Уставен ништо не слуша, ништо не гледа… Ако треба нешто да се сработи, ќе чекаат некој да им се обрати и да ги извлече од хибернација. На пример да ги стави на тапет-банер и да повика на бранење на Уставот од уставните судии. Од споменатиот тапет останаа само двајца уставни судии, кои си тераат по старо. Ама затоа ОЈО во последниов период и гледа и слуша. Еден од последните случаи на ОЈО е предистражната постапка по кривичните пријави на дури двајца „борци за правда“, со непознат идентитет за јавноста, против претседателот Ѓорге Иванов, бидејќи тој го познавал и работел само според стариот Устав и не им се предавал на уставореформаторите, па не ги потпишувал указите на Законот за јазиците и Законот за ратификација на договорот од Преспа. ОЈО како стара установа цели 27 години е на реформската листа на чекање и, изморено од чекање, се охрабрило и по поттурнувањето од некои анонимци тргнало во предистражна постапка. Ќе побарале податоци и информации од Собранието на Република Македонија и од кабинетот на претседателот за тоа кога биле донесени одлуките во законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од страна на уставобранителот.
Чудно ми е зошто е поведена предистражна постапка. Сите го знаеме „дејството“, уставобранителот одамна се обидува да го „конзервира“ Уставот, не потпишувајќи ги указите на двата закона во неговиот „џеб“. Сега полициските органи ќе одат да собираат докази за наводното извршено кривично дело. Не знам дали се подготвени оваа постапка да ја тераат докрај. Во постапката, водена според законските прописи, ќе треба да го утврдуваат легалитетот на секоја преземена одлука на актерите што имаат своја улога во истражуваниот случај. Не сум правник по професија, но како верник во правдата, ќе се обидам да ги развијам постапката и нејзиниот тек. И тргнувам од тезата дека овој случај ќе ја „прошири“ Пандорината кутија со материјалните докази што ќе се надоврзуваат на чекорите. Па, така, ОЈО ќе дојде до „нови“ сознанија.
Законот за јазиците предвидува употреба на оној јазик на кој зборуваат 20 проценти од граѓаните како службен јазик на територијата на целата држава. И оваа двојазичност би се применувала во сите државни институции, агенции, дирекции, установи и организации, т.е. во Собранието, Владата, Уставниот суд, кај народниот правобранител, во изборниот процес, културата, радиодифузната дејност, матичната евиденција, па и на банкнотите и на монетите, како и на поштенските марки. Последниве три би содржеле, освен македонски, и симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат албанскиот јазик.
Дали ќе истражи ОЈО детално што сакало Собранието да направи со овој закон? Дали ќе ги спротивстави изјавите на премиерот Заев контра претседателот Иванов, при што првиот тврди дека неколкупати му посочил на Иванов да го потпише указот и да дозволи за неговата уставност да одлучува Уставниот суд, а од кабинетот на вториот соопштиле дека „никогаш на ниту една средба премиерот Заев не му го спомнал на претседателот Законот за јазици, ниту, пак, побарал негово потпишување“. Дали ОЈО ќе повика стенограм на помош или можеби полиграф, за расчистување на дилемата кој тука дезинформира? Дали ќе ги праша пратениците Албанци дали би барале утре на македонските банкноти и монети да се аплицира ликот на некојси борец на УЧК или можеби на Џемо Хаса, како промоција на неговиот лик по поставувањето на неговата статуа во западна Македонија? Дали ќе истражи и постоење на дискриминација за локалните заедници и државни органи во единиците на локалните самоуправи каде што нема албански граѓани, а кои ќе мора да направат трошоци и да создадат вработувања за да понудат информации што би немало кој да ги чита? Дали притоа ќе утврди дискриминација на највисоко ниво – во македонското собрание, кое не го почитува договорот од Охрид, потпишан од релевантните позициски и опозициски политичари во 2001-та, според кое треба да има 24, а не 20 пратеници Албанци? И дали конечно ОЈО ќе се нафати да истражи дали граѓанството што го зборува албанскиот јазик е 20 проценти или помалку? И дали тоа ќе води неминовно кон ревизија и „случај“ против Охридскиот договор и неговата натамошна имплементација?
Законот за ратификација на спогодбата од Преспа предвидува промена на уставното име; промена на Уставот; промена на историјата; промена на топонимите; промена на целокупната државна идентитетска легитимација; бришење на признавањето на државата под уставното име од страна на 137 земји во светот, со кои цели 27 години сме напредувале во битката за „името“; промена на ставот кон македонското малцинство во соседните земји; и што уште не…
Можеби ОЈО ќе ги одгатне сите импликации врз нашиот идентитет и државност во наше име, бидејќи реформаторите не ги кажуваат острите реформи што ќе му ги приредат на нашиот веќе реформиран Устав. Можеби некој ќе се вклучи во работата на случајот – ОЈО (кога веќе толку бесмислено ја изедначија политиката со правото) да ги освежи сеќавањата и да ја преслуша предизборната изјава на премиерот, а во врска со Законот за новото име на Македонија: „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко, сите мои предци, јас, мојот син и ќерка сме Македонци, родени овде, во Македонија, тоа не може да се случи (одговара на прашање за промена на името, при гостување на една Македонска телевизија). И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на Уставот заради промена на уставното име“.
