Мора да правиме разграничување помеѓу патриотизмот и етничкиот национализам. Промовирањето на особеностите на одреден народ, како што се неговиот јазик, обичаи, историја и сѐ така без крај, не е грев или прекршување на одредени морални норми. Тоа всушност е негување на повеќевековна култура, како што го прави тоа македонштината, без притоа да се негираат или погазуваат другите. Меѓутоа кога се негираат еден народ и неговите особености, како што е примерот со бугарската политичко-општествена елита, тогаш станува збор за екстремен национализам
Велат дека за да биде читана одредена колумна, авторот треба уште на самиот почеток да го „улови“ вниманието со некоја интересна анегдота, небаре читателот е дивеч или риба. Денес ќе го прекршиме ова правило, зашто така сакаме, и директно ќе се насочиме кон сржта на едно лудило, кое подолго време е околу нас. Од немај-каде, во нашето општество за патриотизмот започна да се говори како да станува збор за грев, како патриотизмот да е прекршување на некакви морални норми.
Доколку некој во „нашата“ држава се осмели да каже: „Јас сум Македонец“, имам впечаток дека веднаш ќе биде прогласен за еретик од „прогресивното“ граѓанство. Оваа „прогресивност“ се обидува да нѐ убеди дека љубовта кон татковината и сопствениот народ е злосторство. Затоа понекогаш имам морничаво чувство дека се наоѓаме во некоја филмска проекција на Монти Пајтон. Каков апсурд!
Но да го оставиме ова лудило и да говориме за музиката. Да, драг читателу, за музиката. Некој може да ни дофрли дека се потсмеваме, бидејќи скокаме од една тема на друга, без никаков ред, но денес така сме расположени.
Германските музички гении отсекогаш ми биле слаба страна, особено великиот Бетовен и неговата Деветта симфонија, која е светско културно наследство, меѓутоа денес ќе се задржиме на култниот германски бенд „Рамштајн“, кој со децении ја бранува политичката сцена (да, политичката, а не музичката) низ светот. Повторно потсмевање, нели ќе говоревме за музиката! Драг читателу, честопати границата помеѓу музиката и политиката е тенка, слично како и помеѓу лудилото и генијалноста.
Пред неколку години бендот ја објави песната „Германија“, но „Рамштајн“ не би биле „Рамштајн“ доколку не би предизвикале контроверзии. Лириката е двосмислена и со скриено значење, а видеозаписот уште повеќе збунувачки. Многумина од оние што го виделе споменатиот видеозапис, говорат дека станува збор за лудило. Видеото содржи различни настани од германската историја, вклучувајќи ги римскиот период, средниот век, втората деценија на 20 век, Првата и Втората светска војна, холокаустот и сѐ така до бесконечност.
Во видеото можеме да видиме вештерка на клада или како нацистите палат книги, но персонификацијата на Германија предизвикува најголема зачуденост кај гледачите. Зошто? Германската актерка Руби Коми се појавува како Германија. Добро, актерка е персонификацијата на Германија и што има тука чудно? Коми е родена во Берлин, меѓутоа таа има африканско потекло, поточно таа е црнкинка. Верувам дека германските крајни десничари и неонацисти полуделе кога го гледале ова видео.
Во една друга сцена, која предизвика контроверзии, особено за германското општество, можеме да посведочиме како нацистите бесат неколку Евреи во концентрационен логор. Колку и да звучи чудно, видеозаписот на „Рамштајн“ никогаш не беше цензуриран, а причината за тоа лежи во пораката што се испраќа преку видеото и лириката на песната.
Да се вратиме на почеток. Во песната можеме да слушнеме: „Ти. Јас. Ние. Вие; Германија. Моето срце во пламен. Германија. Толку млади. А сепак толку стари. Германија; Никогаш не сакам да те оставам. Човек може да те сака. И да те мрази. Арогантен. Супериорен. Да освоиме. Да се предадеме. Изненадувачки. Да нападнеме. Германија, Германија над сите; Германија. Твојата љубов е проклетство и благослов.“
И покрај многубројните контроверзии, „Германија“ по својата сушност е патриотска песна. Љубовта кон татковината и сопствениот народ е вонвременска, како што покажува видеото на „Рамштајн“. Но споменатиот видеозапис исто така ни посочува дека ирационалната љубов кон татковината води кон етнички национализам и шовинизам, како што е примерот кога во името на Германија беа убиени милиони невини луѓе. И тука е суштинската порака на германскиот бенд – патриотизмот ја познава границата помеѓу гордоста и срамот. Крајниот германски десничарски национализам никогаш не се засрами од сопствените злосторствата што ги направи во име на Германија. Патриотизмот напротив знае да се засрами, како што е примерот со германскиот канцелар Вили Брант кога јавно се поклони пред жртвите на холокаустот. Ова е една од главните пораката на „Рамштајн“ и затоа нивниот видеозапис никогаш не беше цензуриран.
Мора да правиме разграничување помеѓу патриотизмот и етничкиот национализам. Промовирањето на особеностите на одреден народ, како што се неговиот јазик, обичаи, историја и сѐ така без крај, не е грев или прекршување на одредени морални норми. Тоа всушност е негување на повеќевековна култура, како што го прави тоа македонштината, без притоа да се негираат или погазуваат другите. Меѓутоа кога се негираат еден народ и неговите особености, како што е примерот со бугарската политичко-општествена елита, тогаш станува збор за екстремен национализам.
Очигледно е дека постојат големи разлики и затоа е недозволиво секое жигосување на македонизмот, како да станува збор за некакво злосторство. Може некој со денови, месеци или години да нѐ убедува дека љубовта кон татковината и сопствениот народ се остатоци од минатото, но мора да посочиме дека во германското општество никогаш не се критикува патриотизмот, напротив во секоја нормална држава љубовта кон татковина и сопствениот народ се негуваат. Крајно време е нашето општество да ги разграничува овие нешта.