Има нешто значајно во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. Во него не се објаснува назадувањето, туку се цели кон напредокот во овој груб натпревар, низ кој Македонија игра квалификациски бараж за влез во Европската Унија. Документот што го донесе тивкиот Унгарец Оливер Вархеи, наследникот на ладнокрвниот и превртлив Австриец Јоханес Хан, долета како гулаб на гранка, само ќе треба да се сменат уште неколку годишни времиња додека биде вплетен целосно во македонска мрежа.
Во нормални времиња, извештајот ќе беше солидно, инспиративно четиво, задолжителна лектира како за власта така и за граѓаните уморни од деценискиот сон за отворање на европските врати. Но кој може да рече дека ова се нормални времиња кога низ светот коси пандемијата на ковид-19, кога поради неа светската економија бележи вртоглави падови, а Македонија, нели, е дел од светот, барем географски.
Извештајот пред државата наметнува низа обврски, а прашање е дали таа има капацитет да ги издржи сите товари во ситуација на подиспразнет буџет, на распнатост меѓу минатото и иднината, на откажувања од потврдени вистини и прифаќање небулозни услови. А сето тоа во услови на пандемија и постпандемија, на видлива национална поделеност и при празен џеб на мнозинството граѓани, со македонски стандард, а европски цени во продавниците. И со институции и министерства што ги загубиле својот кредибилитет и авторитет меѓу граѓаните (освен полицијата и армијата) и кои повеќе служат како декор на власта, а не како потреба за граѓанска услуга.
Еврокомесарот за проширување, кој е година и пол постар од претседателот на македонската влада, типично, со дипломатска воздржаност и усно ги посочи правците по кои треба да се движи Македонија, умешно избегнувајќи да употребува тешки зборови за да ги опише неповолните македонски состојби забележани во самиот извештај. И Зоран Заев овој пат не беше во егзалтација како што обично знае да се занесе, но можеби неговото задоволство не можеше да види поради корона-маската.
Заев ја носи тешката судбина на короната. Никако не може да ја покаже радоста од она што го направи успешно. Ковид-19, состојба што најверојатно му го расипува расположението секое утро пред да стапне на работа, го спречи да ги собере лаврите за приемот во НАТО, да ја прослави партиската изборна победа и на раат да испие едно виски во кабинетот во кој повторно се смести. Само на Бранко пред него му успеа да се врати, Заев покажа дека ја совладал техниката да може да носи две лубеници под едно рамо.
Вархеи, еден од блиските соработници на кај нас неомилениот Виктор Орбан, на Македонците им понуди визија од една страна и сурова реалност од друга. Им соопшти дека имаат ретка можност да го искористат сегашниот момент и да се вклучат во изградба на нова политичка конфигурација низ која ќе се минува трнливиот пат кон членство во ЕУ. Вети пари, милијарди евра, но наплатени со пот, крв и солзи. Во таа смисла ништо ново, ништо неочекувано, но сепак обврзувачко. Новото се состои во друга поента: ако сите поранешни извештаи беа тавтологија, празни зборови за да се пополнат страниците и еврокомесарите да ги заслужат високите плати, сега се полни со вистински очекувања. Европски очекувања за македонски вистински реформи, барање за тешки жртви, кои може да се подведат под синтагмата што може да значи и уцена – сега или никогаш.
Големи се очекувањата на Унијата од Македонија. Но какво е расположението, какви се искуствата, какви се очекувањата на Македонците од Унијата?
Не пречи да се припомнат некои факти. Набрзо по осамостојувањето, името на државата беше многу години споменувано како единствениот услов за прием во НАТО и во ЕУ. Тие ветувања се покажаа лицемерни, неточни, дури и лажни. Вистината вели дека, освен името, по секој услов никнуваше нов услов. Беа посочувани неброени критериуми: правда, судство, криминал, корупција, еден закон, друг закон, речиси сѐ што се случуваше во државата стануваше некаков услов. Реформи, реформи на реформите, посебни услови за демократија, медиуми, човекови права и слободи, како во оваа земја никогаш да не живееле или да не живеат нормални луѓе. Понижувањето на Македонија беше една од поглавните европски политички дисциплини.
Европската Унија се однесува(ше) како да е фудбалска организација, која кога на терен истрчува Македонија носи нови правила во текот на целата игра. И со судија што очигледно навива само за едната страна, им дели жолти и црвени картони на сите играчи, досудува пенали кога сака. Не е Македонија таа што ги крши правилата, Еу врз грбот на Македонија бесрамно си ги крши сопствените принципи и правила, и тоа не еднаш и не само по еден повод.
По промената на името, што, нели, беше единствен услов, на ред дојдоа редица услови далеку од здравиот разум. Иако не формалноправно, но политички заканувачки строго, од Бугарија како услов се поставени историјата, јазикот, писмото, потеклото, територијата, услови што не беа поставувани за ниту една земја, ниту пак која било би прифатила такви понижувачки уцени. Македонската политичка структура, само од нејзе познати причини, искажа согласност сите прашања да се стават на маса, сигурна дека ќе обезбеди некаков позитивен резултат во македонска корист, но најверојатно не гледала толку далеку како другите, наводно, пријателски земји, не ги предвидела сите опасности.
Многу граѓани, особено припадници на мнозинскиот македонски народ, не се одушевени од европските постапки. Тие не само што се разочарани од администрацијата на ЕУ и од своето лидерство туку бараат поубедлив одговор дека преку ЕУ не е во загроза нивниот национален опстанок и територијален интегритет, дека не е во прашање ликвидација на нивните историски стремежи за слободна држава, национално самоопределување и слично. Токму од тие причини кај тој дел граѓани европскиот проект за Македонија не наидува на топол прием, она што Европа го поздравува тие го одбиваат, не чувствуваат припадност кон ЕУ и немаат чувство дека судбините им се врзани со сограѓани Европејци. Тој дел граѓани, вклучувајќи ја и опозицијата, наместо да се игнорираат треба да се придобиваат, да се интегрираат во напорите за успешна реализација на проектот Македонија во ЕУ.
Патот кон ЕУ не е послан со рози. Таква буквална реченица не е напишана во последниот извештај, но тој така треба да биде читан, ако се сака да се изоди и да се стигне до поставената цел. Без таа свест, без општа поддршка и без отворен дијалог со граѓаните најавениот проевропски маратон ќе биде потежок и понеизвесен.