Ковид-19 предизвика голем број жени да ги напуштат работните места токму кога беа многу потребни на лидерските позиции, вклучувајќи го и јавното здравство. Без експертизата на жените, лидерските вештини и посебните перспективи, патот кон обновата ќе биде значително подолг и ризикуваме да не бидеме доволно подготвени за следната здравствена криза
Една од четири американски жени размислуваат да ја променат работната позиција за пониска или да ја напуштат работата воопшто поради влијанието на ковид-19. За само една година, пандемијата избрка повеќе од два милиони жени во САД од работното место, што доведе до најголемиот јаз во невработеноста меѓу мажите и жените во последните две децении.
Особено беа погодени вработените мајки, од кои повеќе од 40 отсто се примарниот извор на приходи во нивното семејство. Многу од нив не беа во можност да држат рамнотежа со нивните кариери со огромното зголемување на одговорностите во домаќинството. Ова одразува слични трендови на светско ниво, па така во сите региони жените ги изгубија работните места со повисока стапка од мажите во 2020 година, бидејќи во просек неделно добија уште 30 часови за згрижување на децата.
Ковид-19 предизвика голем број жени да ги напуштат работните места токму кога беа многу потребни на лидерските позиции, вклучувајќи го и јавното здравство. Без експертизата на жените, лидерските вештини и посебните перспективи, патот кон обновата ќе биде значително подолг и ризикуваме да не бидеме доволно подготвени за следната здравствена криза, особено со оглед на јасните родови ефекти на пандемијата.
Кога жените се на лидерските позиции се покажа дека тоа дава повеќе политики што го подобруваат квалитетот на животот на луѓето и ги одразуваат приоритетите на семејствата и на маргинализираните заедници, токму групите што се непропорционално погодени од оваа пандемија. Во однос на светското здравје, гласовите на жените се клучни за придвижување на целна, холистичка акција за важни предизвици, кои премногу често се пропуштаат кога огромното мнозинство на донесувачи на одлуки се мажи.
Кога жените не се на преговарачката маса, последиците се сериозни. Оваа пандемија доведе до зголемување на семејното насилство и суспензии или одложувања на услугите за сексуално и репродуктивно здравје, честопати оставајќи ги неподготвените влади да се борат да одговорат. Предолго ни недостигаа податоци поделени по пол, вклучувајќи и за тоа како инфекцијата со ковид-19 и вакцинацијата влијаат врз бремените жени, само затоа што истражувачите не ги испитуваат овие прашања редовно. Ние ќе продолжиме да се бориме за овие и за други прашања, освен ако жените не бидат почесто вклучени во донесувањето одлуки.
Но додека полека чекориме на патот кон обновата од штетите што ги предизвика пандемијата, имаме можност да прифатиме нови и подобри начини на работа, така што родителите нема да има потреба да избираат помеѓу својата кариера и нивните семејни одговорности и наедно жените да можат да напредуваат и да водат. Во рамките на светското здравје, како и во другите области, ова започнува со признавање и рушење на бариерите и повикување на оние што се на позиција на моќ да ги прифатат потребните промени во политиките, распределбата на ресурсите и културните норми.
За почеток, ние мора да ги направиме нашите работни места попријателски настроени кон семејството преку мерки како што се флексибилни распореди, субвенционирана грижа за деца и семејно отсуство. Ние, исто така, мора да ги решиме сексистичките предрасуди што ги спречуваат жените во нивните кариери, вклучувајќи погрешни, негативни претпоставки за мајки, кои имаат негативни импликации во одлуките за вработување и унапредување.
Понатаму, треба да признаеме дека предизвиците поврзани со пандемијата не ги засегнаа сите жени еднакво. Во САД, како и во многу други земји, жените што веќе се соочуваат со дополнителни пречки, без оглед дали се од афроамериканската и латиноамериканската заедница или самохраните мајки, имаа уште поголем товар. Ние мора да се залагаме за политики што можат да ја поправат оваа нерамнотежа. Ваквите политики особено треба да вклучуваат универзална грижа за децата што помага да се решат нееднаквостите со кои се соочуваат маргинализираните жени.
Жените не треба да ги жртвуваат своето здравје, работа или лидерски потенцијал во потрагата по митската „рамнотежа меѓу работата и животот“. Најдоброто лидерство што можеме да го исцрпиме од целото човештво, а не само од 50 отсто од него е потребно за подобрување на здравствените резултати и благосостојбата на луѓето во светот.
Милиони жени веќе ги напуштија работните места за време на оваа пандемија и многу други размислуваат да го сторат тоа. Ако не постапиме сега за да го промениме овој тренд, јазот може да стане непремостлив. Не можеме да си дозволиме да ги изгубиме самите луѓе, кои ќе ни помогнат да се извлечеме од оваа вонредна здравствена криза, но наедно и оние што нè чекаат во иднина.
Авторките се претседателка на Конзорциумот на универзитети за светско здравје и професорка по медицина и тропски болести на универзитетот „Стенфорд“ и висока соработничка во фондацијата на Обединетите нации