Мора да признаеме дека иако постојат голем број алатки од страна на Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи, Катастарот и многу други (ДКСК, Агенцијата за перење пари, Финансовата полиција), како и други измислени институции што не знаат што да прават со себе, на темата потекло на имот немаат баш никакви резултати
Clara pacta, boni amici
Потеклото на имотот на граѓаните е многу важен елемент, кој сам по себе преставува дел од правната сигурност како за Македонците и македонските граѓани, така и за македонската држава. Еден од првите приоритети на македонскиот парламент треба да е носењето закон за потеклото на имотот, но и измени во други закони за да може ова да биде реалност, а не само политичка пропаганда за стекнување популарност!
ВМРО-ДПМНЕ носењето на законот за потеклото на имотот го најави во својата програма, а СДСМ подготвува закон што го има испратено пред Венецијанската комисија. Но, како и да е, ова е „обврска“ што треба да биде исполнета кон Македонците и македонските граѓани од страна на народните претставници и има за цел воспоставување правда во македонското општество. Стигмата што постои со години за корупција во политиката, правосудството и економијата, како и поткупот, кој ги поткопа сите македонски институции, мора да биде системски санкционирана и решена во духот на совесно и чесно управување со македонската држава.
Мора да признаеме дека иако постојат голем број алатки од страна на Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи, Катастарот и многу други (ДКСК, Агенцијата за перење пари, Финансовата полиција), како и други измислени институции што не знаат што да прават со себе, на темата потекло на имот немаат баш никакви резултати.
Треба да се потсетиме дека ваков закон за потеклото на имотот постоеше до 1989 година, кога беше дерогиран од страна на тогашната власт, а за целта поради која е укинат воопшто не треба да ви објаснувам, бидејќи епилогот од ваквата постапка е да се нема алиби за грабежот што се изврши во време на транзицијата и преминувањето на општествениот капитал во приватни раце. За жал, и тоа што се приватизира од тогашната „црвена олигархија“, на начин својствен само на четири, во тоа време тоталитаристички, држави што го имаа овој модел на приватизација (Азербејџан, Таџикистан, Хрватска и Македонија), ретко кој успеа да го одржи стекнатиот имот. Сѐ уништија!
Но да се вратиме во сегашноста и да видиме кои се очекувањата од носењето на законот за потеклото на имотот, која е неговата целисходност, кој треба да биде опфатен и како со овој закон. Сериозноста од решавање на прашањето на потеклото на имотот е од социолошки, економски и правен интерес, а законот за потеклото на имотот треба да имплементира ефикасен и ефективен систем за заштита на јавниот интерес, но и на приватниот. При неговото носење треба да се внимава и не треба да се испуштат меѓународните документи што ние ги имаме ратификувано, како што се Конвенцијата против корупција на Обединетите нации (која беше усвоена од Генералното собрание на ОН, со Резолуција 58/4, на 31 октомври 2003 година); Конвенциите и препораките на Советот на Европа и практиката на Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа; Документите на Европската Унија, како што се Директивата 2014/42 / ЕУ на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ од 3 април 2014 година за замрзнување и конфискација на приходите од криминал во Европската унија или Рамковната одлука на Советот 2003/568 / на Советот на ЕУ од 22 јули 2003 година за борба против корупцијата во приватниот сектор, и така натаму.
Она што мене ме загрижува од тоа што успеав да го слушнам од медиумите е дека овој закон повторно е препишан од нашите соседи (Србија и Бугарија). Претпоставувам дека законот за потеклото на имотот нема да биде закон за пресметка со неистомислениците! Зошто го истакнувам ова? Од проста причина што товарот на докажување ќе падне на граѓаните, тие треба да докажат од каде им се парите. И, замислете, имот во вредност од 30.000 евра ќе биде предмет на овие постапки. Секој Македонец ќе треба да докажува од каде му е куќата, станот, нивата и така натаму. Повторно ќе има административно малтретирање! Но научен е Македонецот на ваков однос од сопствената држава и нема ништо спорно или ново, а прашањето е дали треба цензусот за имотната состојба да биде повисок од оној на просечниот македонски граѓанин?! Зошто не се започне од најбогатите!!!
Зошто Владата врши јавна закана на основното право на обичните граѓани на слободно уживање со нивната сопственост, односно граѓаните да бидат ставени во уште поголема целосна правна несигурност: да го докажуваат своето право пред институциите, кои (видливо од претходното) не функционираат, односно се целосно нефункционални! Власта не смее да го заборави најбитниот предуслов за оправдување на интервенцијата во сопственичкото право и неговата правна легитимност, а секоја интервенција во правото на сопственост мора да биде во пропорционален однос со целта, која е легитимна и која се сака да се постигне. Членот 1 од Протоколот број 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, исто така, бара секое попречување да биде разумно, сразмерно со целта што треба да се реализира. Неопходната праведна рамнотежа нема да биде постигната онаму каде што засегнатата личност носи индивидуален и преголем товар.
Законот за потеклото на имотот треба да ја врати довербата во македонската држава, но на реални и вистински основи. Clara pacta, boni amici – чиста сметка, долга љубов е животно мото на Македонецот и тука нема ништо спорно! Ако системот ви е нефункционален и неефикасен, немојте да носите закон само да ја оправдате вашата неспособност на грбот на Македонците и македонските граѓани! Законот за потеклото на имотот и измените во другите закони, како што е Кривичниот закон, мора да бидат добро дефинирани и сите оние што несразмерно и енормно се збогатиле да бидат изведени пред лицето на правдата во согласност со законска процедура, нивниот имот да биде конфискуван и тие да преземат одговорност за нелегално стекнатиот имот.