„Од она што го пишуваш во последно време, заклучувам дека си за Русија“, ми вели минатата седмица еден пријател по телефон, со глас што ми укажува дека пријателот е на границата меѓу „среднопромилен“ и „високопромилен“ човек. Си има обичај, кога малку ќе „цицне“, да „врти телефони“ и на пријателите да им кажува каде грешат. „Јас никаде немам напишано таква реченица“, му велам. „Не, немаш директно кажано, ама бидејќи си против ЕУ и НАТО, така излегува“, ми вели. „Ниту сум против ЕУ, ниту против НАТО“, му велам, само сум скептик. Инаку, НАТО не ми се допаѓа од бомбардирањето на Србија. Воени организации, особено делители на светска воена правда, кои знаат дека некому му е потребна ’помош’ дури и без тој некој да ја побара, не ме интересираат. Му ’помогнаа’ на српскиот народ со бомби од осиромашен ураниум, против нивниот диктатор Милошевиќ, па сега Вучиќ бара обесштетување за сè поголемиот број заболени од малигни заболувања. Второ, јас сум човек кому му е жал што друг ја напишал, а не јас реченицата ’За марширање на воена музика, на човека не му е потребен голем мозок; и ‘рбетниот е сосема доволен за тоа’.“ „Вади се, вади се со пацифизам. Харашо, не е ништо страшно, Русија моја љубимаја“, „грицка“ тој.
Е, тука веќе морам да поминам во аргументација: „Слушај, бре братче, и самиот знаеш дека руски не знам, на ниеден книжевен фестивал не сум бил во Русија, а на десетици во ЕУ; знаеш дека од Русија ја сакам руската книжевност, ама рускиот фудбал и политиката – не. Знаеш дека Чехов, Гогољ и Достоевски ми се омилени, знаеш дека сметам дека руската книжевност на деветнаесеттиот и дваесеттиот век за светот се она што се старогрчките трагедии за античкиот свет. Но дека политички инклинирам кон Русија – тоа ти е чиста глупост“. „Не ме убеди – зошто?“ „Затоа што и Русија, барабар со Америка и нејзината филијала ЕУ, учествува во денешното уредување на светот како дневна соба на сите народи. Тие решаваат кој ќе биде тросед, кој двосед, кој фотелја, а кој триножник од Северна Македонија или пирустија од Грција; тие кажуваат каде ќе стои телевизорот, каде, што и кога ќе се јаде и кој на кое место ќе седи на трпезата! И да не се правиме луди, отсекогаш било така – особено на шах-таблата наречена Балкан, секогаш фигурите ги поместувале двајца, едниот од Исток, другиот од Запад.“ „Е па, кажи само за кого си. Или против кого си?“ А јас му велам: „Јас не сум против ЕУ, НАТО, САД, Русија, не сум против ниеден народ ни во светот ни во Македонија, не сум против ниедна партија, јас сум ПРОТИВ УРИВАЊЕ НА ГРАНИЦАТА МЕЃУ НОРМАЛНОТО И НЕНОРМАЛНОТО. А тоа е граница меѓу моралното и неморалното. И ништо друго! А таа граница се урна, барем јас така сум убеден, и со договорот меѓу Грција и Македонија! И ништо повеќе!“ „Објасни подетално“, ми вели. „Е па, ќе читаш во вторник, не можам сега да се пенавам по телефон“, му велам.
Така се роди оваа колумна.
За НАТО објаснив, сега да кажам што ми пречи кај Европа, за да се воодушевувам од неа. Јас сум скептичен: на истиот оној начин на кој сè повеќе родители се скептични дали штетите од некои вакцини или пеницилинот се поголеми од предностите. Конкретно, на таква скепса ме наведува еден прикриен паланечки менталитет кај сегашниве европски политичари, а уште повеќе отворениот субмисивен паланечки менталитет на нашиве политичари. Затоа што, паланечката филозофија, барем според „филозофиите на паланката“, има две форми: едната е чувство на лажна супериорност (секоја паланка за себе мисли дека е над другите, макар била голема колку САД или Европа), а втората е чувство на помала вредност, односно сервилност. Да почнам од првото. Денес, кога веќе сите тајни документи од функционирањето на „источниот лагер“ и тоталитарните режими што го сочинуваа – се ставени на увид на јавноста до степен дури и на туристички атракции, можно е целосно да се согледа „анатомијата“ на тие репресивни системи. Мислам на мрежи од невидливи инсталации во приватните животи на луѓето, за кои тие не биле свесни. Такви „невидливи инсталации“ што се мешаат во приватноста на соседот се типични и за најразвиената паланечка („малограѓанска“) дискурзивна практика – трачот. Цели мрежи од усни доушници се занимаваат со шпионажа, фабрикување сензационални „вистини“ за соседот и негово – клеветење и во малограѓанската, и во идеолошки тоталитарната средина: по тоа тие две се слични. Неодамна гледав еден документарен филм за Штази: покрај следењето (паланечка особина број 1), оваа тајна полиција имала добри сознанија и како да го полуди човека, да му ја разниша самодовербата (паланечка особина број 2), да го доведе до тоа сам да се пријави како луд и со тоа да биде (само)карантиниран во општеството со кое не се согласувал. Очигледно, добар тим психијатри работеле за овие тоталитарни умови: Штази, по претходни дојави од идеолошки кодоши, а според пеколно психијатриско „рецептче за излудување“, ќе влезел во вашиот стан без воопшто да остави траги на влегување и ќе се поиграл. Наместо вашата уникатна, од антикварница купена бордо фотелја, ќе ви ставел иста таква, ама – зелена; во аквариумот, наместо две златни рипки што ги чувате, ќе ви ставел два скалара, омилената кошула без јака ќе ви ја заменел со иста таква, ама со јака (дури и дамката си е на старото место); расказот што сте го отчукале на машината за пишување се претворал во песна со иста содржина (секоја реченица станала стих), а часовникот што секое утро ве будел во 6.30, следното утро ќе ве разбудел во 5.30. Никој од соседите ништо не видел. Полицијата ви вели дека нема никакви траг, и веќе ве гледа со чудо, зашто се поплакувате на нешта што можеби треба да му ги раскажете на персоналот на некој санаториум за ментално здравје.
