Се јавувам од една невозможна земја. Невозможноста постанува modus non moriendi во секојдневноста. Препознавам обмислен експеримент, кој подолго време се користи за потребите на засега непозната цел, иако верувам дека за потребен и доволен број поединци се познати целта и адресата. За илустрација, известувам за една позиција за која очекувам повратна посока за натамошно дејствување. Станува збор за градба во централното подрачје на главниот град на која е напишана севкупната историја на народот, кој со милениуми ја украсува својата татковина прикажувајќи колку жртви се неопходни за одржување една цивилизација во свет што смета дека цивилизацијата мора да се дефинира преку војна и крвопролевање како услов без кој не е можен технолошки напредок, а технологијата ја смета како замена за мудрост!?
Известување број 25О4 2021, трета планета, Сончев Систем, локална група, 14 милијарди години по големиот почеток.
Невозможноста диктира свои закони, така што управните функции се принудени да дејствуваат спротивно на животните развојни принципи. Таков е примерот со градоначалникот на главниот град во оваа невозможна земја. Неговиот мандат речиси четири години е обележен со неговиот јавно, често изразен ентузијазам за уривање. Разбирливо е дека таа пропаганда предизвикува жесток револт кај реалните граѓани и тие на разни начини го изразуваат. Ги среќавам често, но сакам да ја подвлечам најновата форма, која ми ја достави активист чија задача е да достави писмо до градоначалникот. Според неговите информации, тој не верува дека писмото ќе биде прочитано од градоначалникот и не верува дека ќе биде објавено во средствата за јавно информирање и затоа го разделува на што повеќе поединци, користејќи го единствениот веродостоен систем за информирање на кој му верува народот. Писмото го пренесувам во целост.
„До вршителот на должност Градоначалник на главниот град на Република Македонија, Скопје.
Се обраќаме до оваа адреса иако сме свесни дека сте избран како градоначалник во рамките на реално и формално-правно непостоечка република северна… Поводот е следен: Во периодот на Вашето вршење на должноста градоначалник (станува збор за 4 години) создадовте слика за себе (имиџ – за да разберете подобро) на поединец кој пред сѐ има голема ритуална страст за уривање. Особено е потенциран Вашиот мерак за уривање на симбол-објектот Порта Македонија! Оваа фиксација кон уривање не сме ја забележале кај ниеден градоначалник кој управувал со градот од неговото постоење во 60 век пр. н.е. до 2018 година од новата ера. Но паметиме двајца конквистадори од 2 век пр. н.е. и од 17 век н.е. кои со разурнување втрчале во историјата на Скопје. Tие не биле родени во Македонија и не спаѓаат под дефиницијата таткото на градот.
За да си го објасниме овој феномен, бидејќи уривањето е исклучителна аномалија во природата на градоуправувањето, бевме принудени да побараме соодветна методологија за решавање на овој хеуристички проблем. Се обидовме со методологијата на Исак Њутн од неговото дело ’Principia naturalis’, се обидовме со Монадологијата на Лајбниц, се обидовме со преводот и препис на Витрувиј на делото ‘За архитектурата’, изворно напишано од македонскиот архитект Хермоген, се обидовме дури и со методологијата на северна за заштита од ковид-19… Ова набројување е стилска фигура која ја има моќта да ве извести за тоа колку напор вложивме во решавање на овој феномен. Решението дојде ненадејно и го овозможи ова писмо. Неодамна, во 1936 година аукциската куќа ‘Сотби’ ги продаде необјавените ракописи на Исак Њутн, кои бројат 650.000 збора и се однесуваат на интересот на Њутн за македонската александриска херменевтика. Следејќи ги неговите медитации во мудроста на македонската цивилизација, се потпревме на едно од правилата кои ги користел Њутн, а е запаметено до денес во нашата традиција: Не барајте решенија по светот кога вистинското решение ви е пред носот.
