кој си принуден да молиш за да го добиеш со туѓа „милост“ она што ти припаѓа и што си го заслужил, не очајувај, зашто одиш по потешкиот пат, на кој се поставени многу цариници што ти одземаат, а само Еден што ти дава сила да издржиш. Ти, што си фрлен како интелектуално шугаво куче во контејнерот на општеството, да се храниш од коските што оние јуди ги фрлаат од политичката трпеза, не очајувај, зашто горчлива е конзервираната храна на интелектуалните партиски пудлици, макар послужена и во златни чинии; наспроти нив, од златен пехар Сократ во име на вистината испи отров. И ти, уметнику, што ти одбиваат текстови од театри, што пишуваш колумни додека мнозинството молчи, ти што си удостоен од МАНУ да влезеш таму колку да си ги исчистиш чевлите на автоматот со ротирачка четка пред некој нивни симпозиум, не очајувај, зашто си решил да одиш по потешкиот пат: по него каменуваат ако си добар, зашто не си како нив.
И ти што упорно се јавуваш на конкурси за работа на кои детално е опишана и бојата на очите на кандидатот што ќе биде примен, дури и бенката на левиот образ, па сепак веруваш во општествена правда и во своите вредности, па затоа одбиваш да ти дадат ветеринарно-партиска книшка и да те пелцуваат како говедо со идеолошкото беснило на омразата, не очајувај, зашто си на правиот и потежок пат. И ти што одбиваш да примиш признание, а камоли милост од оние што се пониски од тебе, радувај се, оти си на правиот пат! Ти, што имаш душа како харфа, а те тераат да свириш во дует со политичка гусла, не очајувај, туку скриј ја харфата за подобри времиња, оти ќе ти ја искршат. Ти, што во време на западна помраченост на здравиот разум пишуваш книги за светлината на Ориентот, не очајувај што не те читаат и што личиш на продавач на уметнички слики во време на колера. Ти што свириш виолина седум часа дневно готвејќи се за концерт (за убавина сме дојдени на овој свет!), додека другите, иако сити, со лиги на устата обиколуваат околу партискиот казан со златни чинии, за да ги наполнат по десетти пат, не очајувај – концертот ќе го нахрани малцинството што оди по потешкиот пат. И ти што пишуваш сонети и се чудиш од кога тоа на вратите од јавните институции мора да стои знакот за забрането носење оружје (црвен круг со пречкртан пиштол), и ти што не поминуваш на црвено додека сите во сурија одат оти во сурија се посилни, и ти што неколкупати купуваш билет за во еден правец кон белиот свет и потоа го кинеш, зашто нешто те врзува со оваа проклетија, па си ги повторуваш стиховите на Гане: „Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан до Анадолија, Канада и Австралија, од Балтик до Карпатите, до немајкаде, до глувчина дупка, до канцелариите на бирократите.“ Сите вие, исто – не очајувајте. На потешкиот пат сте. Оној на Вистината. И знам дека само ќе станувате посилни, зашто нема посилен лек од отровот на неправдата; незабележливо станувате бесмртни, иако сите секој ден, на секое место ве убиваат. Вие, драги мои, ја знаете единствената УКА за која вреди да се прочитаат илјада книги, а се сведува на две реченици – сите се раѓаме како луѓе, но ретко кој од нас СТАНУВА човек. А уште помалку останува. За тоа служи потешкиот пат.