Не може да не се каже – тоа е генијално, еднакво на Хичкок, ама ДАЛИ Е НОРМАЛНО? И МОРАЛНО? Нормално ли е некој толку да ни се меша во СТАНОТ, во домицилното, во локус наталис, во интимата (Јасна Котеска напиша сјајна книга под наслов „Комунистичка интима“), како Штази, или како што тоа денес го прават со „македонската дневна соба“ – ЕУ и САД (Русија нема реално влијание, а и веќе протеравме руски дипломат). Уцената „Сменете го името за да ве примиме на трпезата“ е срамна и ќе дојде време кога тој срам ќе се покаже. Вака излегува дека сите од ЕУ знаат (подобро од нас) како треба да биде уреден нашиот стан и што да стои на плочката од станот, па непречено си влегуваат во станот. Но, за разлика од Штази, нема потреба да обиваат. НИЕ ИМ ОТВОРАМЕ. Зошто?
Затоа што, барем според нашите политичари, „нема алтернатива за Македонија освен ЕУ и НАТО.“ Дури, некои велат „нема КОМПРОМИС околу ЕУ и НАТО“, и грешат. Мислам дека првото е поточно од второто: НЕМА АЛТЕРНАТИВА, а не „нема компромис“. Компромис напротив – има, и тоа дебел. Новото име е компромис. И затоа, ако е веќе така, ако е во прашање НЕМАЊЕ ИЗБОР, токму политичкиот прагматизам налага да ПРИЗНАЕМЕ ПОРАЗ. А не поразот да го претставуваме како историски успех. За жал, токму на оваа власт ѝ падна улогата да го прими поразот, што другите вешто го избегнуваа.
И токму поради тоа што не признаваме дека тоа е пораз, може да дојде Јоханес Хан и да ни каже дека имаме „рандеву со историјата“ – демек, историска победа. И уште да ги повика „младите“ да гласаат на референдумот и да не го бојкотираат, а потоа и да им се закани, за да не им се случел и ним „брегзит“. Притоа, тој прави три фаула: 1. Ги дискриминира и навредува сите што не се млади (што и да значи тоа „млади“), па „старите“ ги смета за однапред „промашени случаи“ на чинот на гласањето; 2. Покрај етничката поделба Албанец – Македонец, покрај најновата внатреетничка поделба „Македонец“ – „Северномакедонец“, на еден ЦЕЛОСНО ПАЛАНЕЧКИ, малициозно сеирџиски начин вградува во нашето и онака резединето ткиво уште една поделба: млади – стари, или темата „Татковци и деца“ од романот на уште еден сјаен руски писател, Тургењев. Да стане „авангарден“ син против „конзервативен“ татко е најуспешната формула за предизвикување граѓанска војна, а според Аристотел, трагичното е ситуација кога крв ќе стане против своја крв, и 3. Шири говор на омраза меѓу „младите“ и „старите“, претпочитајќи ги младите (со што опасно се доближува до наци-тезата на Хитлер дека само младите имаат сила да се пресметаат со „немоќните“ и „хендикепираните“), односно им намигнува на младите да се сетат кои се нивните природни непријатели. Но младите, над кои толку се загрижил одеднаш Хан, веројатно знаат дека младоста обично не се вика „за ум и за кум“, туку за на фронт; „топовско месо“ од старци не се прави, и тоа Хан го знае.
Не скокај, драг мој пријателе: немам ништо против Австрија, од каде е господинот Јоханес Хан, иако се однесува како да е избркан поп од Владичин Хан, па сега попува во Скопје. Знаеш дека последниот пат ти позајмив книга од Артур Шницлер, бидејќи Музил и Кафка ти беа тешки. Сите се австриски писатели. Нив ги ценам, Јоханес Хан – не. Кому му дал ум Господ му дал, без разлика дали е од Австрија или од Владичин Хан; и кому не му дал, не му дал, повторно без разлика дали е од Австрија или од Владичин Хан. А за тоа дека нашиот најголем пораз не е името, туку нешто друго, следниот пат.