Во многуте текстови што ги читав (читам) за коронавирусот, посебен впечаток ми оставија пораките што основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, ги сподели во своето последно обраќање посветено на пандемијата. За нешто слично, за некои нови болести и епидемии предизвикани од непознати вируси што ќе покосат милиони животи, тој пророчки говори, укажува и предупредува на таквите можности уште пред четири години. Притоа не мисли само на сегашнава пандемија туку на нешто што ќе дојде по некоја деценија. И уште отсега донира милијарди долари за да се најде начин навестените последици да се ублажат, ако веќе не може да се спречат.
Интересноста, вредноста на последните пораки на генијалниот Гејтс не е во сферата на големите фрази за значењето на медицината, развојот на науката или на некакви нови откритија во техничко-технолошкото иноваторство туку во употребените наједноставни зборови преку кои го нагласува она на што нѐ потсетува овој вирус.
Не открива ништо ново, нѐ потсетува на она што го знаеме сите, ама не умееме така да го кажеме или не им го даваме вистинското значење зафатени со лагодниот живот. Дури и кога ќе го чуеме, едноставно го забораваме, од едно уво влегло, на друго излегло.
Овој пребогат човек, прв или втор по богатство во светот, овој голем ум, нѐ потсетува дека забревтаното општество, светот што лета напред, ги заборава основните универзални, цивилизациски вредности и човечки животни потреби. Нѐ потсетува дека како луѓе, и здрави и болни, сите сме рамноправни, без оглед на нашата култура, религија, професија, финансиска состојба или слава.
Нѐ потсетува дека сите лажни граници што се создадени во светот имаат сосема мала важност, затоа што на вирусот не му треба пасош. Посебно укажува на тоа колку материјалистички станал светот и како само во тешки времиња (кога сме болни или во некаква мака) се сеќаваме на она што ни треба за преживување. Храна, вода и лекови се најосновните нешта наспроти луксузните добра на кои честопати им даваме незаслужена вредност. А нè потсетува и на важноста на семејството и животот во нашиот дом и колку сме ги запоставиле нив во беспоштедната трка за кариера, пари и слава. Во неговите зборови се насетува критика на изгубената солидарност меѓу народите и луѓето, на просецот на глобална дехуманизација што завладува во светот. Кога ова го кажува Гејтс, не може а да не му се верува.
Да не е од моја страна претерано, но преведено, овие гледања на Гејтс може да се сведат на познатата изрека – секому на крајот му следуваат само два метра земја. Што и да поседува човек, ништо не може да однесе на оној свет, дали во гроб или во урна.
Неговите предвидувања и пораки не само што изгледаат реално туку може да се покажат и како пророчко-митски. Не говори за уништување на светот, туку за негова обнова, за враќање на изгубените вредности, за заштита на природните ресурси и чување на семејниот живот и личниот образ. А да има човек образ, денес е голема работа
Гејтс сигурно не спаѓа во оние луѓе што се приврзаници на светски заговори, не е припадник на некоја мистична секта, групи или поединци што во појавата и ширењето на коронавирусот гледаат замешаност на божја волја или прсти на други непознати сили. За разлика од овој генијален ум, не е мал бројот на оние што во пандемијата од ковид-19 гледаат почеток на крајот на светот како божја одмазда заради претераната раскалашеност, расипаност, неморалност, алчност, неверување во Бога и неправедност што владеат насекаде.
Не само црковни лица, не само мистици и тајни друштва туку и светски интелектуалци ширењето на заразата на сите континенти го толкуваат како божја порака да се исправи патот по кој се движи светот, да се освестат луѓето дека претераната леснотија со која се однесуваат и удопствата во кои живеат се само навидум вечни, дека може да исчезнат само за еден миг. Притоа прават споредби со митолошки и вистински настани од постанокот на светот, бараат тајни книги, ги препрочитуваат пророштвата на Нострадамус или на Баба Ванѓа, обидувајќи се да ги поткрепат своите катастрофични навестувања. Такви луѓе, кои во сѐ гледаат некаква природна (не воена) закана со црн исход, имало и ќе има, историјата не е скудна со записи за планетарни катастрофи.
