Какво помирување и сплотеност кога нашите лидери се поделени на четири локации. За помирување и сплотеност треба да ги видиме нашите лидери сплотени! Ете тоа можеше да го порача Стево Пендаровски кога зборуваше за сплотеност. Илинден да се одбележува на еден централен настан со еден говорник, а лидерите со своето учество ќе демонстрираат сплотеност!
Илинден 2020, Денот на републиката, делумно поради ковид-19, делумно поради форматот на одбележувањето, делумно поради непосветеноста и бледоста на власта, помина така како што би сакале што побрзо да го заборавиме! И тоа не е толку поради празните настани, што може да се оправда со ковид-19, колку поради празните говори! Еден до еден говорите беа празни, без содржина, без смисла, некои дури како празна пропаганда од евтин интернет-портал! Тоа се рефлектира и во социјалните медиуми каде што доминираа пораки до нашите лидери да си ги сменат пишувачите на говори. Се рефлектира и во традиционалните медиуми, каде што освен пренесување, не можете да најдете ниту еден осврт на обраќањата! Со пребарување единствена реакција на говорите ќе биде реакцијата на поранешни вработени на СЈО, на говорот на Стево Пендаровски, претседател на републиката, каде што зборува за неуспехот на СЈО. На страна, коментарот за неуспехот на СЈО нема зошто да ги навредува поранешните вработени, бидејќи иако само еден од нив е осуден, тоа поминало незабележано и неоткриено од цела институција чија намена е откривање криминал! Штом говорите и пораките не се коментираат, најверојатно немало што да се коментира. Во таквата празнотија честитката на Али Ахмети, ако се исклучи тешкиот превод на македонски, имаше најмногу пораки и содржина од сите обраќања!
Некој може да коментира дека критиката е премногу жестока и неоправдана. На пример на говорот и честитката на Стево Пендаровски, претседател на републиката.
Балансиран, одмерен, со повикување за граѓанско помирување (говор) и сплотеност (честитка). Зошто тоа е празно! Можеби затоа што исти или слични пораки со промена на контекстот има секоја година, ги имаше и претходниот претседател Ѓорѓе Иванов, и таквите пораки не се проследени со дела и акција! Повикување на граѓанско помирување и сплотеност, без конкретни дела и акции се само празна тавтологија!
Да се повикува на граѓанско помирување и сплотеност, а истовремено Илинден да се одбележува посебно на четири локации, значи едно да се зборува, а друго да се прави. Форматот на одбележувањето на Илинден предвидува дека тројцата врвни раководители на земјата, тројцата претседатели на републиката, на Собранието, на Владата се обраќаат со три говори, на три различни локации: Крушево, Пелинце и Скопје. На само еден и пол милион население. Како врв на тоа Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, воспостави практика за одбележување во селото Ташмаруништа, на четврта локација. Какво помирување и сплотеност кога нашите лидери се поделени на четири локации. За помирување и сплотеност треба да ги видиме нашите лидери сплотени! Ете тоа можеше да го порача Стево Пендаровски кога зборуваше за сплотеност. Илинден да се одбележува на еден централен настан со еден говорник, а лидерите со своето учество ќе демонстрираат сплотеност! Може да се договориме каде би бил тој централен настан, може да биде ротирачки за рамномерно значење на двата Илиндена, може и говорниците да бидат ротирачки, иако на Денот на републиката редот да биде главен му е на претседателот на републиката. Пак на страна, одбележување на АСНОМ во Пелинце, како замена на „Св. Прохор Пчински“ е мошне лажно, фејк.
Ете тоа можеше минимум да биде побарано од Стево Пендаровски. Во услови на здравствени и економски предизвици поради ковид-19, како и во очекување на преговори со ЕУ или значајни реформи како намалување на јавната администрација за 20 проценти, со малку повеќе политичка храброст можеше да побара духот на граѓанското помирување и сплотеност да биде демонстриран и во формирањето на Собранието и на Владата! За какво помирување и сплотување ќе зборуваме доколку Собранието нема сила за избор на претседател на Комисијата за избори и претседател на Собранието? Доколку до парламентарно мнозинство се дојде со политички и коруптивни притисоци за преземање на пратеници од ривалите?
Дали со сите овие предизвици главното сплотување е формирање влада на најширока можна коалиција, со вклучување на главните ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ! Доколку Стево Пендаровски не се согласува со оваа идеја дека е во најдобар интерес на државата, дали има предлог што нема да исклучи никого барем во Собранието.
Сигурно е дека доколку Стево Пендаровски во своите говори и честитки, покрај пораките за помирување и сплотеност, имаше барем еден предлог како да го постигнеме тоа, ќе имаше многу поголем одѕив и влијание.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Ковид-19 #Избори2020