Да, сега треба сериозно да бидеме уплашени. Зашто влегуваме во состојба на хаос. И колку повеќе хаос во општеството толку повеќе страв ќе се инфузира во македонското ткиво
Триесет години Македонија живее во страв. Македонците денес се поисплашени од кога и да било порано. Уплашени за својот живот, за својата иднина, за својата работа. Во Македонија се одржува културата на страв, концепт според кој се поттикнува страв во пошироката јавност за да се постигнат политички или работни цели преку емоционална пристрасност. Макијавелистичкиот дух на стравот е жив и потентен во Македонија. Според него, „многу побезбедно е да се плашиш одошто да сакаш“. Затоа низ стравот нѐ научија да се мразиме.
Политичарите кај нас се изверзираа во користење и манипулирање со стравот за заплашување на подредените, политичките непријатели и неистомисленици. Стравот е многу силна алатка што може да ја замагли логиката на луѓето и да го промени нивното однесување. За да нѐ владеат, политичарите кај нас низ стравот креираа имагинарни „други“ за да нѐ раздвојат да не комуницираме и да се мразиме без да се познаваме меѓусебно. Низ стравот и омразата политиката се обиде и продолжува да ги заобиколува нашата логика и рационалното однесување. Бившите редизајнирани комунисти се неприкосновени господари на стравот во државава.
Токму тие како алиберални политичари најдобро ја сфатија и ја аплицираа културата на стравот во македонското општество. Нивната способност да го користат стравот за заплашување на оние што не се согласуваат со нив и да ги потчинат оние што ги поддржуваат е историска. Немаа од кого да учат. Ги имаа најдобрите учители од комунизмот. Само ги приспособија алатките за предизвикување страв од некогашниот репресивен режим во новиот демократски амбиент во државата. Кога гледам како стручно манипулираат со латентниот страв во политиката, канализирајќи го и насочувајќи го истиот тој за негова ферментација во ментална блокада и промена на однесувањето на граѓаните, стварно ме фаќа страв.
Со децении, македонскиот проект се засноваше на одреден вид страв: страв од етничкиот национализам и манипулација од можноста да ескалира во внатрешен судир, што реално и се случи. Конфликтот од 2001 г. само го продлабочи тој страв. Секако со цел. Низ вака генерираниот страв активирани беа нашите емоции за да нѐ држат раздвоени, додека се редефинира државата. Нешто што набргу верувам и ќе се случи.
А потоа манипулираа со стравот од популизам, национализам и од ултраконзерватизам, претставени како најголеми закана за нашите евроатлантски интеграции подигнати на ниво на догма. Низ стравот се сатанизираа различните политички и стручни размислувања за тоа како треба да се одвива тој процес. Дополнително, низ сопствениот страв од политички неуспех го редизајнираа политичкиот амбиент во државата. Па, така, наместо надеж за иднина ни понудија страв од политички плурализам на идеи и мислења. Како нивна насушна потреба да се владее по секоја цена. Секако по моделот на нивните ментори од времето на комунизмот: без политички неистомисленици и противници.
Последниве неколку години беа врв во политичката манипулација со стравот, за да се поддржат политики на кои се спротивставија граѓаните. Како што се промената на името на државата, нејзината историја и договорот за добрососедство со Бугарија.
Започна со т.н. Шарена револуција, која генерираше страв низ улично манифестираната слепа омраза и желба за одмазда, па продолжи преку негово институционализирање со формирањето на специјалното јавно обвинителство, кое од алатка за борба против корупцијата се претвори во центар за манипулација и политичко контролирање на стравот. И да не го заборавам судот што ја презеде улога на егзекутор на политиката на страв. Колкумина беа жртви на стравот од ваквиот креиран систем за негова манипулација на државно ниво нема да дознаеме? Ама селективно ќе дознаваме за затворања, закани и претепувања политички противници и критички настроени новинари, запалени автомобили. Но нема до дознаеме кој стои зад ваквите манифестации на ширење страв.
Затоа мора да бидеме способни да ја откриеме политичка манипулација преку страв. Идентификувањето на стравот може да помогне во управувањето со неговите последователни ефекти врз нашето однесување. Секогаш кога јавниот политички дискурс предизвикува страв, нагонот да се заштитиме себеси треба да ни алармира дека наскоро можеме да станеме лесен плен на стравот. Оној политички манипулативниот.
Од стравот за реставрација на минатото, денес се соочуваме со стравот за иднината на државата утре. Тоа особено го чувствувавме денес по изборите. Овој страв не е политички манипулативен. Овој е сериозно рационален. Да, сега треба сериозно да бидеме уплашени. Зашто влегуваме во состојба на хаос. И колку повеќе хаос во општеството толку повеќе страв ќе се инфузира во македонското ткиво. Велат дека политичката стабилност се заснова на деликатна рамнотежа на страв и на надеж. Надеж нема, останува стравот. Останува и неговата политичка привлечност.