По смртта на великиот македонски крал Александар, освојувачот на Истокот, настанала анархија. Неговите пријатели и наследници започнале братоубиствена војна, која ја разурнала Александровата пространа империја. Во ова време-невреме, особено се истакнал младиот Деметриј, синот на Антигон Едноокиот, кој и покрај младоста успешно војувал против старите волци, како што биле Птолемај и Селеук. Деметриј поради своите воени вештини го добил прекарот Опсадникот и се верувало дека не постои град што не може да го освои.
По долги години со интриги и завери, Деметриј успеал да ги потчини Македонија и Хелада, но тоа не било доволно за него. Претерано амбициозен, намислил да ја возобнови Александровата империја и постојано се подготвувал за нови војни во Азија. Неговата војска и флота биле толку моќни, што другите наследници на великиот Александар се исплашиле. Набргу потоа Селевк, Птолемај и Лисимах склучиле сојуз и му препорачале на епирскиот крал Пир да ја нападне Македонија и да не помислува на спогодба со Деметриј.
Птолемај со моќна флота пристигнал од Египет и започнал да ја бунтува Хелада, Лисимах се нафрлил од Тракија, а Пир од соседството и заеднички ја пустошеле Македонија. Деметриј најпрво заминал во Хелада со намера да ги смири бунтовничките градови, но кога слушнал за пустошењата во Македонија, го оставил својот син Антигон во Хелада и поитал кон своето кралство. Се нафрлил врз Лисимах, но му пристигнала веста дека Пир го освоил градот Бероја.
Веста пристигнала и кај Македонците, па на Деметриј веќе ништо не му одело во прилог. Деметриевиот логор бил полн со лелеци, солзи, гнев и ругање, војниците не сакале да останат и велеле дека сакаат да си одат дома, а всушност оделе кај Лисимах. Деметриј разбрал дека треба да се оддалечи од Лисимах и да завојува против Пир, бидејќи Лисимах бил нивен соплеменик и омилен на многумина, а Пир бил дојденец и туѓинец, па просудил дека Македонците нема да го претпочитаат него.
Но Деметриј многу се излажал. Кога се доближил до Пир и се улогорил, неговите војници дознале дека Пир е благ кон заробениците, па посакале да го остават македонскиот крал и да избегаат кај Пир или кај некој друг.
Во почетокот Деметриевите војници заминувале скришум и во мал број, но потоа целиот војнички логор се вознемирил и сите заминале кај епирскиот крал, на овој начин Деметриј ги изгубил Македонија и кралската власт. Никој не сакал да војува за Деметриј и бил толку омразен од Македонците што претпочитале да му се покорат на еден туѓинец, како што бил Пир.
Каков апсурд! Зошто никој не сакал да го заштити македонскиот крал! Одговорот на ова прашање ни го дава Плутарх, кој вели дека Македонците единствено кај епирскиот владетел Пир гледале одраз на храброста на великиот Александар, а додека другите, особено Деметриј, само го подражавал неговото достоинство и гордост, како да е на сцена. Кај Деметриј имало многу преправања, не само што се наметнувал со порфир проткаен со злато, а на главата ставал македонска кавсија со две врвци туку и на нозете имал позлатени обувки исплетени од најчист порфир. Долго време му ткаеле и некаква наметка, чудесно дело на кое биле претставени светот и небесниот свод, но кога среќата го напуштила, Деметриевата наметка останала недовршена и никој не се осмелил да ја облече, иако и подоцна во Македонија имало самобендисани кралеви.
Деметриј бил надмен, дрзок и наперчен. Никогаш не ги почитувал своите поданици и не ги ислушувал нивните потреби. Деметриј еднаш додека јавал, изгледало дека е расположен и наклонет да ги слуша луѓето, па неколкумина се упатиле кон него со напишани молби. Македонскиот крал ги зел сите и ги завиткал во наметката, луѓето се израдувале и го испратиле. Но кога дошол до мостот на Аксиј (Вардар), ја раширил наметката и ги фрлил сите во реката. Ова многу ги разлутило Македонците, зашто просудиле дека трпат крајна дрскост, а не кралска власт.
Во минатото, македонските кралеви секогаш имале време за потребите на своите поданици, Македонците се сеќавале колку великиот Филип бил умерен и достапен во вакви нешта. Еднаш на минување, македонскиот крал Филип бил пресретнат од некоја пристара женичка, која без престан го молела да ја ислуша. На молбите и поплаките, Филип ѝ рекол дека нема време, а жената му вреснала: „Па тогаш не кралувај“. Ова го замислило Филип и кога се вратил во својот дом, одложил сѐ што имал и минал многу денови со луѓето што барале да ги прими, почнувајќи со старицата.
Со овие постапки и однесувања, македонските кралеви создадоа моќно кралство и не случајно Македонците верно го придружуваа Александар сѐ до Индија. Владетелите, без разлика дали говориме за кралевите, претседателите, премиерите и сѐ така до бесконечност, пред сѐ треба да се грижат за интересите и потребите на народот. Никогаш не смеат да заборават дека нивната примарна задача е да работат во полза на државата и нацијата, а не за сопствените амбиции, тие се избрани за кралеви за да му служат на народот, а не обратно.
Да завршиме со Плутарх, кој вели: „Ми се чини дека прекумерното чествување најмалку укажува дали толпата му е наклонета на некој крал или владетел. Почестите вредат толку, колку што се искрени луѓето што ги даваат, стравот пак, ги прави неуверливи, зашто истите почести се даваат и од страв, и од љубов. Затоа разумните луѓе не се обѕираат на статуите, сликите и обожувањата, туку најпрвин ги гледаат сопствените дела и постигнувања, па или им веруваат на почестите зашто се искрени, или не им веруваат, зашто се дадени од нужда. Често се случува народот со неискрени почести да ја покажува омразата кон силникот, кој, пак, ги прима возгордеано и без мерка“.