Нормален човек во ваков забеган свет не само што не може туку веќе и не СМЕЕ да живее. Читам наслов: „Саем на деца во Брисел“. Читам текст: „Веќе четврти пат, американската организација Men having babies (Мажи што имаат деца), ги отвори денеска и вчера (22 и 23 септември) вратите на „саемот на деца“ во Брисел, за хомосексуалци што бараат „родителски можности за европските хомосексуалци“, целосно игнорирајќи ги европското право и правото на поединечни европски земји… Во салите на луксузниот хотел „Хилтон“ вриеше од истакнати и богати мажи, кои ги разгледуваа каталозите печатени на сјајна хартија. Ги гледаа фотографиите на децата, преку кои на овој начин се продаваат и мајките што ќе им ги износат „нивните“ деца (таканаречени сурогат мајки), кои се подготвени да потпишат договор со кој се обврзуваат дека по девет месеци носење во утробата, ќе се откажат од детето… Цените се различни, според „квалитетот“.
Најниската цена е 95.000 долари (пред четири години беше 60.000 долари), а максималната сума е 160.000 долари. Тука може да се добијат и „ол инклузив пакети“: психолошка поддршка, правна помош… Оваа трговија со деца веќе не се прави тајно, туку ја извршуваат луѓе во костуми и со паричник в рака, отворено заобиколувајќи ги европските закони. Европскиот парламент во 2015 година дури и го осуди издавањето утеруси како вид на злоупотреба на жените. Зошто тогаш ниеден европратеник не излезе од својата канцеларија за да види што се случува само неколку километри понатаму, се прашува изворот vidovdan.org.
Јас веќе ништо не се прашувам, зашто јасно ми е каде се упатил светов. Сакам најпрвин да се оградам: овде не ставам акцент на хомосексуалците. Хомосексуалците си постоеле и ќе си постојат: мене лично ниту ми пречат, ниту ме импресионираат. Познавам способни луѓе меѓу нив, кои и мене ме ценат. Акцентот е на децата, односно на трговијата со нив. Се ПРОДАВААТ деца. Тоа е поентата. А некогаш децата се раѓаа. Од љубов или од страст, сеедно.
Сега деца се ПРОИЗВЕДУВААТ во фабриката опремена со утеруси наместо со индустриски ленти. Од тоа нивно раѓање економски профитираат трговците со утеруси и мајките што сѐ повеќе ја технифицираат својата матка и во неа гледаат, што би рекол Маркс, производствени сили, односно средства за производство. Порано, кога маж ќе ѝ платеше на жена за онаа работа, тоа се викаше проституција. Најголем страв кај секоја проститутка беше да не остане бремена. Е, ова не е проституција, велат од Брисел: ем нема контакт меѓу мажот и жената, ем таа му раѓа дете. Ова е ХУМАН чин. За мене, пак, тоа е дното на овој лицемерен свет под маски (сега и буквално под маски). Очигледно, крвопијците на капитализмот веќе толку се прејадоа, што повраќаат како оној м’сје Бакет од „Монти пајтон“. Но овие блујат фетуси.
Реков: јасно ми е каде забегал светот – на поклонение пред престолот на господарот на злото. Под маската на ДЕМОКРАТИЈАТА, односно ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, се води една глобална, широка битка за легализација на ЗЛОТО како врвно хуманистичко ДОБРО и легализацијата на НЕНОРМАЛНОТО како НОРМАЛНО (мислам на определувањето цена на човековиот живот).