Не беше тешко во македонската методологија за решавање на ваков вид проблеми да ја откриеме ефикасноста на македонската антитеза. Доколку во моментот не можете да се сетите, отворете го златниот венец кој Атина му го додели на најголемиот поет по Хомер пред 160 години. За полесно да се снајдете, куќата му е во Охрид и како Македонец тој ја одбива почеста со која би добил стипендија во Сорбона, затоа што не сакал да се потпише како Грк, затоа што бил Македонец од Македонија! Членот на оценувачката комисија на поетскиот натпревар кој му ги понудил парите е роднина на Коѕијас.
Да преминеме на примената на методологијата. Ве молиме своерачно, без некој да ви дошепнува, да ги пополните следните прашања: 1. Дали симбол-објектот Порта Македонија кај вас предизвикува чувства на омраза, гнев, навреда и сл. и дали поради тоа не можете да спиете подолго време со последици на депресија, хистерија… (наведете слободно слични состојби за побрзо да се објасни феноменот, по што сите ќе бидеме задоволни); 2. Дали Вие и Вашите блиски ја бербатевте Порта Македонија со бомби во разни бои и дали притоа се почувствувате горди, среќни, исполнети? Дали тоа чувство Ве држи до денес во егзалтација?; 3. Дали сметавте дека македонскиот народ нема право да подига ваков триумфален лак? (Ве молиме со одговорот да наведете и зошто); 4. Дали рушењето на симбол-објектот Порта Македонија го сметате за најважното дело на Вашата политичка кариера?; 5. Дали можете да објасните зошто сметате дека треба да се урне триумфалната Порта Македонија?; 6. Дали можете да објасните што претставува ова скулпторско дело и кои се конотативните и денотативните пораки на аркадата, релјефите и скулптурите, камерната сала за промоции, изложби, свадби и свечености, како и оската на која стои Порта Македонија?; 7. Дали сте расчистиле со сопственоста на триумфалната порта? Чија е Порта Македонија, на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ; на левица, на десница, на Град Скопје, на Општина Центар, на Вардарска Македонија, на Егејска Македонија, на Пиринска Македонија, на Гоце, на Карпош, на Румелија, на Марко, на благочестивиот христољубив цар, на Јустинијана Прима, на Каран и Филип, на Ефеон Огнен…? Кој е сопственикот со имотен лист и кои се наследниците? Сте помислиле ли некогаш дека оваа локација има определен број на наследници без чиј потпис Вие не можете да повлечете ни еден легален чекор сѐ додека не обезбедите согласност? (Овде, секако, мораме да ви помогнеме: најголемиот број сопственици се од другата страна во повисоките сфери, каде што се стасува само со мудроста на Хермес Тримегист, некои од нив се закопани по целиот земјин шар и ги има на Арктик и на Антарктик, некои се закопани пред 8.000 години, поради што ќе мораме да Ве прошетаме на ходочастие низ цела Македонија, затоа што без нивна согласност не смееш да преземеш ништо на симболичната Порта Македонија, уште помалку да уриваш.)
Откако одговоривте на овие 7 чекори од методологијата македонска антитеза, останува уште: Дали сметате дека, ако сте им ветиле на коѕијасовци дека ќе урнете сѐ по нивниот список, ќе Ве слават како човек од збор, ќе Ве стават во нивните учебници и нивните деца ќе Ви се поклонуваат во вечноста? И зарем не можете да видите дека Македонците се единствени во Европа кои треба да подигнат триумфална порта во име на победа на мирот и цивилизацијата како средство за остварување на вистината? И дали некогаш сте помислиле дека, додека Ви се смешкаат и Ве удираат по рамото, кога ќе заминете Ви се потсмеваат и претставувате примерок за човек без достоинство? Дали воопшто сте помислиле дека кога одите да го претставувате Град Скопје, тоа што го правите за нив е претстава за македонската култура, традиција и народ?“