Второ, можеби тој некој прво што би аргументирал е барање ОЈО да изврши преглед на документот што премиерот го потпиша по инсистирање на претседателот за да му биде доделен мандатот на обезбеденото парламентарно мнозинство. Во овој документ премиерот изјавува дека со формираното собраниско мнозинство гарантира: заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија; дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на РМ ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја земјата во положба на потчинетост или зависност спрема други држави; дека ниту еден документ/платформа, декларација, акт или дејство што би биле спротивни на наведените ставови (од гаранцијата – м.з.) не може да бидат услов ниту основа за формирање и дејствување на Владата на Република Македонија.
Трето, можеби би го консултирале и планот за живот според кој СДСМ доби поддршка од граѓаните, каде што стои: „Поаѓајќи од Уставот на РМ, за прашањата од највисок државен и национален интерес, идната влада на СДСМ активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Таа реално ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија остануваме на определбата за референдумското изјаснување на граѓаните“.
И сега… Што ќе прави ОЈО? Ќе го повика ли Уставен напомош, или ќе продолжи самостојно да „истражува“? Можеби ќе се обидат да добијат поцелосна претстава за изгласаниот а непотпишан Закон за ратификација на спогодбата од Преспа и ќе се зафатат со истражување детали и мотиви зошто референдумот беше распишан како консултативен, а не задолжителен, иако премиерот има дадено неколку изјави во однос на почитувањето на волјата на граѓаните за ова, за ним, најважно прашање во историјата на независна Македонија. А притоа, дотолку се замрсија конците со мултидимензионалното 3 в о1 прашање за 8 од 1 одговори, што никој во македонската правна стручна фела не можеше да одгатне според кој член од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните е распишан референдумот. Продолжувајќи хронолошки кон сегашноста, ОЈО ќе сретне уште една изјава на премиерот од собраниската говорница на 13 јуни, кога одговара на прашањето на пратеникот Трајко Вељаноски: „Се знае што има за цел референдумот и се знае дека волјата на граѓаните е највисока и таа се почитува на крајот и затоа – да, референдумот, ве послушувам за советот, господине Вељаноски, ќе биде задолжителен, не консултативен“.
Само по 9 дена следува нова референдумска изјава-дилема: „Она за што се согласувам со опозицијата е дека референдумот треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки.“ Дури ни референдумот не им беше повод на уставореформаторите да ги објават уставните измени. Како што наскоро ќе дознае и ОЈО, премиерот Заев само две недели пред референдумот изјави: „Верувам дека презентацијата ќе биде штом ќе биде готова од страна на официјалните државни комисии што би работеле на уставни промени. Не може да се иницира правно-формално ваква постапка, заради тоа што тоа би значело прејудицирање на волјата на граѓаните. Јас сакав уште сега ако може да се презентираат, да ги видат граѓаните, како тоа излегува, но со сето тоа ќе се прави (не)пријатно влијание врз граѓаните, а граѓаните треба навистина слободно да одлучат во овој период“. Веќе по ова ќе им стане јасно дека сами не можат да ја истераат истрагата за ваков комплициран и замрсен случај… Ако се антиреформаторски расположени, ќе се откажат и ќе си продолжат по старо. Ако сакаат реформи и де факто, ќе си ги засукаат ракавите уште повеќе.
Ако не се откаже од „реформскиот правен лавиринт“ и ОЈО продолжи да „копа“ до денешен ден, ќе ја сретне и информацијата за тоа како се одвиваше седницата на Собранието на 19 октомври, кога сите народни пратеници беа на целодневен престој во Собранието, обезбедувани од специјални единици, во трауматична атмосфера, очекувајќи го „судното“ гласање. Парламентарна драма со изгласано учество за гласање кон промените на Уставот, со обезбедено мнозинство од 80 пратеника, но недостигнато двотретинско мнозинство од 81 пратеник. И на овој чекор ќе мора да се консултира Уставен. Ќе знаат ли да се изјаснат деветте мудреци мудро, или повторно ќе биде итро? А кога сме кај мнозинствата, да не треба ОЈО да прави пребројување на пратениците што гласале „за“ изборот на Талат Џафери на функцијата претседател на македонскиот законодавен дом?
Која „Пандорина бомба“ ќе биде ова, како продолжение на „Вистината за Македонија“! За мене, важно е да биде последна… Кој ќе ни го врати времето загубено во сеири, трачарење, булинг, читање и гледање информативни содржини за кој/што/кога/каде/како/со кого, истражување на непознатите поими, личности и информации, политички разговори по клупи и кафиња? Народот го искаливте како експерт за разузнавање, политика и политикантство. Народот си знае кој е и како ќе тера по патот, кој ќе видиме дали ќе е „европски“
Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