Редовните читатели очекуваат колумна за Преспанскиот договор и сето она што следува (остана само уште Дојранско за некакво „епохално“ мировно решение, но да не кобам…). Минатонеделната колумна ја пишував под импресии на чинот на потпишувањето на договорот (чиј текст тукушто го добивме преку „Катимерини“), но и без да знам што носи крајот на денот. Требаше, еве, да измине цела седмица, до редовниот термин за колумна, за да можам да соопштам дека она што ме загрижува најмногу веќе не е (само) промената на името, идентитетот, дерогирањето на уставниот суверенитет, итн.
Од минатонеделната вечер најприоритетното прашање и причина за загриженост е полициската држава. Кругот е затворен: предводниците на протестите против полициската бруталност (кои користеа лого познато низ светот, со слика на полицаец што удира со пендрек), по седум години завршија како нејзини адвокати! Оние што скандираа против полициската држава (под Груевски), сега се загрижени за безбедноста на полицијата (на Заев)!
Малкутемина што се осмелија да потсетат дека не толку одамна се црташе дистописка слика на иднината со лик на човечко лице згазено од чизма (парафразирајќи го Орвел) – беа линчувани од нивните соборци. Тогаш учествував на протестите против полициската бруталност по смртта на Мартин Нешковски, но мислев дека демонстрантите претеруваат кога на полициските кордони, кои стоеја мирно, им довикуваа дека се убијци и дека Македонија е полициска држава. Денес сфаќам дека биле во право (иако сега тие се на другата страна на барикадите, од страната на полицијата): ако тогаш имавме змиско јајце, чудовишна државна моќ ставена под команда на Партијата, денес рептилот само го смени господарот, но е помоќен, побескрупулозен и можеби поисплашен. Сиот арсенал што претходната власт го набави, а не го употреби, ѝ се најде на сегашнава, па и го надградува.
На само ден-два по „бејрутизацијата“ на Скопје, по употребата на дури 38 шок-бомби и солзавец (кои не можеа да се избројат, бидејќи доаѓаа во налети, вклучувајќи го и Градскиот трговски центар) доаѓа веста дека министерот за полиција и американскиот амбасадор свечено отвориле нов најмодерен тренинг-центар за специјалци?! Во согласност со духот на орвелијанскиот новоговор, кажаа дека тој ќе ја зголемел не само способноста, туку и мотивацијата на специјалците!!! Министерот веднаш по неделните настани изјави дека решително ќе презема мерки за заштита на животите и безбедноста на полицијата, без збор да каже за прекумерната употреба на сила, односно ја претстави полицијата како народна, а народот како опасен.
Во ТВ-интервју (во кое новинарката служеше само за да трепка со очите и да кима со главата), Заев претрча беневолентно преку оваа тема, отфрлајќи воопшто и дека нешто се случило, користејќи флоскула за „фејк нуз“. Новинарката констатираше дека полицијата била „малку брутална“, но бргу ретерираше. Медиумите, речиси до еден ставени под капа на министерството на вистината или УСАИД, ја извртеа целата епизода: демонстрантите ја нападнале полицијата со шок-бомби (небаре во самопослуга се купуваат!), а таа се бранела себеси и (празниот) парламентот со солзавец! Од моментот кога се задушував не можејќи да дојдам до здив, со река солзи низ лицето, потресена од бомбите додека ме влечеа надвор од воената зона, сфатив дека иднината ќе има мирис и вкус на солзавец, а дека промената на името е многу помала жртва отколку газењето на човековите права и слободи, со благослов на странците, со силна медиумска поддршка и дури и хор на активисти, кои од „бранители на човекови права“ станаа „бранители на полицајците“. Последниве направија круг: од regime change преминаа на name change, за да завршат како бранители на нов режим (заевизмот како највисок стадиум на груевизмот, да го цитирам Апасиев).