Еден таков запис, во христијанскиот свет најпознат, е потопот што е опишан уште при првите страници во Библијата, поврзан со Ное и неговото време, иако такви описи има и во сумерски, старогрчки, индиски, ацтечки и други народни книжевни епови. Речиси нема човек што не ја знае библиската приказна или не чул за дедо Ное, за неговата арка, за гулабот и маслиновото гранче или за планината Арарат. Затоа само накратко ќе ја раскажам легендата од пред три илјади и шестотини години, обрнувајќи внимание на причините зошто дошло до него. Тој е симбол за планетарна катастрофа и за обнова на животот по неа.
Значи, во тоа време лошотиите меѓу луѓето на земјата станале големи, сите мисли и помисли во срцата нивни биле зли, земјата се испорасипала и се исполнила со неправди. Адам и Ева го направиле првиот грев каснувајќи од јаболкото на спознанието и биле избркани од рајот, Каин си го убил брата си Авел. Низ тогашниот свет владееле неморалот, блудот и развратот, инцестот и хомосексуалноста биле нормален дел од животот, не се знаело ни род ни пород, татковците ги земале ќерките за жени, исто така браќата и сестрите. Луѓето меѓу себе немале никаква доверба, бескарактерноста и бесчестието биле главни човекови карактеристики. Се лажело, се мамело, се крадело, ништо живо не се почитувало. Се јадело сѐ и сешто, до куче и маче, живо и мртво, крв се пиела. Кога согледал Господ што се случува (а тој секогаш гледа од горе што се прави долу на земјата), се покајал што го создал човекот и огорчен си рекол: „Како казна за човечките гревови ќе ги истребам луѓето од земјата, од човекот до животните, ѕверовите и птиците небески, до сѐ што е живо“. Рекол и не порекол. Зборот си бил збор, од зборот до реализацијата не поминало многу време, додека избраниот праведен Ное не го подготвил ковчегот каде што ќе смести по примерок од сите животни, птици и растенија.
Пуштил Господ дожд и целата земја ја поплавил со вода. Леело без да запре четириесет дена и четириесет ноќи. Височината на водата достигнала до врвовите на планините. Загинало и изумрело сѐ што се движело по земјата, што летало на небото или пливало во водата. Водата се издигала над земјата сто и педесет дена, а потоа ковчегот запрел на врвовите на планината Арарат, на Кавказ, на границата меѓу денешните Турција, Ерменија и Иран.
Според библиската приказна, само осум луѓе го преживеале потопот. Тоа биле Ное и жена му, тројцата синови и нивните жени и сите одбрани, чисти и нечисти животни, птици, риби и растенија, сѐ што денес има на светов. Кога Ное почнал да ја делка арката имал 600 години, а по потопот живеел уште триста и педесет, вкупно 950. Татко му живеел 753 години. Негов дедо бил Матусал (Метузалем), кој живеел 969 години, најстар човек запишан во некој запис. По 352 години од потопот се родил Авраам, прататкото на Евреите и оттогаш нивниот број пораснал „толку колку што има песок крај морето“. Ете, од тој песок излегле и Бил Гејтс и многу други еврејски генијалци во сите области.
По потопот му се јавил пак Бог и му рекол на Ное: „Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот и нема повеќе да ги уништувам живите суштества. Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.“ И ја обновил својата порано донесена одлука за должината на човековиот живот. Имено, за да не се шири толку многу лошотијата низ светот, Господ решил луѓето да не живеат многу долго. Животот на човекот, неговото најсвето создадено дело, го ограничил на 120 години. За погоре кажаното сакате верувајте, сакајте не верувајте, но така е напишано во Светата книга. А дали тоа божјо решение е на човекова штета или за негова среќа, оценете сами.
Во симболиката, потопот колку што е знак на пропаст, уште повеќе е знак на прочистување, ’ртење и обновување. Еден потоп уништува само затоа што дотогашните форми на живот се искористени и потрошени, тие треба да се поништат за да може повторно да се појават, ако во одредени периоди не се регенерираат, сосема ќе исчезнат. По него, секогаш следува ново време, ново човештво и нова историја, како по големите војни.
Потопот најчесто го поврзуваат со човечките гревови, непочитувањето на световните и божјите закони, со кршењето на пишаните и непишаните правила како од властите така и од луѓето. Тој е вечна тема, иако е јасно дека ниту донел прочистување, ниту пак Бог ги истребил грешните, нечесните, лошите, ниту го решил проблемот со злото, воопшто. Тие си се множат како ништо да не било, се регенерираат за да не исчезнат. Но реалноста е што во таквите неволји најмногу страдаат сиромашните и обичниот свет, иако судбината не можат да ја избегнат и оние што се држат до изреката „после мене, потоп“.