А што се однесува до „правото“ на хомосексуалците да имаат и одгледуваат дете – тие веќе искористиле едно право: одбрале да живеат во хомосексуална, а не во хетеросексуална врска. Децата што ќе им бидат родени – се тие што немаат никакви права. Се разбира, децата немаат право на избор ни кога се раѓаат од хетеро-врска: тие не ги избираат своите родители. Но овде станува збор за „родители“, а не за родители. Тоа е измама. Нека размислат оние „истакнати и богати“ мажи од Брисел дали тоа свое право го остваруваат на штета на детето, за кое досега природата правеше избор: да расте во хетеросексуално семејство. Во случајов, наместо природата, избира човек: детето да се оформува личносно во хомосексуално семејство. Нека се сетат тие „мажи“ дека правото НИКОГАШ не смее да се остварува на штета на другите. Имам човечко право да пијам до бесвест дома, ама не и да возам и да газам пешаци во таква состојба. Така и тие богати машки двојки МОЖЕБИ имаат право на дете, ама не и на КУПУВАЊЕ дете. Нека си купат “ролс ројс“, механика, а не детска душа. Не се децата телиња на сточен пазар.
Па, како тогаш, ќе речете, да дојдат до дете? Лесно: нивните „добротвори“, трговците со деца, ако се толку великодушни, нека ИМ ПОДАРАТ дете. Бесплатно. Да го видиме и тој „хуманизам“!
Се продаде сѐ што можеше да се продаде, а што беше нормално. Сега се тргува со ненормалното, под маската на ПРАВАТА, ДЕМОКРАТИЈАТА и НАПРЕДОКОТ. Со тоа, се силуваат и злоупотребуваат овие три поими. Тоа е современ капиталистички алкохолизам, зашто нема разлика меѓу злоупотребата на алкохолот и злоупотребата на човековите права (и парите), и двете не знаат за доста, и затоа поминуваат во своја СПРОТИВНОСТ: нечии „права“ некому му нанесуваат неправда.
Но што ти е тебе, загрижен морализатору и конзервативецу, гајле за тоа што се случува таму некаде, далеку? Гледај си во својот сопствен двор! Да, во мојот двор играат моите деца, ама и во тој мој двор одамна се влезени истите оние крвопијци од „Саемот за деца“ во Брисел. Како? Така, преку интернетот. Најмалиот син, Григор, има две и пол години. На „Јутјуб“ гледа цртани и анимирани филмови: „Пепа прасето“, „Телетабиси“ и слично. На приближно две минути се прекинува она што го гледа, за да се емитуваат реклами: шампони, кревети, автомобили, хируршки пластични услуги. Детето веќе научи да вика „Тато, пак реклама!“ Па, треба некој да му притисне (веќе и сам научи) на едно копче на кое пишува „скип“, за да продолжи неговата омилена, едукативна содржина. Што е тоа со рекламите среде детски цртан филм?
Тоа е капиталистичка перверзија: класична диверзија во свеста и потсвеста на детето. Тоa e ненадеен coitus interruptus, шокантен code switching, кој во психологијата се вика дефокусирање, деконцентрација, одвлекување на вниманието. Во политиката, пак, тоа е стар политички трик за владеење со масите: стар е колку и владеењето воопшто. Секогаш кога народот ќе детектира од каде смрди рибата, му мавтаат со опашката и тој ја заборава главата. Уште од две и пол години моето дете го подготвуваат да биде заглупавен роб, да биде дефокусирано од главното и да се залепи на споредното. Да ја замени суштината за површина, ноуменот за феномен. Настрана што го прават детето нервозно и фрустрирано, агресивно, зашто под присила му заменуваат ЕДУКАЦИЈА за ШОПИНГ. Наместо знаење, му нудат „шопинг и факинг“, што би рекол Марк Равенхил, во истоимената пиеса од 1995 година! Браво, бре! Какви „здрави“ генерации ќе одгледаме!
Кога на сето тоа ќе се додадат современите трговци со лекови и болести (трговци со вируси и вакцини), се добива комплетната слика за залезот на човештвото. Единствено тој залез во целава приказна е ПРИРОДЕН, зашто се случува на СВОЕ место, на запад.
Немам што да кажам, освен: подалеку од нашите деца, крвопијци капиталистички. Убеден сум дека е поарно човек да биде „конзервативен“, одошто умоболен, макар што да се биде умоболен, денес е доста авангардно и модерно. Тоа е, барем за мене, јасен избор: меѓу светлина и темнина.