Преспанскиот договор е застрашувачки, меѓу другото, и затоа што Владата (со помош на полицијата и на судовите) се обврзува на стриктна имплементација и на одредбите што значат флагрантно кршење на слободата на говор и на протест. Медиумските спинери сега имаат задача да го „продадат“ договорот, а дел од тоа е пацификација на граѓаните со застрашување дека сите што негодуваат се националисти и примитивците, кои се противат на идеален, европски договор. И не само тоа! Македонските граѓани се изедначени со припадниците на неофашистичката Златна зора! Така во светот и тука се продава приказна дека на двете страни има противници од ист ков, а храбрите власти мораат да се справат со нив. Оттука, употребата на полициска сила е легитимирана и сега и за во иднина, и тоа без поголем општествен отпор, без реакции на цивилниот сектор (кооптиран во власта), со активна поддршка на дел од интелектуалната елита, со целосна пропагандна дејност на медиумите. Борбата против октроираниот договор, кој етаблира стравотна „политичка коректност“ со полициска принуда е она што треба да создаде заеднички фронт на сите слободољубиви и храбри луѓе во оваа земја! Бидејќи, конечно, не е ни битно дали државата ќе се вика Северна или Демократска Македонија, ако е сведена на полициска држава!
Речиси цела кариера се среќавам со полицајци, тие ми се додипломци, магистранди или докторанди. Мојата задача главно се сведува на изучување на политичкиот систем, демократската контрола врз безбедносните структури, приматот на човековите права. Изминатите години бев сведок на неколку трагични ситуации. Видов како моите студенти (полицаец и цивил) се најдоа на спротивни страни. На протестите од 5 мај, на полицаецот му беше скршена главата со бекатон-плоча, а цивилот беше (условно) осуден за насилство.
Овој пат, се најдов во ситуација кога (во друштво на десетина универзитетски професори, среде мирните демонстранти) полицајците тргнаа против професорите. Да биде иронијата поголема, наредното утро еден од нив бранеше магистерски труд пред мене. Се парализираше, не можеше збор да изусти – веројатно повеќе од срам отколку од трема. Во овој краток простор само можам со сиот личен авторитет и морален кредибилитет да посведочам дека полицијата постапи непрофесионално, а поради помала група хулигани (кои е можно да беа инфилтрирани) загрози илјадници мирни граѓани.
Приватна агенција за обезбедување попрофесионално се справува со слични ситуации на стадиони, отколку полицијата платена со наши пари да ги штити нашите слободи и права! Немаше ниту збор предупредување пред нападот! Наместо да ги приведува хулиганите (од западната страна на плоштадот), таа нѐ опколи од сите страни, без да имаме ни можност да се повлечеме. Тие со шлемови, штитови, борни коли за растерување маси, со гас-маски, а ние дури и без упатства од Сорос за заштита во случај на употреба на вакви средства!
Задушувањето и солзите поминаа, но во срцето ќе ме пече долго дека полициската бруталност ја оправдаа не само со тврдење дека „имало малку жртви“, туку и со ставање во погон на „Фабриката“. Се скандализираа дека сум опцула на Фејсбук! Да, точно е! Ќе пцујам и во иднина секогаш кога од полицајците ќе прават невладини активисти и љубители на природата! Ова личи на старата изрека дека некои се скандализираат од капка сперма, повеќе одошто од море крв! Пуританциве што со пцости изведоа цела „револуција“, бараат да ме избркаат од универзитет поради вербален деликт, не сум била достојна да бидам професор! Во рамките на операцијата „Планирано уривање на интегритетот на непријателот и негово дискредитирање во јавноста“ молскавично подметнаа лажна слика на жртва на која „загризаа“ мнозина; ја споделив и јас додека уште бев во бунило и исплашена за сите што стоеја до мене, а за кои не знаев како се. Сликата ја избришав по само пет минути, но „Фабриката“ веќе направи скриншотови (слики од постот) за да ме девалвира не само дома, туку и кај странските колеги (како Флоријан Бибер). Но, нема да ме замолчат. Се надевам и дека нема да ги исплашат граѓаните со лажната теза дека постои Златна зора во зародиш за да ги спречат да го кажат она што го мислат. Она што дефинитивно постои е – полициска држава, која има licence to kill од надворешните ментори. Толку од мировниот договор што ќе донесел мир на Балканот! На потег се демократските сили!