Владата опстојува тврдо во аплицирање на добрите проверени средновековни методи во сузбивањето на епидемијата. Тренира тоталитаризам врз сопствениот народ. Во 21 век. Реално, тоталитарната матрица на однесување никогаш и не ѝ била туѓа на
владејачката гарнитура. Отсекогаш ѝ личела
Ако појавата на коронавирусот нѐ научи нешто надвор од потребата за зголемена хигиена, тоа е дека прва жртва на пандемијата е политичкото лидерство.
Се прашувам дали и колку нашево воопшто може да го наречеме лидерство. Поточно, би го нарекол лидерство на некомпетентност. Добре дојдовте во најтемниот час на политичкото лидерство во Македонија. Најстрашна бура во најлошо време. Бидејќи бројот на заболените од вирусот расте, како и бројот на починатите, држава со некомпетентно лидерство, одложени реакции и неуспех да ги следи примерите на другите и советите на експерти се вклучи во опасна игра на расчленување и замаглување на одговорноста и негирање на реалноста. Која, се плашам, ќе нѐ чини дополнителни животи и ќе го одложи решението на кризата на подолго време.
Во алтернативен универзум, во Македонија при појава на вирусот брзо се идентификува патогенот, се затвораат границите, започнува невидена кампања за негово искоренување преку брзо идентификување на оние што се заразени, следење на луѓето со кои контактирале, изолирање на носителите на вирусот и запирање на неговото ширење. Преку оваа тројна стратегија – тест, трага, изолација – победен е вирусот. Македонија е спасена и животот се враќа во нормала.
За жал, реалноста е сосема поинаква. Во новата реалност генерирана од коронавирусот станувате свесни за неспособноста и некомпетентноста на оваа влада да одговори на предизвикот. Со погубни последици по животот на нацијата. Или народот на „Северна Македонија“. Кој како милува.
Очигледно Владата прави малку за да ја смири растечката паника за кризата со коронавирусот, затоа што не успева да ја објасни својата стратегија, ако воопшто ја има, и затоа што е заглавена во политичка самобендисаност толку долго, што предизвикот на вистинското лидерство за неа е надвор од нејзиниот ментален опсег.
Наместо одговорот на пандемијата да биде брз и единствен, соочени сме со несоодветни и задоцнети мерки на Владата, некоординираност, недостиг од медицинска опрема, недоволен капацитет за тестирање, недоречени и несоодветни процедури и протоколи за менаџирање со потенцијално изложени патници на вирусот што се враќаат од странство и, секако, неконзистентност во аплицирањето на мерките за изолација и карантин.
Последниот случај во Ченто е потврда за политичкиот и институционален неуспех на системот и можностите за ублажување на пандемијата.
Ченто е само потврда на недостиг од брза, јасна и конзистентна насока за борба со коронавирусот, која сѐ уште одржува свест кај мнозинството народ дека епидемијата не е полоша од обичен сезонски грип. Кога имате политичари што не инспирираат поголема доверба кај народот за обемот на предизвикот што го носи пандемијата, може само да проектирате дека правите нешто за да се постигне успех во справувањето со кризата. А вие, всушност, мерките ги дизајнирате од ден за ден, копирајќи ги оние што веќе се генерално усвоени за справување со вирусот. Главно, кинеските и оние од нашиот северен сосед. Додавајќи нови, како што е вадење на војската на улица, како редари. Нема што, креативен одговор на справување со кризата на земја-членка во НАТО. Гротеска.
Однесувањето и изјавите на нашите политички лидери се видлив знак на длабоки нивоа на дисфункционалност на системот за справување со кризни ситуации. Кога го гледате тоа, природна е недовербата во способноста на системот дека ќе се справи со вирусот.
А и комуникациската стратегија на Владата во контекст на кризата е единствена досега позната пиар-стратегија за вакви ситуации. Човек да се „сожали“ кога го гледа министерот за здравство во улога на портпарол, кој инстинктивно избегнува да признае дека нема одговор на одредени прашања поврзани со справувањето со кризава, од страв дека ќе покаже слабост. Притоа, заборава на поголемата опасност во моментов, а тоа е губење на довербата на јавноста во владините напори да се справи со вирусот. Како не гледа дека луѓето го сакаат како доктор, а не како бирократ. Во бел мантил, наместо во костум.
Ваквата комуникациска стратегија ја потврдува старата добра теза дека луѓето се само статистичка бројка во време на војна. И во време на пандемија од ваков обем. Токму таков е одговорот на министерот портпарол на притисокот да го нахрани јавниот апетит за информации.
Кризата со коранавирусот се движи кон својот врв. Владата опстојува тврдо во аплицирање на добрите проверени средновековни методи во сузбивањето на епидемијата. Тренира тоталитаризам врз сопствениот народ. Во 21 век. Реално, тоталитарната матрица на однесување никогаш и не ѝ била туѓа на владејачката гарнитура. Отсекогаш ѝ личела.
Притоа, или не знае или некој треба да ѝ каже дека има и поагилни и пософистицирани стратегии за справување со коронавирусот. И дека е време да ја врати довербата на општеството во науката и експертите, дозволувајќи таквите луѓе да водат и советуваат, за да ги минимизираат штетите од коронавирусот, колку што е можно повеќе. Сега не е време за наши и ваши. Ама, кога гледам како почнаа да ги омаловажуваат и напаѓаат експертите што мислат дека треба поинаков пристап во сузбивањето на епидемијата, станува јасно дека власта повеќе е загрижена за својот политички опстанок, отколку за здравјето на луѓето.
Не можам, и да сакам, да ја негирам реалноста. А реалноста е дека ова е време на новата чума, ковид-19, но и време на пандемија на неспособност. Која ја плаќаме веќе долг период. А ќе ја плаќаме и понатаму. Сѐ додека имаме вакво политичко лидерство.