Политичко силување или избори

И за што? Влада направена во политичко силување тешко дека ќе има легитимитет за планот 5+1 и преговори со Бугарија. Или тоа ќе води во ново и уште потешко силување или ќе води во предвремени избори

Најновата епизода во оваа сезона на политичката криза во Македонија, да не беше трагична, ќе беше излитена како некоја нетфликс-серија, која се обидуваат да ја одржат во гледаност со сите можни сплетки, невозможни комбинации и евтини трикови. Излитена, да не беше трагична бидејќи се соочуваме со уште едно политичко силување, пред да дојдеме до крајот на оваа сезона на политичка криза, крај што неминовно ќе биде предвремени парламентарни избори. Вината за последната политичка криза е најмногу на главниот актер, премиерот Зоран Заев. Да, Зоран Заев.
Воведот во оваа сезона на политичка криза, по помалку од една година од парламентарните избори, по кои СДСМ формира влада, се случи со трагедијата во Тетово, односно начинот на кој Зоран Заев трагедијата ја заврши со неодговорност. Секако тоа во контекст на многу други растечки проблеми, се чини тогаш почна да ја прелива чашата! Тогаш Зоран Заев им испрати порака на граѓаните, претходно испраќана и од други премиери. Пораката до граѓаните е многу едноставна, драги граѓанки и граѓани на Македонија, ние никогаш нема да одговараме морално, а уште помалку кривично, и во отсуство на наша индивидуална одговорност, единствен начин да одговараме е колективно да нѐ казните на избори! И граѓаните ја примија пораката време е на избори, време е за одговорност! Прва можност за барање одговорност се локалните избори на 17 октомври 2021 година, кога граѓаните одлучуваа дали на овие избори е време за одговорност на власта и СДСМ и ДУИ, бидејќи следната можност ќе биде за 3 години во 2024 година.
На веќе разгневената јавност, Зоран Заев и СДСМ одговорија со невидена ароганција. Влегоа на локалните избори со независни кандидати од сопствените редови во четири општини, вклучувајќи го Куманово (во Куманово и Дебрца и ги изгубија изборите од независни СДСМ-кандидати). На начинот на кој СДСМ ја постави кампањата фокусирана на Зоран Заев, а не на локалните политики и кандидати за градоначалници ги претвори изборите во втор круг на парламентарните избори, а со врзувањето на својата политичка кариера за изборите во Скопје во референдум за политичкиот опстанок Зоран Заев.

И граѓаните одлучија! И „ничим изазван“ Зоран Заев се доведе себеси во оставка и земјата во политичка криза. Како ќе се одвиваат работите понатаму многу зависи да се разбере дали овој развој е „ничим изазван“ или сепак има некое образложение. Доколку залетот пред првиот круг може да се објасни со катастрофалните лоши прогнози, рејтинзи, совети дека СДСМ е убедлив победник на локалните избори, што би го зајакнало легитимитетот на Зоран Заев и СДСМ, тоа не може да биде објаснување за однесувањето меѓу двата изборни круга. Однесување што порачуваше или ќе се легитимираат Зоран Заев и СДСМ преку победа во Скопје или Зоран Заев ќе се повлече од позициите претседател на партијата и на Владата. За кого беше наменета ова порака и зошто на Зоран Заев му требаше засилен легитимитет преку победа на локалните избори на само една година по парламентарните избори. Понатамошниот развој можеби дава можни одговори. Се чини дека пораката „ако не го добиеме Скопје, нема да бидам премиер“, за важноста на победата во Скопје беше испратена до ДУИ, за да се мотивира со свои гласачи да ја надомести загубата на СДСМ. А обновената легитимност на премиерот Зоран Заев му е потребна за тоа што претстои. И тоа не е пандемијата на ковид-19, не е енергетската и економска криза, која според Владата и не постои. Тоа се преговорите со Бугарија за планот 5+1. Единствен начин да го протурка планот 5+1, бидејќи не ѝ го објаснуваат на домашната јавност, е да се кријат зад стекнатата легитимност на избори. Оттука „ничим изазван“, всушност, е со нешто предизвикан и во отсуство на победа на локалните избори води во оставка на Зоран Заев.
И таа оставка изгледа доаѓа како олеснување на Зоран Заев, но не и на многумина околу него. Причините за неприфаќањето на барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори и одлагањето на оставките на Зоран Заев се ЕУ-интеграциите, односно Македонија да има влада способна да преговара со Бугарија, што е барање на повеќе актери, но посебно на ДУИ и ЕУ, и донекаде, во услови на надолен тренд на СДСМ, да обезбеди подобар контекст за парламентарни избори, што е внатрепартиско очекување на СДСМ. Ниту првото ниту второто не исклучуваат предвремени избори. Со закажување на партиските избори на СДСМ на 12 декември 2021 година и последователен избор на премиер и влада се потврдува тоа што веќе се знае, дека во декемврискиот рок нема да има пробив со Бугарија и ЕУ. Следната шанса е јуни/јули 2022 година, што остава простор за предвремени избори во април/мај 2022 година. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат со обновен легитимитет на партиските раководство, но без пробив со Бугарија и ЕУ. Во прилог на оваа теза оди барањето на ДУИ, Зоран Заев да биде премиер до март 2022 година. Доколку планот 5+1 и почеток на преговори со ЕУ се остварливи, за што постојат сериозни резерви поради позициите на Бугарија, секако дека СДСМ би сакал избори потоа, најверојатно септември 2022 година.

Иако во случајот на тековното политичко силување не е јасно кој е силувачот, а кој е силуваниот, кој е жртвата, дали се тоа Зоран Заев и СДСМ или Гаши и Алтернатива

Е сега за да се стигне до избори април/мај или септември 2022 година, потребно е оваа влада да обезбеди парламентарно мнозинство, кое во моментот го нема. И тука се случува политичко силување за градење парламентарно мнозинство со Алтернатива, која до вчера бараше одговорност и гласање недоверба на истата влада со која сега преговараат. Всушност ова е повторување на политичко силување, бидејќи Зоран Заев и ДУИ го направија најмалку двапати досега, вклучувајќи го двотретинското мнозинство за промена на Уставот на „балкански начин“.
Иако во случајот на тековното политичко силување не е јасно кој е силувачот, а кој е силуваниот, кој е жртвата, дали се тоа Зоран Заев и СДСМ или Гаши и Алтернатива. Сѐ повеќе наликува дека жртва се Зоран Заев и СДСМ, кои на моменти се чинат жртви на ЕУ-интеграциите, мала шега, се чинат заложници на ДУИ. Не дека и Гаши и Алтернатива не се притиснати, но се чини дека толку ги подигнаа барањата за еден куп министри и директори, во надеж дека ќе бидат ослободени од прегратката на ДУИ, или барем дека со висината на барањата таа прегратка нема да биде смртоносна. Како и да е, барањата за повеќе министри од пратеници се понижувачки за Зоран Заев и за Владата.
И за што? Влада направена во политичко силување тешко дека ќе има легитимитет за планот 5+1 и преговори со Бугарија. Или тоа ќе води во ново и уште потешко силување или ќе води во предвремени избори.

***
Од политичкото силување не се жртви политичарите, туку ние граѓаните. Утре е 3 декември – Меѓународен ден на лицата со посебни потреби. Власта зафатена сама со себе прашање е дали ќе најде време и за куртоазни пораки и посети, а камоли за суштински фокус на решавање на општествените предизвици на лицата со посебни потреби!

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek