Луѓето и политиките се важни основи на која било организација. Политиките се важна рамка, бидејќи тие содржат визии на организацијата. Затоа е нужно политиките да бидат здрави, реални, соодветни на времето и да ги рефлектираат идеалите и целите на организациите. Луѓето или поединците помагаат во создавање идеи, проблеми и организациски визии. Рангирањето и угледот на организацијата се одредува според начинот и методите со кои визиите се преведуваат во акција. Заедно, тие создаваат идеален амбиент за оперативната динамика на организацијата.
Оперативната динамика на надворешната политика зависи од нејзината способност да ги толкува и анализира деликатните нијанси на дипломатијата за промоција и заштита на виталниот национален интерес на земјата, во согласност со целите на надворешната политика. Нормално се прашувате: кои се квалитетот и стандардот на оперативната динамика на нашето Министерство за надворешни работи, во смисла на ефикасно извршување на дипломатските функции. Колку добро дипломатијата одговори на предизвиците на македонската надворешна политика во спроведувањето на нејзините цели?
Една од постојаните критики против министерството се однесува на незадоволителните дипломатски перформанси и прогресивната ерозија на ефективна дипломатија. Македонија одамна ја изгуби својата видливост во билатералните и мултилатералните односи. Ако некогаш воопшто и ја имала. Во градениот мит за можностите и професионалноста на „дипломатите од кариера“ оддамна веќе никој не верува. А како да верува кога се знае како и од каде се регрутираа „дипломатите од кариера“ по независноста на државата. И за кого работеа во првите години на македонската држава. Со министер за надворешни работи што не веруваше во независна македонска држава, што можеше да се очекува од новорегрутираната дипломатска булумента. Сигурно не да работи за интерeсите на нашата држава.
Еден поранешен дипломат од сојузното Министерство за надворешни работи на Југославија убаво ми го објасни статусот на нашите „дипломати од кариера“ по осамостојувањето. Особено нивните комплекси и фрустрации секогаш кога ќе зачекореле, сега како македонски дипломати, во Белград, знаејќи што биле и кои биле во југословенската дипломатија и што мислат за нив нивните довчерашни колеги. Сликовито ми го опиша нивното однесување за време на распадот на сојузната држава: тие ги бркаа, вашите не сакаа да си заминат. По една ваква реченица ви станува јасно зашто нашата „професионална“ дипломатија е сведена на ова дереџе и зашто МНР е трансформирано во чекалницата за вработување во странство.
Последниве години со нашиот фејсбук-министер за надворешни работи може да се увериме дека и добро изнегуваната дипломатска кариера не е доволна да продуцира задоволителни дипломатски перформанси. Во такво опкружување.
Договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија ја покажаа дебилноста на нашата т.н „професионална“ дипломатија, која дозволи друг да ги дефинира и операционализира нашите надворешнополитички цели. Секако на штета на националните интереси на државата. Тоа се случува кога мислите дека низ сервилноста кон вашите надворешни „пријатели“ прекуноќ ќе ги затворите отворените прашања што ја мачат државава со децении.
Не се прави надворешна политика по желба на други. Кога испорачувате во надворешната политика за други не е за изненадување остриот пад на дипломатскиот имиџ на земјата во странство.
Прогресивната ерозија на ефективна дипломатија нѐ сведе на дипломатски консумент на туѓи интереси и неприродни пријателства во надворешнополитичкото опкружување. Веќе се создадени неверојатни и неповратни штети во надворешната политика. Некој мора да разбере дека светската политика не е „Калинич пијаца“ и продажба по секоја цена. И дека националните интереси не се генерално предмет за пазарење или правење лукративни зделки.
Разочарувачки и тажно е кога гледате како нашата дипломатија премолчува понижувања од „новите“ пријатели во нашето опкружување. Не можат тие толку да нѐ понижат колку што може нашата дипломатија да одмолчи. Ваквите недоследности во дипломатското однесувањето последниве години создаваат сериозни дилеми за кредибилитетот на македонската дипломатија во очите на нашите меѓународни и билатерални пријатели. Ниту некој веќе ни верува, ниту некој сериозно нѐ есапи надвор. Со ваква дипломатија станавме држава од пластелин, што секој може да ја обликува по сопствена желба. Сервилна и понизна. Држава радодајка. Само треба да посакаат, за ние да испорачаме.
Затоа нужни се радикални реформи на начинот на кој ја водевме надворешната политика. Новата дипломатска изведба мора да се мери во однос на квалитетот на услугата што ќе ја испорача, а да биде управувана од резултати и способна да се справи со предизвиците во надворешните работи. За да се постигне ова фокусот мора да биде ставен на подобрување на оперативната динамика на надворешната политика во наредните години. Но никогаш повеќе не смее да се дозволи нашите политички лидери да се обидуваат да влезат во дипломатските чевли. Или повеќе ќе им личат опинци.